Утринско кафе со Алек Палада: Сакам сончеви денови кои ми значат среќа

Како фризер и шминкер повеќето утра ми започнуваат на работа. Неретко знам да станам доста рано да искористам теретана или утрински џогинг, а исто така знам да испијам кафе во дворот во тишина и да се наполнам со креативност за денот што претстои, а доста често кафето го пијам на балконот во Студио Паллада со мојот тим.


Првото нешто што го правам кога ќе се разбудам е излегувам надвор да го видам времето. Сакам сончеви денови кои ми значат среќа, а мотивацијата како фризер или шминкер, ја барам во луѓето со кои што работам. Желбата да бидат поубави и посреќни за мене е доволна мотивација да направам за секој посебно ремек дело.


Денот ми започнува со утрински тренинг или џогинг, но доколку сум надвор од Македонија, а често патувам, таму денот ми започнува и ми завршува спротивно од овде. Немам време за водење здрав живот, нити премногу време за себе. Во меѓувреме отворив Атеље за венчаници и тоалети, кое го води мајка ми, па несебично знам до доцните часови навечер да заглавам со дизајнирање на фустани или изработка. Тоа значи дека немам баш многу време за приватен живот.


Сакам да можам да ја испланирам вечерта, но кај мене е невозможно. Но, знам често да соберам околу мене луѓе што ми се драги и да седнеме во дворот со убаво мезе и некоја пијачка, а знам и да им се посветам на внучињата од сестра ми и никогаш не ми е здодевно.


Како и сите луѓе во денешно време, телевизорите ги купуваме повеќе за украс отколку што ги користиме. Филмови често гледам на кино и знам да ја искористам последната проекција навечер и да изуживам во некој sci-fi филм. Книги сакам и често читам, најмногу кога патувам или на плажа. Омилени ми се романите со животни приказни, а исто така сакам психолошки книги со поучна цел.


Алек Палада - фризер и шминкер