Утринско кафе со Александра Јовановска: Работниот ден ми започнува уште дома

Утринското кафе го пијам сама во мојот дом. Нејчесто станувам помеѓу седум и осум часот наутро во зависност од обврските, а мојот прв ритуал од неодамна не е кафето, туку билен чај или млака вода со цеден лимон за детоксификација. Потоа следува протеински појадок, а дури на крајот кафе без шеќер, коешто го пијам пред компјутер дури се подготвувам за работа и ги проверувам добиените мејлови и пораки и ги читам најновите утрински информации. Тука го дефинирам и планот за работните обврски, а многу често преминувам и во акција со телефонските повици, така што работниот ден ми започнува уште дома. Активна сум веднаш штом се будам и со споменатите промени коишто ги воведов во исхраната се чувствувам свежо и енергично во текот на целиот ден, а потребата за второ кафе доаѓа дури после ручекот. Сега веќе не сум новинар којшто пие канцелариски кафиња со колегите на секои два часа (се смее).

Јас сум човек којшто новата работна сезона од септември ја започнува со план до следниот септември, а истото важи и за нов годишен план, кој најчесто нетрпеливо го пишувам некаде во ноември. Сакам да запишам во тефтерот и навидум невозможни работи, кои за година две стануваат реалност. Барам шаренило, возбуда, нови нешта, сакам да ја гледам големата слика, а дневните обврски се само мал мозаик од неа. Кога ќе поминете толку многу снимања во земјата и странство, јавувања во живо и отворени програми што траеле и по осум часа почнувате да го владеете занаетот, па снимањата сега, на терен или во студио, се усвоена пракса, што не значи дека не се забавни. Луѓето ме перцепираат како водител на музичко-забавна емисија, но јас тоа го гледам дури и како последно од моите звања и обврски во телевизијата. Деновите за планирање и осмислување на содржините, комуникација со гостите, координација со екипата, монтажите и слично се само дел од тековните обврски во телевизијата за неделата којашто заминува, а веќе треба да се планира следната. Нашата новинарска работа никогаш не завршува, дури и кога мислиме дека сме сработиле се за тековниот ден, некој ќе пише и ќе се јави во ниедно време со некоја нова информација, па ќе ги направите сите потребни и можни измени, за да излезете в пресрет и да отстапите некому медиумски простор.

За мене работата е љубов, задоволство, сон и мора да ми биде удобно во сопствените чевли. Знам дека сум доволно среќна да го работам она што било мој детски сон, во телевизијата којашто ми го всадила тој стремеж. Посебен мотив не ми е потребен, мојот избор е едноставно вистинскиот и тоа ме одржува. Не можам да работам се, само поради тоа што ми се нудат убави финансии, прифаќам нови предизвици, но и знам каде ми е местото, знам точно што сакам. Секогаш се трудам да извлечам максимум од дадената ситуација и на крајот на денот тоа е она што ме прави вистински задоволна, чувството дека сте дале 100% од себе. Сакам да учам, да напредувам и да си задавам нови предизвици во услови кога иницијатива нема од околина. Вистинскиот успех доаѓа споро, но трае и никој не може да ви го одземе, ниту оспори.

Јас сум човек којшто живее во движење, не сум тип којшто брза дома, па пред да си одам од работа најчесто вртам телефони кај моите пријатели, за да видам дали е некој слободен и расположен за доцен ручек или вечера. Најчесто имам среќа, па релаксирана вечера со чаша вино во некој скопски ресторан или во домашни услови значи и крај на денот за мене. Убави се и оние работни вечери, кога сме некаде на концерт, промоција, фестивал или друг настан.

Сакам и да читам и да гледам филмови. Во еден период од мојот живот како студент на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот Факултет мислам дека читав и по една книга на ден, за различни предмети. Научив да читам и по двесте страници на ден. Сега најчесто препрочитувам класици, или книги коишто ги немаше во превод на македонски јазик во тој период или одбирам наслови во оригинал, за да вежбам некој странски јазик. Читам и стручна литература за ТВ и филмско сценарио, би сакала во скоро време да ги комплетирам моите есеи, па и да ја одбранам магистратурата на Факултетот за Драмски Уметности. Според ова гледам и филмови, да, би било убаво да развијам и некое сценарио, само да најдам време за сето ова (се смее).