Утринско кафе со Елена Николовска: Ме мотивира желбата за трансформација кај луѓето

Се будам, отварам очи и заминувам на трчање. Од неодамна тоа стана дел од моето секојдневие покрај сите други обврски кои ги имам во моето студио за убавина „Social Hair Salon“. Првото утринско кафе го пијам токму таму, најчесто сама, во мир и тишина пред целата бура од луѓе која следи во текот на денот. 


Ме мотивираат позитивни, храбри и енергични луѓе. Ме мотивира желбата за трансформација кај луѓето. Најголемата мотивација ми се задоволните насмевки на моите клиенти. Нивните позитивни критики, насмевки, сугестии ме мотивираат да создавам и да бидам покреативна во тоа што го работам. 


Со мојот тим имаме една традиција со правење трансформација еден ден во неделата (најчесто понеделник) па поголемиот дел од времето го поминувам во пронаоѓање инспирација што би било следно. Денот ми завршува доцна, поради работните обврски. Вечерта ми е резервирана за пријателите или посветена на љубовта... Вечерните излегувања најчесто ги заменувам за прегратките на саканиот. 


Нема поголема мотивација од љубовта за да бидеш подобар секој нареден ден. Најчесто читам книга на плажа, тоа ми претставува вистинско опуштање. Сакам да погледнам добар филм, одам во кино често, но знам и да изнајмам филм и да го погледнам пред заспивање.


Елена Николовска - фризер