Утринско кафе со Кирил Кироски: Во искрената насмевка на внуката наоѓам мир и спокој

Денот ми започнува во 08:00, по што, како зависник од кофеин следува неизбежното матење на првото утринско Нескафе, кое го пијам сам, релаксирано, каде по проверка на социјалните мрежи, порталите и e-mail, правам план и распоред како ќе ми тече работниот ден и кои обврски ми следуваат. Но, неретко се случува да излезе и некоја непланирана активност, па првото утринско кафе да го пијам во автомобил, возејќи до моето работно место. Како и секој млад човек, се сметам себеси за енергичен, амбициозен и екстремно мотивиран. Она што ме мотивира и ме движи напред е секако желбата за постојано унапредување и надградба, како на личен, така и на професионален план. Голема мотивација и поддршка наоѓам и кај моите најблиски, односно родителите и мојот брат, кој од секогаш ми бил пример за млад, среќен, исполнет и успешен млад човек. 


Штом пристигнам на работното место, заедно со колегите и најблиските соработници одржуваме краток состанок, каде споделуваме кој какви обврски има во тековниот ден. Секако, неизбежни се и муабетите за фудбалот, анализа на нашите натпревари, како и натпреварите на нашиот следен противник. Работата во ФК Вардар како најголем спортски бренд во Македонија е доста динамична, па можам да кажам дека секој работен ден е различен. Многу состаноци, телефонски повици, читање и праќање на мејлови, организација на следниот натпревар, како и посета на Тренинг Кампот на Вардар во населбата Хиподром се само дел од обврските. Како инженер по струка, јас сум добар организатор на работниот „процес“, но и голем перфекционист, па сакам се да биде совршено.


По завршување на работните обврски, одам во домот на моите родители на семеен ручек, каде неизбежно е и следењето на информативните дневници и разговорите, особено со мојот татко за разни политички и спортски случувања. Потоа следува играње и гушкање со личноста која го промени мојот живот, внуката Ана. Времето поминато со неа за мене е бесценето, бидејќи во нејзината искрена насмевка го наоѓам својот мир и спокој. Секако, ми годат и нејзините зборови дека јас сум најдобриот чичко на светот.  Вечерта најчесто ја минувам во дружба со тесен круг на пријатели, личности кои ме полнат со позитивна енергија, најчесто со различна професија од мојата, па водиме долги разговори на различни теми. Тоа се луѓе на кои можам да им се доверам и бескрајно им верувам. 


Како човек со дедо писател, книгите се неизбежен дел од мојот живот. Сакам да прочитам добра книга, особено за време на викендите. Најчесто читам автобиографии на познати личности, трилери, но и книги со историска тематика. Како голем филмоман, секоја вечер гледам по некој филм, а често одам и во кино. Сакам и серии, па со нетрпение сега ја чекам новата и последна сезона на House of Cards. 


Кирил Кироски - Заменик извршен директор на ФК Вардар