Утринско кафе со Ксенија Деспотоска: Обожавам да готвам

Добивај вести на Viber

Денот дефинитивно ми започнува со првото утринско кафе и мојот лаптоп. Сакам да уживам во својот мир наутро и тие некои 15 минути да си ги поминам сама со себе и да гледам нешто што ми е интересно во тој момент. Така си ја полнам енергијата и сум подготвена за сите предизвици што ги носи остатокот од денот.

Моите дневни планови се доста различни, секој ден си е посебен и секој ден имам различни обврски. На пример она што најчесто е исто, тоа е утринската и вечерната рутина, наутро го пијам моето кафе како што веќе кажав и уживам во тој мој мал ритуал кој ме прави среќна, потоа следи разубавување кое ме прави да се чувствувам многу поубаво, минимална дневна шминка за поголема самодоверба, чиста облека и парфем. Потоа, тоа може да биде сликање, снимање видеа, едитирање на слики и видеа, состаноци, дружба со пријатели и слично. Обожавам да готвам, така да секогаш гледам да спремам ручек и тоа е една од рутините кои се константни скоро секој ден.

Мотивација ми е желбата за живот, желба за подобра јас и желбата за остварување на моите цели, едноставно сакам да се чувствувам исполнета, задоволна и горда на себе. Исто така и желбата да, освен што јас ќе се чувствувам така, да можеби направам и некој друг да се чувствува убаво. Тоа ми е најголемата мотивација во животот.

Денот ми завршува најчесто дома, не сум тип што претерано сака да излегува, повеќе ја сакам домашната атмосфера. Вечерта ја минувам со мојот дечко, со кој живееме заедно. Најчесто гледаме серија или филм. Пред да легнам секогаш си посветувам повторно време само за себе, ја вадам шминката, затоа што негата на лицето е најважна, односно основата пред украсите. Ако имате добра основа, украсите уште поубаво ќе изгледаат. Средувам се’ што ми е несредено за следното утро кога ќе станам да се чувствувам поубаво. Ова ви се некои трикови за подобро расположение и посреќен ден.

Книга или филм?  Јас би рекла во мојот случај иако можеби не е пофално, преферирам филм, бидејќи никогаш не сум била љубител на книги. Едноставно сум човек кој нема трпение и ако во моментот не можам да ја дочитам, нема никогаш... Но, гледам моите маани да ги променам, така да се надевам дека ќе успеам повторно да го засакам читањето, затоа што ми фалат повеќе книги во мојот живот. Сакам да почнам повеќе да читам.

* Ксенија Деспотоска, моден блогер