Утринско кафе со Моника Илиева: Сакам да креирам и да реализирам приказни

Добивај вести на Viber

Денот најчесто ми почнува во 5 часот сабајле. Станувам, вежбам околу еден час, појадувам, читам некоја инспиративна статија и почнувам со работа. Првото кафе го пијам најчесто со мојата најдобра другарка која е истовремено и вработена во нашата компанија Cafe De Anatolia. Tоа е Сања која ми помага во извршувањето на моите работни цели. Заедно дискутираме за работните обврски кои следат во текот на денот. 

Утрото ми е наменето за поставување на приоритети кои ќе ги следам во текот на денот заедно со тимот. Kонстантно се консултирам и комуницирам со соработувачите, дистрибутерите, компилаторите и артистите/изведувачите кои ѓи застапуваме, а потоа и секако консултациите со татко ми a.k.a Billy Esteban кој е соосновач на компанијата и моментално најекспонираниот артист во Cafe De Anatolia како и мојот брат Nickarth кој верувам дека на сите во Македонија им е веќе познат.

Работните обврски се состојат од потпишување договори, решавање на проблеми со дистрибуцијата, телефонски повици тука и во странство, како и правење на маркетинг стратегиии за секој изведувач поединечно. Бидејки повеќето од артистите потекнуваат од различни страни на светот,  најчесто комуницираме на англиски јазик што понекогаш знае да резултира со мали слатки недоразбирања (се смее).

Секој ден се трудам да одвојам барем 2-3 часа и на пишувањето на мојот магистерски труд кој го спремам за FDV- Fakulteta za Druzbene Vede* (Факултет за Општествени Науки) кој се наоѓа во Љубљана, Словенија. Бидејќи темата ми е поврзана со маркетингот во музичката индустрија, и не е толку тешко да се продолжи работниот ден, уште некој час плус.

Уште од мали години имав чувство дека треба да постигнам нешто големо, нешто несекојдневно и невообичаено. Отсекогаш сум била добра во замислувањето на работите уште пред да станат опипливи. Тип на визионер. И мислам дека тоа е она што ме мотивира на секојдневна база. Сакам да креирам и да реализирам приказни. Во овој случај со Cafe De Anatolia ме мотивираше и уште ме мотивира приказната. Пустини, песок, мистерија, магија, пирамиди, ориентални вибрации односно доживување. Тоа е она што сакамe да се обидеме да му го пренесеме на светот.

Денот ми завршува кога ќе ги завршам сите обврски. На крајот од денот времето го поминувам поопуштено, со фамилијата, пријателите, блиските личности или момчето во гледање на некој филм или опуштен разговор со чаша вино.

Во принцип сум повеќе визуелен тип, сакам да гледам повеќе отколку да читам, но да, во текот на денот сакам да прочитам и некоја бизнис статија од која што нешто и ќе научам. Најмногу сакам да читам книги за личен развој како и биографии за успешни луѓе. Последна книга што ја прочитав е Lean In: Women, Work, and the Will to Lead од Nell Scovell и Sheryl Sandberg. Препорачувам!

* Моника Илиева, CEO и cofounder на Cafe De Anatolia