Утринско кафе со Силвана Јовановска: По природа сум човек кој сака авантури

Мојот ден речиси секогаш започнува турбулентно. Не сум ранобудник и тоа ми претставува проблем при извршување на секојдневните обврски, па затоа речиси секогаш знам дека многу доцнам. Затоа првото утринско – попладневно кафе го пијам на работа со моите колеги и истовремено ги завршувам обврските.


Мотивација секогаш ми дава работата. Откако се откажав од новинарството, се посветив на туризмот. Со години работев кај луѓе кои за жал нималку не го ценеа мојот труд, па затоа решив да отворам сопствена агенција и целата мотивација и предизвик, го насочив токму тука. Ме мотивираат позитивните коментари од моите патници, кога задоволни ќе се вратат после успешно реализирана тура. Секој атом од моето тело е посветен на работата и желбата за успех и немам намера да запрам, штотуку почнав Сите лоши искуства од претходно се трудам да ги акумулирам во нешто подобро и успешно, додека на сите обиди за провокација и сопки кои ги има доста, воопшто не обрнувам внимание и продолжувам посилно.


Некогаш мојот ден на лето беше многу бурен и исполнет со обврски, со оглед на тоа што цели пет години бев стационар и водич на островот Крф и се справував со секакви проблеми, но истовремено беше благослов да се биде на море. Тие времиња многу ми недостасуваат, бидејќи по природа сум човек кој сака авантури. Оваа година имам малку поинаква улога, а тоа е канцелариската работа која ја избегнував, бидејќи не можам да бидам во затворена просторија, но и тука си го пронајдов своето место. Комуникацијата со луѓето е тоа што ме прави среќна. Со мојата професија речиси никогаш нема слободно време, но секогаш наоѓам време да возам велосипед, бидејќи тоа е мојот издувен вентил и ме релаксира. Сакам да се дружам со пријателите, да се смеам и да бидам во друштво на позитивни луѓе, а во последниов период има повеќе такви околу мене, кои на мојот избувлив карактер, знаат како да влијаат и да ме смират кога ми доаѓаат непромислени идеи 

Јас сум дете израснато во Скопје и Америка. Уште од најрана возраст имав среќа да го зборувам англискиот јазик течно, а тоа се должи на читањето и гледањето филмови, со цел да се надградам и вклопам во средината. Токму таа љубов кон пишаниот збор ме натера да се запишам на факултетот по новинарство и да напишам книга, која се уште љубоморно ја чувам за себе и ќе ја издадам кога ќе почувствувам дека е време за тоа. 


Силвана Јовановска - поранешен новинар, туристички водич и сопственик на туристичка агенција „Go Travel“ во Скопје