Уживам во авантурата и во слободата: Четкар за својата животна страст

Музиката од првиот албум на Владимир Василевски-Четкар ,„We Will Never Еnd“, поточно песната „Ocean of Love“, се емитува на националното радио во Шпанија, Радио 5. Џез музичарот е особено горд на овој успех, а уште повеќе што покрај Шпанија низ годините, неговата музика е емитувана и национални радија во Португалија, Бразил, Јапонија, Аргентина, Унгарија, Индонезија, Тајланд како и низ стотици регионални и специјализирани радио станици во Италија, Франција, Англија, САД, Мексико.

„Ова е голема привилегија особено бидејќи јас правам комплетен авторски музички продукт. Не постои правило или тајна како да се најде музиката на некој уметник низ радио брановите на Европа, Америка и Азија, само знам дека мојата музика ја компонирам, продуцирам и изведувам со 100 отсто искреност, страст и љубов без притоа да бркам било какви трендови и без да правам политика со никого. Токму поради ова искрено уживам во сите помали или поголеми успеси кои сум ги постигнал низ годините“, ни изјави музичарот кој со години живее на релација Охрид- Њујорк.

„Во последните 13 години играм пинг понг помеѓу Охрид и Њујорк. Охрид е мојот дом, местото каде што Господ ми дал душа, каде што живее моето семејство и каде што почиваат моите предци. Њујорк е мојот втор дом, урбан мегалополис со најголемата енергија во светот која постојано ме челичи како човек и професионално ме усовршува. И на двете места го имам иститот ритуал, денот ми почнува со вкусно кафе и овошје и продолжува со социјализирање и професионални обврски. Кога имам повеќе време возам велосипед и на двете места и се восхитувам во пејсажите создадени од природата како и од човекот“, вели Четкар за своите два дома.

Низ муаебетот, се навраќаме на анегдотите од неговите патувања кои ги има многу. Една возбудлива авантура, Четкар памети од Карибскиот дел на Панама.

„Пред едно десеттина години во  Карибскиот дел на Панама патував со еден мал чамец кој требаше да ме однесе до дестинацијата Бокас Дел Торо. Кога сфатив дека во чамецот ја нема мојата гитара и дека останала во автобусот со кој стигнав до пристаништето, веднаш реагирав и успеав да го убедам возачот на чамецот дека мораме да се вратиме назад на брегот. Кога се вративме сфатив дека автобусот заминал за друг град. Тогаш еден локалец кој виде колку ми значи гитарата ми се понуди да го бркаме автобусот со неговата кола. На крај стасавме во другиот град каде што конечно го најдовме автобусот на автобуската станица. Се ужаснав кога видов дека гитарата повеќе не беше  внатре во автобусот, но набрзо сфатив дека ја зела службата за заборавен багаж. На крај ја најдов, но за да докажам дека гитарата беше моја требаше да им покажам разни слики со истата гитара како и да посвирам малку. Стресно, смешно, интересно и баксузно во исто време“, низ насмевка ни раскажа гитаристот кој поради својот талент и посветеност како автор и изведувач на неговата музика има настапувано во над 20 земји во Азија, Европа и во Америка.

„Имав чест и привилегија да настапам како фронтмен на некој од најпопуларните музички фестивали и џез клубови како Jarasum International Jazz Festival (Сеул), Blue Note Jazz Festival (Њујорк), Java International Jazz Festival (Џакарта), Sziget Music Festival (Будимпешта), Hong Kong International Jazz Festival (Хонг Конг), Mood Indigo Music Festival (Мумбаи), Nisville Jazz Festival (Ниш), Penang International Jazz Festival (Пенанг), Soho Pizza Еxpress Jazz Club (Лондон), Hui Hin International Jazz Festival(Bangkok), Beishan International Jazz festival (Zhuhai), Catalina Jazz Club (Лос Ангелес), Blues Alley (Вашингтон), Regattabar (Бостон) и многу други места. Скоро на сите овие места ја имав честа да бидам првиот Македонецкој таму настапил. Има уште многу места ширум светот каде би сакал да одам и даја претставам својата авторска музика за што ќе продолжам да работам како идосега“, вели Четкар.

Иако е популарен кај девојките, тој за својот приватен живот никогаш не зборува во јавноста и не споделува такви фотографии на социјалните мрежи.

„Најдобро нека си остане приватниот живот приватен колку што е тоа можно денеска“, одговара музичарот.

Она за што со задоволство зборува е неговатра голема страст, велосипедизмот. Од центарот на Охрид до Свети Наум или до Струга, а попатно капење на омилените плажи е еден од омилените летни рутуали на познатиот охриѓанец.

„Возам велосипед бидејќи уживам во авантурата и слободата која тогаш ја имам. Не се трудам да постигнувам некакви рекорди туку едноставно уживам во тивкото патување и пејсажите кои постојано се менуваат околу мене. Каде и да одам првата прилика која ќе ми се пружи јас изнајмувам точак. Едно од подолгите возења ми биле од Атина до Епидаврос каде што возевме над 150 километри во текот на еден ден“, раскажа Четкар за својот велосипедски рекорд.

Од минатата година, тој е најгорд на издавањето на третиот студиски албум „Going Home“ и на соработката со P-Vine records, една од најпрестижните музички куќи во Јапонија и светот кога станува збор за џез, соул и фанк музика која албумот го издаде низ музичките продавници ширум Јапонија.

М. Џаровска