Вакцинирани, невакцинирани и останати поделби

Добивај вести на Viber

Како да не беше доволно што имавме една основна поделба на жени и мажи, која е сама по себе исцрпувачка за да се разбереме едни со други во обид да си ја олесниме живеачката. Но не, ние си сакаме поделби и тоа што е можно повеќе, оти нам не ни треба некој однадвор да ни ја мати водата, кога тоа толку успешно си го правиме сами. Поделба според верска и национална определба, оти секогаш ни се виновни оние од “другата” страна...па сексуалната определба ( скраја да е ако некој размислува поинаку од нас) и шлагот е секако париската определба на “нашите” и “вашите”. Некако се чини ко да ни се потребни сите овие поделби, како основа за меѓусебно расправање и чешање на јазиците. Јаготката на шлагот е најновата и најактуелната од сите погоре, а таа е на вакцинирани и невакцинирани.

Да прашуваш некого дали е верник или атеист, дали е геј или стрејт, дали е СДСМ или ВМРО ми е исто толку невкусно како кога се поставуваат прашања од типот “кога ќе се мажиш/жениш”, “зошто се разделивте/разведовте”, “зошто немате деца/кога второ”. Мешање во нечија определба без оглед дали станува збор за верска, национална, сексуална, партиска или како некој си го замислил и си го тера животот, ми е знак на простотилак и немање домашно воспитување. Има луѓе со кои немам исти гледишта за некои од овие теми, но затоа се држам до темите за кои имаме многу заеднички работи. На крајот, различните мислења и ставови (како што кажав во коментар на една моја прекрасна пријателка, чиј статус беше токму на темата како луѓето се менуваат кога имате различни мислења) се основа за движење на мислата, а со тоа и на светот. Замислете на што би личело ако сите исто размислуваме, ако сите сме во стадото, без прогресивни идеи и размисли. Човек кога ќе си го затвори умот, затвора многу врати не само зад себе, туку и пред себе. Одамна имам кажано и се’ уште стојам на истото, дека не ми е важно кој е на чело на државава/институциите додека знае да раководи чесно и со ум. Ова кај нас малкуцка не важи (“малкуцка” е со иронија), па имаме еден куп неспособни луѓе од различни партии кои само си ротираат на позиции (мајкин тој, ако не го бива за министер на Х, ќе пробаме да го ставиме министер на У). Аман веќе, се уморивме!

Е сега, да се вратам на темата. Ковидов не’ поремети сите, од мало до големо. Децата ни скапаа дома година и кусур, се гледаа на монитори, се дружеа онлајн, а и ние возрасните не бевме ништо поарни. Сите за греота. Кога стаса мене да ми недостасуваат луѓе, тогаш можам да замислам како им беше на оние кои редовно се дружеа и кои беа навикнати на секојдневни комуникации лице в лице. Но, чудово дојде и си заседна без усул. Еве веќе втора година сите кубуриме и наеднаш се појавуваат вакцините како некакво меѓурешение до наоѓање чаре за коронава. Правото на човекот да се вакцинира или не, го почитувам максимално. Не, не е ова за да ме исплукаат ваксерите или да ми ракоплескаат антиваксерите. Ова е мој став и мислење. Ќерка ми е прописно вакцинирана со сите вакцини и не сум антиваксер. Верувам во медицината и науката, оти таа го спаси и татко ми, а и голем број луѓе кои ги знам и познавам. Од друга страна, верувам и во алтернативна медицина, но не верувам во исцелители и бајачи, ниту во пиење на се’ и сешто што се нуди наоколу.

Се вакцинирав, еве сега јавно кажувам оти не сум сметала дека има потреба да ставам слики како да сум на некој настан. Се вакцинирав оти ми е страв за моите кои се во ризична група, заради себе оти не сум баш во цветот на младоста кога имунолошкиот систем ми е во врвна форма. Се вакцинирав оти одбрав да верувам на науката, без притоа да мислам дека сум попаметна од оние кои не се вакцинираат од свои причини. И покрај вакцината, внимавам на себе и на оние околу мене. Мерките ги почитувам оти сум проценила дека ризикот кој би го преземала доколку си правам онака како што ќе ми дојде, може да ме чини многу. Не делам ум на оние кои одбиваат да се вакцинираат и немам намера да се убедувам, ниту да давам мислење за тоа (еднаш имам кажано дека мислењето е како задникот, сите го имаме ама не е за сите да го гледаат). Познавам луѓе кои се невакцинирани и кои повеќе внимаваат на себе и на околината од некои кои се вакцинирани. Со нив можам да седнам на кафе (заради мерките на клупа во парк или да прошетам), да промуабетам и никому ништо. Ме плашат оние кои не веруваат дека постои вирусот и кои развиваат теории на заговор. Признавам, од таквите ми е страв оти упорно замижуваат пред состојбата која не е само кај нас, туку насекаде во светот.

Летово седам во едно мое омилено кафуле во кое пишувам или само читам, а некогаш и ништо не правам, освен што го пуштам мозокот на пасење. Откако се воведоа мерките да се седи по кафеаните со сертификат за примени 2 вакцини, станав сведок како кафулињата ( барем ова во кое одам) станува преполно со тинејџери (за кои знаеме и од порано дека можат да бидат носители на вирусот, но да немаат симптоми или да не заболат). Доаѓаат во групи, нормално дека на маса никој не носи маска, се гушкаат. Значи, меркиве се малку нелогични. Од друга страна, дозволивме летово да се опуштиме до толку што сега имаме секојдневно над 1000 заболени. Не, според мене не требаше да се дозволат свадби, ниту големи собирања, требаше задолжителен тест на границите и карантин за сите кои се враќаа од некаде. Можеби ќе беше поинаку, а можеби и не сум во право. Но, знам само дека како сите едвај да чекавме да дојде летото и да можеме да го изживееме она што ни беше ускратено во изминатите месеци. За жал, тоа сега си го зема данокот.

На социјалните мрежи многу јасно ја гледам поделбата на вакцинирани и невакцинирани. Навреди, осуди, потсмевања, пцуења...се’ е испревртено. Како на сите да им се отворија ширум вратите за да си го покажат вистинското лице, полно омраза кон секој што размислува поинаку. Клетви и посакување смрт на лекари, луѓе, семејства...гнасно и тажно. Секоја вест која ја пренесуваат порталите е со напад кон новинарите и порталите, во смисол дека се потплатени од власта за да се шири паника и да се забрза вакцинацијата. Од друга страна, ако немаме информации реагираме дека нешто се крие од нас. Нит се водиме, нит се тераме. Уморна сум од читање гадотии и етикетирања. Ако ми е страв да седнам со некој кој не е вакциниран, имам право да одбијам или да барам доказ дека не е носител на вирусот. Но, да се разбереме...и оној кој не е вакциниран има потполно право од мене да го бара истото, оти без оглед што сум вакцинирана, може да имам вирус во себе.

Муабетот ми е...да сме со повеќе разбирање едни кон други. Да не дозволиме оние кои не се грижат за своето и општото здравје, да ги искомплицираат односите меѓу оние кои имаат совест, без оглед дали се боцнале или не. Впрочем, има луѓе кои не смеат да примат вакцина заради други здравствени проблеми. Да не бидеме секогаш џелати кон туѓите ставови.

Да се чувате...и вакцинирани и невакцинирани. Да се чувате заради себе и заради оние кои ве сакаат и кои ги сакате. Да се чувате и заради оние кои не ги познавате, а може да бидете причина за да завиете некого во црно. Ќе мине и ова, да го сочуваме здравиот разум и себе. Нема да ги спомнам веќе оние кои веруваат во чипирање и заговори, но и те како ќе се пазам од вас и од вашето јавно сечење на маските со ножици, како и од блуењето отров кон оние кои ќе се грижат за вас ако стасате до болница (скраја да е). И да, не ми е срам да кажам оти се плашам. Еден ни е животот на сите нас, да не си го загрозуваме од суета и желба да бидеме паметни онаму каде што умот треба да ни служи за да не’ заштити. Бидете живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не си арен чоек

Ако за љубов пишиш

И ако на цела уста

Ја воздигнуваш до небеса

Ниту арен си

Ако на дело не ја покажиш

Ако сомислост немаш

Или не знајш рака да подајш

За да ја разбереш туѓата живејачка

Од високо луѓето да ги пулиш

И само ум да делиш

Не си

Ама ич не си арен чоек

Па макар и на мравка не газел

И секому викал добар ден

Ако на оној наспроти тебе

Уба мисла не му дајш

И со цела дланка срцето да му го погалиш

Та можиш да се залажуваш

И себе за најдобар на светот да се мислиш

Ама не си и нема да бидеш чоек

Ако зборувајќи за милост

Клетва од уста ти течи

Или ако говорејќи за душа широка

Својата ко стисната тупаница ја држиш

Не си пиле арен чоек

Ако лик благ имаш

И знаеш насмевка некому да дадеш

Ако зад неа горчлива дума ти се крие

И на другиот со чизма тешка

На градите стапалка му оставаш

Со самобендисаност дека така треба

И дека твојот пат е вистинскиот

Колку и да знаеш оти сам се сопнуваш

Од врвци животни неврзани

И јадови од кои си огрубел

А кои срцето в зандани ти го затвориле

Не си арен чоен

Ако во другите арното не си го видел

И ако мислиш оти тука си

За да истераш правдина

Која најмалку правдина е

И затоа молчи

Собери си го опашот

Глата удолу од срам наведни ја

Не кочопери се со совршеност

Која ич не те краси

И не биди некому болка

Ако веќе радост не знаеш да му бидеш

И само молчи

Молчи дур во молкот не ти го слушни гласот

Кој само тивко ќе шепоти

Прости ми, прости ми