Ване Костуранов: „Девојчето и градот“ е обид да се справам со сивилото на нашето секојдневие

Добивај вести на Viber

По успешните и наградувани: „Ѕвездено дете“ и „Девојче и мече“, деновиве во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ е објавена новата книга за деца од познатиот македонски илустратор и уметник Ване Костуранов, „Девојчето и градот“. Во новата сликовница се раскажува приказна за едно девојче, кое живее во еден сивкав, загаден град... Еден ден, талкајќи по улиците полни со луѓе, девојчето ќе се загуби и сосема неочекувано ќе се најде пред една огромна шума, во која ќе открие работи што ќе ѝ го променат животот од корен.

По повод објавувањето на книгата поразговаравме со авторот, Ване Костуранов.

*Како се роди приказната за „Девојчето и градот“?

‒ Приказната е за едно осамено девојче кое живее во еден сивкав град, во кој веќе одамна не доаѓаат птиците, пеперугите, сонцето... Оваа приказна долго време ми се моткаше во главата и почна да се појавува на моите слики уште пред неколку години, а еве сега дојде ред да ја раскажам и во форма на книга.

*Ако книгата „Ѕвездено дете“ беше инспирирана од Вашиот син, а „Девојче и мече“, од ќерка Ви, кoј (или што) Ве инспирираше за новата книга?

‒ Приказната настана во обид да се справам со сивилото на нашето секојдневие, посебно во зимскиот период, кога сите имаме горчливо чувство во устата од загадениот воздух. Од стравот дека оваа зима ќе биде уште подолга од претходната. Од градовите во кои доминираат сите можни нијанси на сивата боја, а зелените површини се метаморфираат во бетон. Од страшното сознание дека изгубивме целосен контакт со природата, а со тоа го изгубивме и контактот со себеси.

*Колку Вашите деца беа инволвирани овој пат во развој на приказната?

‒ Оваа книга ја работев во домашното ателје, па моите деца, иако директно не беа вклучени во развојот на приказната, индиректно беа вклучени во целиот процес.

*Каков е градот во кој живее девојчето и колку тој е слика за градовите во кои денеска живеат децата? Колку нијанси на сивило се доволни за ликовно да се улови реалната слика?

-Градот во очите на едно мало девојче е град кој е соголен од сите фасади, прикриени и невидливи работи, кои се наше секојдневие. Девојчето јасно го гледа градот кој е преполн со луѓе, а сепак, сите се осамени. Таа навидум доаѓа од, и му припаѓа на, градот, но таму не наоѓа ништо заедничко. Детската способност да се согледуваат работите од различни димензии и перспективи не само што е фасцинантна, туку во повеќето случаи открива и многу вистини. А вистината е дека во нашите градови сивата боја доаѓа во безброј нијанси, а поради тоа сѐ почесто нѐ одминуваат сонцето, птиците и пеперугите.

*Која е главната порака на приказната? Дали е возможен пресврт во реалноста како во приказната од книгата?

‒ Не би се осмелил да им го одземам правото на читателите секој да ја извлече сопствената порака од книгата. Тоа, впрочем, е во суштината на уметноста, на книжевноста ‒ да се видиш себеси и сопствениот одраз во нешта (книги, слики, фотографии) кои не си самиот ти. Оваа приказна нема за цел да подучува, да покажува со прст и да кажува како треба и како не треба, туку напротив, се надевам дека оваа приказна ќе инспирира. За да ни се случи промена на колективно ниво, таа најпрво треба да ни се случи на секој од нас, индивидуално. А промената, внатрешниот пресврт е длабоко интимен и индивидуален. За некој треба еден ден, за некој можеби ќе треба цел живот.

* Како може да се смени ситуацијата? Може ли оваа генерација на уметници да инспирира и да поттикне промена на ставот и размислувањето на надлежните институции, големите индустрии, и воопшто на граѓаните?

‒ Уметноста е највисоката форма на имање верба и надеж. Секој кој сѐ уште твори во овие чудни и неизвесни времиња е најголемиот верник и поборник за промени. Во суштина, позитивни промени ќе има само ако сме постојано во некаков креативен конфликт со она што ни е реалност. Така настанува секое уметничко дело. Мораме да преиспитуваме, да се самоиспитуваме и да пробаме да го надградиме она што чувствуваме дека ни недостига. Верувам дека промените можат да се случат ако постои транспарентен и отворен однос помеѓу институциите и граѓаните, зашто само преку дијалог со другиот, можеме да научиме нешто за себеси.

 *Приказната во сликовницата беше инспирација за ликовниот и литературен конкурс, во кој деца од цела држава испратија повеќе од 700 цртежи и околу 400 песни и раскази. Колку сте задоволен од пристигнатите дела и дали децата ја сфатија главната порака на книгата? Што може да се научи од нив?

‒Деновиве, додека сите седиме дома, покрај изолацијата од вируси, ја имаме таа среќа да се изолираме и од сите непотребни шумови кои ни одземаат драгоцено време и внимание. Во такви услови ми пристигнаа огромен број детски цртежи и веднаш ми го обоија денот. Од тоа што првично можев да го видам, можам да кажам дека јас и останатите членови од жирито ќе имаме слатки маки да избереме победници, зашто има толку прекрасни и креативни решенија, што ме оставија без зборови. Воедно, им се заблагодарувам на сите деца, учителки и родители кои се вклучија во конкурсот и што уште еднаш ја потврдија тезата на Пикасо дека „децата се генијални уметници“.

*Откако „Ѕвездено дете“ беше објавена во Хрватска, неодамна од печат излезе и „Девојче и мече“ на српски јазик, во издание на престижната белградска издавачка куќа „Лагуна“. Каков е приемот на книгата во регионот и колку пораките од Вашите изданија имаат интернационален тон?

‒ Многу сум среќен што „Лагуна“ покажа интерес за моите книги и што ја издадоа „Девојче и мече“ на српски јазик. Тие се сериозна и голема издавачка куќа и искуството со нивниот начин на работа, промоцијата на нивните книги и сѐ останато, за мене е навистина драгоцено. Сѐ уште е многу рано да се каже каков е приемот, зошто книгата излезе неодамна, а во меѓувреме во Србија се прогласи вонредна состојба поради коронавирусот. Од моите лични контакти, а и од реакции на луѓе од социјалните мрежи, имам чувство дека со „Девојче и мече“ ќе се дружат многу деца во Србија и регионот.

*„Девојче и мече“ се најде и на престижната листа The White Ravens 2019 – со што е првата книга на македонски јазик меѓу најдобрите детски изданија на овој избор. Од какво значење е ова признание и какви се плановите за интернационален пласман на книгата? Дали имате понуди за објава на други јазици?

‒ Се радувам што „Девојче и мече“ го доби ова признание, особено затоа што тоа ќе помогне книгата да добие поголема видливост. Каталогот кој го издава Меѓународната библиотека за детска литература во Минхен, воедно е препорака за издавачите од цел свет, за нивниот избор на најдобрите книги за деца и млади. Благодарение на ова признание книгата ја видоа многу издавачи, а некои од нив покажаа и интерес за издавање. Се надевам дека книгата ќе биде преведена на уште неколку јазици и дека уште повеќе деца ќе имаат можност да растат со приказната за девојчето и мечето.

*Вие сте новиот уметнички директор на фестивалот на детска литература и илустрација „Литера“. Каков предизвик е ова за Вас?

‒ Се работи за голем предизвик не само за мене туку и за сите вклучени во организацијата на фестивалот. Изминативе неколку години имав можност да учествувам на фестивали во Србија и Хрватска и можам да кажам дека сум многу среќен што конечно таков настан имаме и кај нас. Три дена светлото ќе биде насочено кон детската литература, особено кон илустраторите и авторите за деца. Тоа е нешто што одамна недостигаше кај нас, простор за преобмислување и пресоздавање на една нова, млада сцена на писатели и уметници кои пишуваат и цртаат за деца, но и топло добредојде за постарите генерации автори, кои со своето искуство и поранешен ангажман, можат многу да придонесат сцената да заживее. Оваа година посакуваме и очекуваме фестивалот да порасне во секоја смисла во однос на првото издание. Ќе има изложби, работилници, предавања, дебати, мастеркласови, промоции, продажба на книги. Потврдени се учествата на врвни писатели и илустратори, домашни и од регионот. Но сепак, ќе мораме да почекаме и да видиме како ќе се одвива вонредната ситуација со коронавирусот, која веќе го одложи одржувањето на фестивалот во април, а нов датум ќе биде одреден веднаш штом ќе се создадат услови за тоа.

*На какви проекти работите во моментов? Дали се поврзани со нови литературни изданија?

‒ Во моментов работам на илустрации за новата сликовница на писателката Ана Џокиќ. Книгата се вика „Сташко Несташко”, а ќе биде објавена оваа година во Хрватска.

 *Што ќе им порачате на сите деца ‒ љубители на пишаниот збор и на нивните родители?

‒ Ќе им порачам секојдневно да им читаат на нивните деца, уште од најмала возраст. Ние дома имаме такво правило, да не заспиваме, без да прочитаме нешто. Тоа е единственото правило кое сите го сакаме. Тие заеднички поминати моменти и приказните кои ги читаме, понатаму продолжуваат да живеат во нас, со тоа правејќи нѐ подобри и поемпатични луѓе.

**Книгата „Девојчето и градот“ е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на следниот линк:  https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13692