Венко Филипче за бремените: Оние со потврдена или сомнителна зараза со COVID-19, имаат право на висококвалитетна нега

Министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук објави мерки на претпазливост за бремените жени.

Бремените жени треба да ги практикуваат истите мерки на претпазливост како и другите луѓе. Сите бремени жени, вклучувајќи ги и оние со потврдена или сомнителна зараза со COVID-19, имаат право на висококвалитетна нега пред, за време на и после породувањето. Под нега во овој контекст се подразбира предпородилна нега, нега за новороденчето, постпородилна нега, интрапартална нега и грижа за менталното здравје.

За да едно мајчино искуство со породување биде оценето како безбедно и позитивно, потребно е:
• Со жената да се постапува со почит и достоинство;
• За време на породувањето да може да биде присутен некој(а) кого жената ќе си го избере;
• Жената да добива јасни пораки или насоки од вработените во породилиштето;
• Да има соодветни стратегии за ублажување на болките;
• Секаде каде е тоа остварливо, да им се обезбеди на жените можност да бидат подвижни за време на трудовите, како и позиција за раѓање по нивен избор.

При сомнителен или потврден случај на COVID-19, здравствените работници ги преземаат сите мерки на претпазливост со цел да го намалат ризикот по себе и другите, вклучувајќи хигиена на рацете и соодветно користење на заштитна облека од типот на ракавици, скафандер и медицинска маска.