Вера, надеж, љубов

Добивај вести на Viber

Животот не’ направи алчни, да бараме и погача преку леб, да сакаме повеќе и уште повеќе од што и да е, никогаш да не сме задоволни со она што во моментот го имаме. Како во некоја трка со самите себе, а потоа и со околината за да докажеме дека сме добри....море не! Дека сме најдобри и дека подобри од нас нема и не може да има. Научивме да гледаме низ призмата на пари, слава, популарност, кој чие дете/маж/жена е, како се облекува и кој бренд го носи ( без оглед што половината од нас не ни знаат да го изговорат името правилно-меѓу кои сум и јас). Приказната за тоа кој каков автомобил вози веќе е добро позната, па гледаме чудесии на 4 тркала за кои секогаш се прашувам колку долго ќе опстојат заради дупките низ улициве.

Доброто воспитување и манирите некако отидоа во втор план, демек парата ќе амортизира простотилак и злоба која каде и да се свртам ја гледам на претек. Вештачки луѓе, со вештачки насмевки, лажни ветувања, еуфорија зад која се кријат ниски страсти, површни умови, а наместо хумор само евтини вулгарности.

Каде ли отидоа вредностите со кои тврдам дека секој од нас растел! Како така наеднаш се сменија работите за да станеме пресметливи дури и тогаш кога се работи за да се помогне некому.

Растев со баби и дедовци, ги паметам муабетите, поуките, ги паметам нивните вредности за тоа што е важно, а за што не вреди воопшто да се арчи муабет. Во Битола, сите луѓе кои живееја на улицата каде што беа и баба ми и дедо ми, беа полни почит едни кон други, без оглед дали некој имал многу или малку, дали се возел ваков или онаков автомобил, дали се зборувало на македонски, албански, турски или влашки. Комшиите беа тука и за арно и за лошо, непишано правило беше дека врата никому не смее да биде затворена пред нос и дека секој што дошол за парче леб, ќе си замине со парче леб в рака. Кога се нижеше тутун кај Љутви, сите бевме таму, кога се береше сливата во дворот кај баба ми и дедо ми сите беа кај нив, кога се растовараа дрва кај Јанко, сите помагаа. Немаше тогаш кантари за да се мери кој колку пати се нашол некому, таквите кантари отпосле се измислија. Немаше калкулатори на кои се пресметуваше и се правеа есапи дали ќе имаш ќар од некој за да знаеш дали да му помогнеш ко ќе згусти.

Беше едноставно, беше чисто, беше убаво. Впрочем, секогаш забораваме дека нештата се најубави токму тогаш кога се едноставни и кога функционираат без тргни-застани и без тежина. Таа едноставност носеше чистина и убост која само ја потенцираше нејзината важност и исправност. После дојдоа некои нови времиња во кои стана модерно да се комплицира се’ што може да се искомплицира, па уште и човек да се чувствува виновен ако даде забелешка дека сака нештата да се упростат. Станавме мајстори за да внесеме тежина и онаму каде што сите предуслови за да биде лесно ни беа дадени на тацна. И така почнаа работите да се менуваат, луѓето да се менуваат. Се поделивме на наши и ваши, ни се разделија патиштата, не прашуваме едни за други кој каков човек е, туку од која партија е и колку заработува. Љубовта ја извалкавме, а и она малку чисто што остана, му се потсмеваме. Повеќе не ни е чудно кога се зборува отворено за швалерај и кога љубовта се изедначи со број на мажи и жени со кои сме легнале в кревет, ама чудно ни е кога ќе кажат оти некој/а си таму се венчал со сиромав/сиромашна оти имале чувства еден за друг.

И еве сме во свет во кој најмногу се смееме кога сме несреќни, најмногу трошиме кога немаме скршен денар во џебот, најмногу се чаталиме кога сме уплашени и немоќни. Зарем стана срамно да се живее скромно и да се има чест и достоинство? Деновиве, после празникот Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија, не ме остави на раат мислата дека навистина се’ што му е на човек потребно е токму верата (вербата), надежта и љубовта. Дека и покрај сета трка во која сме навлезени до коска, доволен е миг кој ќе не’ тресне од земја и ќе ни каже СТОП, доволно беше. Знаете дека земаме залет и сме несопирливи до оној момент кога ќе се соочиме со болест или смрт. Тогаш, дури тогаш кога стануваме свесни колку сме кревки и смртни, како да излегуваме од матриксот во кој сме заборавиле кои сме и што сме. И што останува тогаш, ако не токму она што го славиме и го спомнуваме само еден ден во годината (оти сме прочитале на нет, православно календарче или фејсбукот не’ потсетил дека имаме пригодна песна за тој ден).

Вербата е таа која може да направи чуда. Не џабе се вели оти ако нешто премногу се сака, Универзумот или Бог ќе направи да се случи. За мене е верба, за некого е вера...ама и во двата случаи е нешто што дава сила и утеха, нешто што не’ тера да грабиме напред дури и тогаш кога се’изгледа безнадежно. Вербата го спаси татко ми...и мојата и неговата. Вербата ја спаси мајка ми...и нејзината и мојата.

А вербата е најмногу поврзана со надежта. Тоа е таа светла мисла која бодри и која турка напред дека нештата ќе станат подобри, дека ќе сме поспокојни, дека долгоочекуваните вести ќе пристигнат, дека сепак има надеж. Надеж во подобро утре, во поубаво време, дека резултатите кои се чекаат од кај докторот ќе бидат добри и причина за славење, надеж дека иако врската не функционира ќе се потсетиме и двајцата зошто сме се одбрале, надеж дека работите ќе тргнат угоре.

И најсетне љубовта како лепак меѓу верата и надежта...како основен двигател, онаа универзална љубов која нема пол, раса, политичка припадност. Чиста, спиритуална, незагадена, ослободена од предрасуди/мерења/реципроцитети-љубов. Тоа е онаа која ја видов пред некој ден кога една повозрасна госпоѓа извади од торбата храна и ја подаде во рацете на човекот кој просеше во Дебар Маало, онаа која го натера возачот пред мене да сопре за да помине кутрето кое беше преплашено од свирежот на автомобилите, онаа која ја видов кај човекот кој ме замоли да го поврзам со некоја самохрана мајка за да може анонимно да донира...онаа која е голема во гестот да се даде и подаде рака.

Празникот на светите маченици Вера, Надеж, Љубов и  мајка им Софија помина, ама мене не ми помина чувството дека треба почесто да се потсетуваме дека не ни треба многу за да сме добро во себе и со себе. Секој ден во кој ќе се разбудиме живи, е ден во кој треба да си споменеме оти без вера/верба, надеж и љубов само ќе протрчаме низ животот без да видиме лезет од него. Впрочем, сето она за што се потресуваме сега нема да го однесеме со нас во гроб, ниту ќе ни купи некој ден отповеќе на земјава. Ама да си ги зачуваме душите чисти, полни верба, полни надеж и полни љубов.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не треба многу

Ич многу не треба

За чоек среќен да е

Сонот спокоен да му биде

А чекорот лесен и прав

Низ денот кој ќе го врви

Та на ликот насмев да има

А очите да му светат

Небаре ѕвезди собрани носи

Кои болскотат во ноќта

Не треба многу

Ич многу не треба

За убава мисла радосница

Која како накит се носи

И збор кој ќе погали душа

Та од душата како иљач даден

Да заздрават сите болки

Сите удари низ животот примени

Да ги снема ко со рака однесени

Ко никојпат да не постоеле

Не треба многу

Ич многу не треба

За смеа која гргори

Чиниш река жубори и говори

За стих кој во себе аманет има

Животот да се слави

И смртта да не се презира

За раѓање на чедо ново

Кое в куќа благослов ќе носи

За да заживее огништето

Не треба многу

Ич многу не треба

За чоек верба и вера

Во утрото што доаѓа да има

Та надежта да се разбуди

И име на љубовта да даде

А од неа мирис на новото време

Ко топла погача да се шири

Во кое сите маки минато ќе станат

И во заборав ќе се испратат

Не треба многу, ич многу не треба

За трошка вера

За трошка надеж

За трошка среќа

За секој од нас...за сите нас