(ВИДЕО) ВЛАТКО И ВЕСНА ЈА ПЕАТ „УЧИ МЕ МАЈКО“ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО ОХРИД
Вечерва од 22 часот, во Античкиот театар во Охрид, концерт ќе одржи македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски.
Концертот ќе го збогатат гостите Биља Крстиќ од Србија, Теодоси Спасов од Бугарија, Танос Ставридис од Грција, Весна Гиновска Илкова и групата Љубојна од Македонија. Овој настан е промоција на албумот „Мајчин јазик“ на Стефановски, кој разбуди голем интерес во целиот регион, а го издаде „Кроација рекордс“.
Во март, Влатко материјалот го промовираше во Скопје, со три распродадени концерти во Македонската Филхармонија. Оперската првенка Весна Ѓиновска-Илкова на својата официјална фејсбук страница објави снимка од пробата со Влатко , на која се подготвуваат за настап на традиционалната песна „Учи ме мајко, карај ме“. Настанот го организираат „Баги комуникации“. (М.Џ.)