ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Дома си е дома“ (Тајзи)
Песната е субвенционирана во рамките на Законот за поддршка на домашната музичка продукција. За рефренот во кој младиот пејач и автор Драган Величковски-Тајзи ја опејува Македонија како Елдорадо на Балканот се крена многу прав, но и покрај реакциите темата е хит со над 2 милиони прегледи на „Јутјуб“.
Во една прилика Тајзи нагласи дека во повеќето негови композиции пее за системот во кој живееме и објасни кој бил мотивот да ја создаде „Дома си е дома“.
- Едноставно не ми се допаѓа тоа што за секој млад човек првата опција е да замине од државата, земјата за која се воделе војни со векови наназад. Лесно е да фатиме авион и пукаме сеир од некој град низ Европа или Америка, а плачеме со нашите мајки и браќа на „скајп“. Во ред е да се отиде, да се прошета и види и тоа го кажувам и во песната, но не и да се иселуваме. Зарем таму некаде тече мед и млеко? Секаде е истиот систем и поредок и на светот му е потребна глобална револуција на свеста. Нека ме критикуваат, но еден ден ќе разберат за што се борам и ќе се поклонат на моето дело – објасни популарниот музичар.