ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
Lost And Found („Ај Кју“)
Оваа нумера е наш адут на годинашниот „Евросонг“ што ќе се одржи следниот месец во Лисабон. Текстот и музиката ги напиша фронтменот на „Ај Кју“, Бојан Трајковски, а финалниот производ е дело на Дарко Димитров. Нивната прва соработка беше за темата „Убава“, победничката песна од Скопски фестивал. Заедно работеа и на новиот албум на бендот, пред да ги здружат силите за овој наменски рефрен.
Бојан му се јавил на Дарко на само неколку дена пред да заврши конкурсот. Му испратил три песни и за 24 часа докажаниот продуцент требало да одлучи дали ќе се вклучи во проектот.
- Бев на пат и немав многу време. Кога ја слушнав Lost and Found знаев дека е вистинската. Некако веднаш ми направи филм како можам да ја направам. Му сугерирав на Бојан да ми прати само гитара и вокал. Многу убава беше идејата за текстот, основата беше одлична како мелодија и песната буквално се случи за еден ден. Ми дојде идеја да направам нешто што нема да биде стандардно, микс од три дела и мислам дека досега немало таква комбинација на „Евровизија“. На почетокот бев скептик како ќе реагира на конечната верзија. Со вокалистката Марија беа воодушевени и тоа ми беше и првиот сигнал дека песната е интересна и навистина звучи оригинално–раскажа Димитров во емисијата „Стисни плеј“.