ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Опуштено“ (ДНК)
Песната е посвета за диџеј Бронсон, близок пријател на Андреј и Панчо кој ја изгуби битката со ракот. Музиката и текстот се дело на Панчо, аранжманот го направи хрватскиот продуцент Марвел, а како продуцент се потпишува Дарко Димитров.
- Оваа песна ми значи многу. Ја напишав во тежок период за мене, затоа што изгубив пријател кој го сакаше животот. Пораката е едноставна, да му се подаде рака на оној на кој му е потребна помош, да се негува животот затоа што е премногу краток, да се шири позитивна енергија и да се живее секој ден како да е последен–раскажа Панчо по промоцијата на рефренот.
Оваа тема е пропратена со интересен видеозапис во кој се појавуваат повеќе познати личности.