ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанеле македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Ангели ме носат“ (Силви бенд)
Македонски евергрин, макфестовска композиција која малкумина знаат дека е потпишана од Драган Вучиќ. Стиховите се дело на легендарниот радиоводител и автор, покојниот Ѓоко Георгиев.
- Уште додека ја снимав во студиото на Македонско радио забележав дека продуцентите многу убаво реагираат и уште тогаш велеа дека оваа песна ќе биде една од наградените. За мене тоа беше прво фестивалско искуство. Добивме трета награда од публика и награда за најдобра интерпретација. Следната година „Ангели ме носат“ беше прогласена за најслушана песна меѓу двата фестивала. Таа песна остана наш белег, рефрен по кој нѐ препознаваат – изјавија Силви и Влатко Плевнеш за порталот „Публицитет“.