Викни силно и гласно!

Добивај вести на Viber

Јас сум Ана Бунтеска, жена, мајка, ќерка.

Низ животот сум била удрена (физички нападната од маж заради тоа што одбив да сум во врска со него), сум била демнета (со години, а верувам дека социјалните мрежи многу му олеснуваат на мојот демнач кој ме има искомуницирано и на ФБ со лажен профил-женски), сум била навредувана за мојот изглед и за интелектот (од партнер и/или луѓе кои не ме познаваат, а зборувале за мене дали во муабет или во вид на коментари по социјални мрежи и форуми). Јас сум една од многуте жени, која со своите скоро 51 година не останала поштедена од разни психофизички блуеници на своја сметка и тоа само затоа што е жена. Воедно, сум ја имала таа среќа од (статистички гледано) 3-те жени да не бидам таа едната која ќе е сексуално злоставувана низ животот, или да не бидам таа едната од 4-те жени, која била физички или сексуално нападната за време на бременоста.

Пред 3 дена, поточно во петокот (25 ноември) се одбележа Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со кој започна светската кампања “16 дена активизам против насилството врз жените”, како симболично поврзување на двата дена, односно 25.11 и 10 декември кој е Меѓународниот ден на човековите права. Ми го знаете ставот за одбележување било какви денови и мислам дека никогаш нема да ми се смени. Свесност за себе и своите постапки треба да имаме 24 часа на ден, 365 дена во годината и се’ до нашата смрт. Но, има денови за кои и во кои мора да говориме јасно и гласно, денови во кои ако треба и ќе врескаме за да бидеме слушнати и да не се заборави колку се важни за нас, жените. И само накратко ќе се потсетиме на некои статистички податоци за да се искристализира сликата околу тоа до каде сме со насилство врз жените, а без притоа некој да каже со омаловажување “абе ај, 21-ви век сме и нема везе дека...”.

-  На глобално ниво, дури 38% од убиствата на жени се извршени од машки партнер

-  200 милиони жени и девојки доживеале осакатување/сечење на женски генитални органи, при што се отстранува дел или целиот клиторис заради верувањето дека жената НЕМА ПРАВО да ужива во сексот

-  Меѓу 80 и 100 милиони девојчиња се жртви на родово засновано чедоморство, фемицид, неухранетост и запоставување

-  Околу 150 милиони девојчиња ширум светот се силувани или подложни на сексуално насилство секоја година, обично од некој во нивниот семеен круг

-  Семејното насилство е глобален проблем кој погодува 35% од жените ширум светот

-  На глобално ниво, околу 137 жени секојдневно се убиени од нивниот партнер или член на семејството

Дали расчистивме дека иако е 21-ви век, сепак некои работи останале исти како во времето (читајте, среден век) кога луѓето се бавеле со јавно палење и измачување на жените под изговор дека се вештерки? Разликата е во тоа дека денес, начините за да се врши насилство врз жените се пософистицирани и многу поприкриени, додека не ескалираат во фемицид (убивање на жена само затоа што е жена). Патем речено, од 2017-2020 година, во Македонија од 26 убиства на жени, 22 убиства (или во проценти, скоро 85%) биле фемициди.

Каде е утната работата?

Зошто, а токму заради тоа што е 21-ви век сме дозволиле се’ уште да имаме дискусии на тема “насилство врз жената”. Памтам дека на времето кај моите доаѓаше жена која и’ помагаше на мајка ми во чистењето и која не ретко идеше со потечено око или модринки на рацете или нозете. Што е многу страшно, одбиваше да и’ помогнеме или да пријавиме во полиција, убедена дека не е никакво зло мажот да те “потчукне одвреме-навреме”. Но, најстрашното е всушност во коренот на таквата мисла, во тоа дека таа жена била воспитана да го дефинира ќотекот како нормална работа во семејството, притоа воопшто не чувствувајќи дека е жртва на семејно насилство. Низ животот имам сретнато многу жени кои кубурат со овој проблем, кои не знаат (или никој не ги научил, не им покажал) дека има разлика меѓу “се поднапил и заспал” и “се поднапил и ми врзал 2 шамари”. За жал, ден-денес добивам и пораки во кои се споделуваат вакви искуства, но она што ме поразува е дека голем број од жените одлучуваат да не си одат и да не “брануваат”. Некогаш тоа е заради страв, некогаш е заради тоа што немаат каде да одат. Дури и нивните родители се со ставот дека мажот мора да се “трпи” и дека сега е “мажена жена која нема што многу тука да извољева и да мрчи, кога има кров над глава и некој што ја рани”. Економската зависност е непријателот број 1 кој ги колеба жените да си заминат, како и стравот дека ако се пронајдени од партнерот од кој избегале, може да заврши кобно.

Од друга страна, најмногу забуни прави насилството кое не се манифестира со физички напад, туку е подмолно и се сведува на вреѓање, омаловажување, нарушување на самодовербата, поткопување на менталното здравје. Овој вид насилство не е воопшто побениген од физичкото насилство. Не секоја модрица се гледа, нели? Да имате партнер кој психички ќе ве поболува со навреди и понижувања, шиканирања и потсмевања, е во најмала рака тивок убиец. Не ги потценувајте модринките и на овие жени кои се жртви на психолошко насилство само затоа што немаат видливи повреди.

И она што е многу важно...како да се помогне, како да се реагира? Не изигрувајте советодавци, ниту психолози. Најдобриот фидбек кој можете да го дадете е емпатија и разбирање, поддршка. Не сте вие тие со кои треба жената-жртва да разговара. Упатете ја да побара помош од соодветни институции и психолог. Не мудрувајте, не делете зборови собрани од портали и колумни (вклучувајќи ги и моиве) оти така не помагате. Да се излезе од вителот на “јассумженаижртвананасилство” не е процес од 5 минути, оти никој не влегол во тој вител за 5 минути. Обично најголемите насилници знаат како да се доближат до жртвата и долго време да ја држат во бунило за да не е ни свесна дека е злоставувана.

Има уште една работа која многу ги обесхрабрува жените кои се жртви на насилство да говорат јасно и гласно за насилството, а со цел да помогнат на жените кои се’ уште собираат сила да излезат од тој пекол, а тоа е повторна виктимизација на жените-жртви. Наместо да бидат поддржани и сфатени, не ретко се случува жените да бидат уште еднаш ставени на тапет од околината и јавноста и осудени за тоа дека проговориле за насилството. Колку пати имате прочитано или слушнато “сама си го барала”, “па кога носи кратко”, “види ја со деколтето”, “на таа провокативна шминка, што очекувала”, “гарант го испровоцирала”. Како жена, намногу ме болат таквите коментари од мојот пол...како човек, ме боли што секоја таква истресена блуеница носи зад себе невидени последици за следната жена-жртва која токму заради ваквите коментари ќе одлучи да молчи и да трпи.

Да дадеме поддршка! Таа, жената-жртва на која и’ требаме, можела да биде нашата мајка, тетка, баба, ќерка. Сме можеле да бидеме јас, ти, твојата најдобра пријателка.

25-ти ноември нека биде секој ден, додека не се искорени насилството врз жените. Да не замижуваме и да не сме индиферентни само затоа што нам не ни се случува во моментов. Животот е маратон, никогаш не знаеме зад кое ќоше што не’ чека. Секогаш, ама секогаш да се ставаме во чевлите на  оние кои пропатиле, за да немаме игнорантски однос кон работите.

Да сте ми живи и здрави.

Отворете го линкот и прочитајте што се’ спаѓа под терминот НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНА и какви форми може истото да има. Прочитајте го и дајте го на вашите деца да го прочитаат, особено ако имате ќерка. Нека ги распознаваат знаците и раните форми на нешто што утре може да им го загрози животот. Ние како родители можеби и нема да можеме да ги заштитиме од се’ на светот, но можеме да им дадеме алатки и моќ за да се заштитат сами себе. Нашата должност е да им кажеме дека секогаш имаат можност да заминат, да пријават, да се изборат за себе, своето достоинство, својот живот.

https://glasprotivnasilstvo.org.mk/formi-na-nasilstvo-vrz-zheni/

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ќе и’ мине

Се’ ќе и’ мине

Сите удари попатно добиени

Потштипнувањата кои имаат боја

На небо после зајдисонце

Ќе и’ минат модринките

И црвенилото на лицето

Кое било создадено за бакнежи

И очите нема да и’ светат од солзи

Кои ги голтнала пред светот

Ќе минат и лузните на грбот

Ќе зацелат раните кои нанесени и’ биле

И повторно кожата бела ќе и’ биде

Како некогаш

Кога едвај си чекал да ја распостелиш пред себе

И да ја љубиш до изгрејсонце

Ќе мине и срамот

А и стравот ќе ја одминува полека

Додека не реши гласот до небо да го вивне

И да биде повторно своја

Без да ти се плаши од сенката

Ќе и’ мине баботењето на срцето

Не од возбуда дека до неа си

Туку од исчекување на следниот удар

Само душата однатре ќе и’ крвари

Како згмечено овошје

Кое некогаш со сласт си го вкусувал

А сега е само згрчено парче месо

До кое повеќе не можеш да допреш

Ќе мине

Ќе и’ мине болката

И јадосувањето што дозволила

Раката на неа да ја кренеш

Оти секогаш поразот е во оној

Кој рака на жена кренал

И кој силата така си ја мери

И време ќе измине

И душата полека ќе зацелува

Додека еден ден потполно не те избрише

Како да не минала векови со тебе

И ќе ја гледаш насмеана и храбра

Ќе ја гледаш дека на свои нозе застаната е

И дека нема сила која може да ја уништи

Ќе мине

Се’ ќе и’ мине

Исто како што ти ќе и’ минеш

И болката повеќе нема да ја јаде

Ниту зад себе ќе се врти

Барајќи те од кое ќоше ќе се појавиш

За повторно на колена да ја паднеш

Ќе и’ мине

Исто како што времето минало

Кога си можел “своја” да ја наречеш

Оти си ја изгубил

Токму во оној миг кога првпат си ја удрил

Дал со збор или со тупаница, сеедно

А тебе само ќе ти остане поразот

И трпнењето на раката

За да паметиш, за да знаеш

Дека никогаш повеќе нема да бидеш маж