Витамин Д – важен за целиот организам
Модерниот начин на живот, намалената изложеност на сонце и отсуството на витамин Д во повеќето видови храна, заедно доведуваат дефицитот на витамин Д во човечкиот организам. Витаминот Д се создава природно во кожата кога телото е изложено на директна сончева светлина. Вкупниот витамин Д се метаболизира во црниот дроб и бубрезите во активна форма витамин Д3, зависно од потребите на организмот. Производството на витамин Д може да се намали или исчезне целосно во текот на зимските месеци. Кремите за сончање со заштитен фактор, иако се важни и се препорачува нивната употреба, може исто така да го намалат производството на витамин Д. Кај оние лица кои недоволно или пак воопшто не се изложуваат на сончевите зраци (најчесто постарите лица) производство на витаминот Д во нивниот организам е намалено. Кај тие лица се препорачува консумирање на суплементи кои содржат витамин Д со цел подобрување на здравјето на нивните коски. Препорачливата дневна доза на витаминот Д е 400 IU (интернационални единици) кај децата до 12 месечна возраст, 600 IU за децата над една година и возрасни до 70 годишна возраст, а 800 IU за лицата над 70 години. Во услови на пандемија, кога имунитетот зависи од многу фактори, употребата на витамини, минерали и други имуно суплементи е зголемена. Имено, освен витаминот Ц, Цинкот и витаминот Д се додатоците кои се препорачуваат. Конкретни научни докази сеуште нема, иако бројни се истражувањата во кои се поврзува употребата на витаминот Д како регулатор на гени важни за имунитетот т.е одбраната на човечкиот организам. Употребата на витаминот Д, доколку се прима во соодветни дози како што напоменавме погоре, се смета за безбедна и не предизвикува несакани ефекти. Секако, пркумерните дози можат да бидат штетни. Кај децата над 9 години, возрасните, бремените жени и доилките кои земаат повеќе од 4.000 IU витамин Д дневно може да се појави следново: гадење, повраќање, недостаток на апетит, запек, чувство на слабост и губење на тежина, конфузија и дезориентација и оштетување на бубрезите.
Витаминот Д е клучен за следниве функции во нашето тело:
- Одржување на здравјето на коските и забите.
- Поддршка на здравјето на имуниот систем, мозокот и нервниот систем.
- Го регулира нивото на инсулин и помага за регулирање на дијабетесот.
- Поддршка на функцијата на белите дробови и кардиоваскуларното здравје.
- Штити од развој карцином.
М-р фарм. Емилија Андоновска