Владата потроши 75.500 евра за музичарите, со „непослушните“ ќе се спогоди

Добивај вести на Viber

Владата објави целосен извештај за парите наменети за саботната прослава „Одиме напред - Македонија во ЕУ и НАТО“ која опфати концерти во 15 градови.

- Ангажманот на 40-тина домашни изведувачи утврден со засебни авторски договори со секој од нив и вкупно за сите, во сите 15 градови и настапи на домашните изведувачи чини 75.500 евра. Во секој договор е наведено дека ангажманот е за „прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО“ со наслов "Одиме напред - Македонија во НАТО и ЕУ".  Трошоците за неколкуте изведувачи кои го откажаа ангажманот не се вклучени во пресметката и нема да се реализираат, а административната процедура со нив ќе се заврши по пат на спогодба - велат од владиниот кабинет.

Со организацискиот одбор кој одлучувал за концептот на прославата раководел поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски кој сега е национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка. Во владиниот отчет стои дека се одвоени по 11.900 евра по град или вкупно 179.500 евра за организација на целиот настан. Според нивниот извештај во оваа сума се пресметани: обезбедувањето на соодветна техника, озвучување, осветлување, бини, редари, технички персонал, сценска опрема, ангажман на изведувачи, транспорт на опрема и технички персонал, промоција на настаните, графички и визуелни решенија и активности за промоција.

Од Владата објаснуваат и дека најавениот пренос на МРТВ не се реализирал бидејќи авторските договори со изведувачите не вклучувале регулирање на авторски права за пренос во живо на национални телевизии и со цел да не се издвојува посебно ниту еден од 15 настани и 40 изведувачи ширум државата.

Пред и по прославата на мета беа музичарите кои се најдоа на списокот со учесници на закажаните концерти. Изјавите на дел од нив, меѓу кои се етно-составот „Љубојна“ и тетовскиот реге/даб бенд „Конкеринг лајон“  дека не знаеле за каков настан се работи кога ги потпишувале договорите, дополнително ги разгореа страстите на социјалните мрежи.  „Женски Магазин“ пред два дена стапи во контакт со дел од изведувачите, но не сакаа јавно да коментираат. Интересен е моментот што беа едногласни дека е смешно што некои нивни колеги сега наеднаш тврдат дека немале поим на каков културен настан прифатиле да настапат.

Ѓ.С.