Во Охрид се отвори Музеј со кујунџиска работилница за филигран на Вангел Деребан

Охрид доби Музеј со кујунџиска работилница за филигран на Вангел Деребан.Стариот добар занает по кој надалеку бил познат овој крај, конечно се враќа во срцето на охридската чаршија.

Во изложбениот простор е презентиран накит стар и неколку века и автентичниот алат, со кои макотрпно работеле старите кујунџии.

– Пред туристите кои доаѓаат во Охрид, но и пред нашите сонародници да презентираме она што го имаме, сето наше богатство за да видат кои сме биле и кои сме и да дадеме поттик сложно да работиме и да градиме тука во нашата Македонија, изјави Никола Деребанов, внукот на мајстор Вангел Деребан.

Во Музејот има и работилница каде заинтересираните ќе може да учат филигранството.

– Имаме еден аманет од дедо ми, без разлика што и да е нашата професија, секогаш да го чуваме она што го познаваме за занаетот. И јас и татко ми го знаеме филигранството. И мојот прадедо кој бил учител, знаел да работи филигран, тоа и го работел во поодминатите години од животот, рече Никола Деребанов.