Ана Бунтеска: Ми недостасуваш
И можев стотици зборови да наредам
да ти ја навезам болкава на хартија
да ти кажам како не дишам деновиве
како земам длабоко воздух
а се чувствувам дека кај грлото ми заглавува
и не,
не е до загадувањето
ниту до моето срце
впрочем
тоа секогаш чука како поулавено
како да е во бркотница со мене
или со времето кое ми преостанува.
Ете
можам да ти раскажам дека не сум добро
дека телото ме боли
и душава ми се дроби
дека чувствувам студ кој не поминува
и страв од секој ден што следува.
Можам да ти раскажам за кошмарите:
баба ми ја сонив сношти
легната в кревет
со млад и убав лик
како раката по мене ја пружи
„Ела ми, пиле, ела, стопли се“
и можев
во сонот можев раката да ~ ја сетам
и топло ми беше
убаво и мирно
дур не ми текна на ќерка ми
и тогаш со вресок се разбудив.
Можам да ти кажувам
дека нешто во мене напукна
и дека се шири во форма на пајажина
знаеш
како камче кога ќе удри
во предно стакло од автомобил
и дека само го чекам мигот
кога од мене стакленца ќе останат.
Можам да ти раскажам за моето детство
за сите врежани мириси во главава
за сите вкусови кои ми ја обликувале душава
за тоа каква сум
а каква сакав да бидам
за тагата по тоа каква никогаш нема да станам.
И можам
дури можам и како на дете приказни да ти кажувам
сите кои ги знам
а и нови за тебе да измислам.
Ете
с` можам, ама не сакам
не ми доаѓа ништо од ова
не е ниту важно.
Муабетот ми беше
само сакав да ти кажам
ми недостасуваш.