Време за љубов

Добивај вести на Viber

Очекувавте да пишувам за 8-ми Март и “магијата” на празникот? Да бидам искрена и јас очекував дека ќе пишувам за тоа. И не ми одеше! Едноставно не сакаше! А можеби она што сакав да го кажам во врска со деновите обележани за љубов, жена итн, го кажав за Св. Валентин или Св. Трифун (како повеќе милувате). И веројатно да се присилев, ќе можев да го стокмам текстот во стилот “И на 9-ти Март сум жена”, ама плановите на Универзумот беа поинакви, а и не одам против себе и она што ми работи во градите. Нејсе...

Вообичаено текстовите за мојов магазин ги праќам во сабота, седната некаде на кафе, исклучена од надворешниот свет. И оваа сабота бев на кафе, но без лаптоп и само уживав во саботниот ден. Ги гледав луѓето кои влегуваа и излегуваа од кафулето...млада мајка со дете и неколку пријателки кои го анимираа детето за да може таа на раат да си го испие кафето, друштво кое гласно се смееше на некоја случка, двајца повозрасни мажи кои дискутираа за фудбал (со опсежна анализа и спортскиот билтен пред себе)....и неколку парови од различни генерации.

Едниот од едвај дваесеттина години, тазе заедно (слободна проценка базирана на збунетите погледи кои си ги упатуваа, полни со искрено допаѓање и малкуцка страв), вториот некаде околу четириесетина и кусур години (среќни заедно, со движења кои укажуваа на блискост и љубов) и еден поприлично возрасен пар. Тие уште на самото влегување ми паднаа в очи. Стокмени, дотерани како за прошетка, тој и’ ја отвори вратата, кога седнуваа и’ ја држеше столицата, а таа внимаваше дали му е удобно откако се сместија.

Ме трогнаа. Ете, тие последните ме трогнаа. Ме трогна целата приказна која ми се склопи во главата од само еден поглед. Ги замислив како секое утро заедно го пијат чајот или кафето, како тој се спрема за да појде до пазар, а таа потсредува низ дома...како внучињата после училиште одат кај нив на ручек, па дремнувањето после ручекот кога таа вели “потивко, дедо спие”...попладневна прошетка и гледање вести заедно....па се’ до бакнежот за добра ноќ.

Љубовта не е привилегија на младоста и младите. Чинам дека најчесто и не знаат што е љубов или и да им се случи, не знаат што да и’ прават. Збунетоста од хормоните и мешањето на сексот и љубовта е најголемата замка на младоста. Сум имала вљубувања и нешто што сум мислела дека е љубов во раните дваесетти. Сега кога се навраќам, не можам прецизно да се сетам на чувството. Најголемата љубов ми се случи на “стари години”. И ми текнува дека кога бев млада, ми беше “бљак” да ја врзувам љубовта со луѓе над 25 години. Глупости, па на 40 се веќе старци и нема љубов, ма нема ништо на 40!

Тоа е онаа фаза која сега ја поминувам со ќерка ми, кога по погледот сфаќам дека “во твое време немало мобилни???????” ми ја запечати трајно етикетата на СТАРА.

Тоа е фазата во која младоста е преценета, а зрелоста се идентификува со старост.

Знае ли љубовта за години?

Како ја замислуваме онаа...вистинската љубов?

Порано....како од пушка ќе речев дека тоа се оние пеперутките во стомакот (и песна имам за тоа напишано).

Сега...освен пеперутките, тука ми се и способноста да се разговара за се’ и сешто, да се молчи заедно, да се искараме, ма да се изнавикам без да ми е страв дека ќе ме остави, почитта, мигот на давање поддршка само со еден поглед и стисок на рака, споделувањето на мисли, учењето еден од друг и сексот како последен, но подеднакво важен елемент.

Љубовта е слобода. И доверба. Некаде прочитав дека довербата е кога некому ќе дадеме моќ да може да ни го скрши срцето, надевајќи се дека нема да го стори тоа. Отворањето кон другиот со детска наивност некако исчезнува. На сцена имаме нови правила. Глуми сила, не кажувај прв/а дека љубиш за да не ја изгубиш предноста!!!!

Која предност?! Во што? Во која битка или војна?

Па јас кога сакам некого нема шанси да не кажам дека го сакам! Паметно или не, таква сум. Сакам да кажам, да покажам...мене ми е убаво да правам на другиот да му е убаво. Која и каква оптеретеност е тоа дека односот меѓу маж и жена е игра на надмоќ?

“Еј брат, не ја барај 3 дена, нека не мисли дека си ептен загреан”.

“Значи....кога ќе ти се јави ќе му кажеш дека си договорена, да не мисли дека си очајна”.

Ете затоа има премногу фраерлук, а премалку љубов...ете затоа љубовта на оној возрасниот пар погоре во текстот ме погоди толку многу. Без глума молам! Без да се правиме силни пред некого за после дома да си го јадеме џигерот....се кажува просто и едноставно...

“Ми се допаѓаш...сакам да пиеме кафе...да се запознаеме како луѓе. Можеби ќе излезе ново, прекрасно пријателство....можеби ќе си бидеме љубов...не се знае”.

Време за глумење немаме. Некаде помеѓу две улоги на недопирливи фам фатали кои никогаш нема да ни донесат Оскар, ќе се провлече човекот на нашиот живот за кој до самиот крај ќе мечтаеме и ќе си правиме филмови како можело да биде.

Способноста да се зграпчи љубовта со двете раце и да се гали и негува е она што не’ дефинира дали сме биле успешни во животот. Љубовта кон себе, кон мажот/жената, кон професијата и децата.

Кажувајте ТЕ САКАМ.

Уживајте да сакате и да сте сакани.

А на младост да ме прашаше некој

Каква љубов ќе сакав да живеам

Ќе треснев без мислење

Ама без ич умот да ми проработи

Оти сакам пеперутки во стомакот

Сакам срцето да ми прерипува

Да не можам еден залак да каснам

Без да ми се заглави касајот в грло

Од помислата за него шо в гради ќе ми стои

А и вода ко ќе пијам

Да се засркнам од срцево по него шо ќе тропа

На младост да ме прашаше некој

Шо е љубов и каква сакам да ја живеам

Ко прле пред магаре ќе се излетав оти мора да боли

Ѓоамити ако не боли-не е љубов

Демек болката мерило и дразба за убост е

Та ќе везев зборој оти нема сон ко љубиш

Та месечариш ко улав по цели ноќи

И колку ти се кругојте под очи поголеми и поцрни

Толку појќе го сакаш и не можиш без него

Да ме прашаа на младост љубов шо е

Со сиот ум ќе речев оти ко вљубен си

Мир во срцето немаш

Оти сето време на светов го арчиш во мислите за саканиот

Ех, пусти години

Млада ко бев

Толку млада шо баба ми и дедо ми уште живи беа

Та како сега да е, пред очи ми се

Љубовта нивна досадна ми беше

Таа го вардеше ко мало дете

Де намести му ја вратоврската

Де челите светни му ги

Та ќе го чистеше во костумот од невидливи прашинки

И косата ќе му ја подместуваше

Ко за на бендис да ќе оди

Смирено и без нервоза

Без возбуда

Туку со спокој кој мене здодевен ми беше

А тој пак

Тој па од дворот трендафил ќе набереше

И горе пред врата ќе и’ го остаеше

И двесте пати ручекот ќе го пофалеше

Ко компир манџа првпат во живот да имаше пробано

И ко ќе одеше баба ми кај Сајмето за фризура

Знаеше кога пред порти да се курдиса

Со цигарата в рака и да ја чека

Глумејќи оти ете баш тогаш му се присакало да слези до долу

Млада ко бев

Толку млада шо љубов да ми сервираа пред нос, не ќе ја познаев

Мајтап си играв со нив

Со оние за чија љубов денес велам

Оти имаше корења до центарот на земјата

И не разбирав ко дедо ми на баба ми ќе и’ речеше

“Абе Марика

Ниту ти си за да заминиш без мене

Ниту пак јас за да останам без тебе”

И така беше

Таа не замина

Ниту тој без неа остана

Туку нему ракот градите му ги изеде

А таа остана однадвор уба, а внатре тагата да ја јади

До дента ко пишано и’ беше

И тогаш младоста ми умре

Ми умре идејата за љубовта шо ја имав

И ниту појќе болка во неа барав

Ниту пак сакав пеперутки кои в стомак вијат

Од тогаш во љубовта спокојот го барам

И чоек кој без мене нема да замини

Ниту пак јас без него ќе останам

Чоек без кој јас нема каде да имам да одам

А ниту нему без мене ќе му се останва

Ко нив

Kо нивната реч

Ко нивната љубов

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

фото Томислав Георгиев