Врска без врска

Добивај вести на Viber

Да се биде во врска ич не е лесно колку што навидум изгледа. Оние среќни парови кои ги гледаме наоколу си знаат колку напор и труд треба за да се одржи складниот однос, да се задржи почитта и да се одржува љубовта и страста. Ништо нема без труд и работа, а ние за жал сме познати како мрзлив народ. Имам една пријателка која долги години живее во странство и со која разговаравме пред некој ден за разликите во односите меѓу паровите тука и надвор од земјава. Абе одма да ти дојде да си најдеш странец (со голем респект према поединци во Мк кои се ем ретки, ем ги сметам ко симнати од друга планета)! Прво, нема поделба на машко-женски работи, почнувајќи од домашните обврски, па до моментот на чување деца и сите грижи поврзани со нив. Па тоа готвење, па чистење заедно, па чување деца додека жената си седи со пријателките некаде или сака едноставно да чита книга или да се лакира. Се смеевме кога ми раскажуваше дека кога го запознала сегашниот сопруг, прво на што помислила било “каде е за*бот?”. Навикната на нашиот балкански менталитет според кој местото на жената и мажот се строго одредени (пак ќе повторам, секоја чест на исклучоците...не скокајте веднаш), не ѝ се верувало дека може да се функционира во заедница во која (цитирам) “како да живееш со жена од аспект на одговорности и рамноправност во се’, ама баш во се’”. И што е најинтересно, таквите мажи се на ова поднебје окарактеризирани како папучари, шмокљовци и без тестиси. Па, да ве просветлам, токму ваквите мажи се вистински мажи во очите на една жена, оти лупање по маса со тупаница е одлика на примитивизам, а не на машкост. Нејсе, на другаркава не само што ѝ било чудно да се забавува со ваков маж, туку во секој момент очекувала дека нешто ќе се смени и дека тој ќе си го покаже “вистинското” лице. Еве, веќе 13 години се заедно, имаат и 2 деца а тој е се’ уште истиот.

За разлика од таму некаде на западот, тука работите се поинакви. И не е до тоа каде човек живее, туку како е одраснат и на што е научен уште од мал. Одговорност се учи од дома, исто како и тоа да се има почит кон другите со кои се комуницира. Нема за тоа книжуле, туку нешто што се нарекува домашно воспитување. А кај нас тоа е малку запоставено, оти ќерките ги третираме како принцези, а синовите како кралеви. Нормално, кога и едните и другите ќе пораснат и ќе си најдат партнер, ќе очекуваат дека и во тој однос ќе си останат со титулите кои им биле доделени како мали. И хоп, ете ти проблем. Принцезите наеднаш се соочуваат со обврски кои дотогаш мамичките ги извршувале наместо нив, додека кралевите не можат да се помират оти наместо во тронот на кој седеле дур биле кај мама и тато, треба да фатат и правосмукалка в рака. Таквите односи, во кои и двајцата се натпреваруваат во тоа кој да е подоминантен за да го покори другиот се осудени на пропаст, освен ако не влезат во графата “заедно сме оти така треба и што ќе каже светот”. Свртете се околу, веднаш ќе ги препознаете.

Има и еден друг феномен, а тоа е врска после развод. Ок, минал разводот, минало време кога човек едноставно сака да се стабилизира и да си дојде на себе и после извесно време се јавува потребата од партнер/ка. Некој ќе рече, полесно е оти се луѓето веќе зрели и знаат што сакаат. Точно, ама и не е баш точно. Полесно е од аспект на веќе собраното искуство кое веднаш дефинира дали можеме да се усогласиме со некој или не. Да, знаеме што сакаме, ама дали сме спремни на компромиси и брусење на карактерите за кои веќе знаеме дека е потешко да се стават под контрола кога сме повозрасни. Да ти се погоди чоек на повозрасни години е ко да си добил на бинго, лото и спортска....се’ заедно. Не зборувам за брак, оти потешко е да се одлучи човек на таков чекор кога веќе еднаш не успеал да ја одржи таа заедница, иако не велам дека не е возможно. Напротив, познавам луѓе кои во вториот брак го извадиле најдоброто од себе, а првиот им е само како потсетник каде кикснувале. За тоа треба зрелост и тука симнувам капа пред оние на кои ова им успеало.

Врска во која двајцата се возрасни луѓе, со деца, разведени. Прво, формирани табиети, второ, онаа мисла која секогаш, ама баш секогаш се провлекува кога има деца...како ќе биде партнерот прифатен. Треба голема умешност и мудрост за да се одржи таквата врска, да се направи баланс, да се доближите до децата на партнерот без да го исфрустрирате своето дете/деца, а сепак да не бидете сфатени како натрапник или дека сакате да замените нечија мајка или татко. Многу работа, нели? И ај што е многу работа, туку треба и многу живци и толеранција. Уште потешко е ако имате привлечност и љубов, ама кај едниот останала горчина после првиот брак. Шах-мат! Тука не се борите само со предизвикот како да го внесете човекот во својот живот а да не ви страда детето, како да влезете во нечиј живот а да не страдаат децата од другата страна, туку и како да се изборите со невидливиот противник наречен горчина и гнев од непријатниот крај на првиот брак. Прашањето е дали ќе успеете да изградите врска онаму каде што некој сака да е со вас, меѓутоа тоа да биде попатно, без да ви биде дадено место во неговиот живот. Или поинаку кажано, да имате врска без врска, ама проблемот е дека сепак го љубите човекот и дека во вашиот однос (колку и да е без врска во моментот) гледате потенцијал за среќен живот. Каде е границата до која се оди и после која се кажува “те љубам, но доста е”. Знаете дека не сум баш некој поборник за лажно достоинство, доколку страда душата. Налет ако излезам како победник и “шутнам” некого (демек држам до себе) ако после страдам и не ми е убаво. Јас сум (а знам и многу жени кои се како мене, или јас како нив) од оние луѓе кои ги исцрпуваат сите средства, за да можат после со мирна совест да си заминат, знаејќи дека сториле се’ што е во нивна моќ за да успее односот. Ама кога си одам, не само што не се враќам, туку и не ни помислувам повеќе на дотичниот. Е да, ќе се изгњавам ама не оставам недовршени работи. Кога заминувам? Заминувам кога ми е и кажано со збор и покажано со дела дека моето присуство е исто толку неважно како и моето отсуство. Заминувам кога нечија суета и себичлук е поголем од визијата за ЗАЕДНО. Заминувам во моментот кога во себе ќе почувствувам (а нема човек кој не може да го почувствува тоа) дека не сум љубена и дека за некој да се живее во гнев и горчина е поудобно отколку да се проба да се изгради нов, поубав и поквалитетен живот.

Муабетот ми е...дајте и’ шанса на љубовта и можноста да си најдете сродна душа. Дајте си поттик да пробате да бидете среќни со некој, но секогаш бидете во љубов со себе и слушајте си го внатрешниот глас. Кога тој е погласен со “збогум”, наместо со “да пробам пак”, не се двоумете. Заминете и не се вртете. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Таа знае кога е време да се разбуди

и рацете ширум да ги отвори

очите да ги избистри

светот во дланките да го зграпчи

боса да заигра

без грижа дали некој ја гледа

или потајно и се потсмева.

Таа знае

без никој да и каже

кога е време плеќите да ги свие

и во некое ќоше грбот да го навали

да ги пушти уздите

со кои животот си го држи

силно и цврсто како давеник

и во тебе засолниште да најде

за да се одмори.

Таа знае

кога на коленици да падне

и оздола милно да те гледа

со покорна насмевка да молчи

а сепак круната да си ја задржи

онаа која жена ја прави

која никој не може да ја згази.

Таа знае

знае точно кога да се исправи

и главата угоре да ја крене

со очи полни небо

и длабоко воздух да земе

за битката со себе што ипретстои.

Таа знае

таа толку добро и проклето знае

кога е време за да замине

без ниту еднаш да се заврти

и ниту еднаш во тебе да погледне

иако душата кај тебе ја остава

без во ниту еден миг да се покае.

Таа знае

како да се залечи

и како своја повторно да биде

дури и тогаш кога во нејзиното јас

твоето ти се прпела

и знае кога е време да те исплаче

а попатно и себе со тебе

без да моли

со очи суви како пустина

и зборови кои на хартија ќе ги истури.

Таа

таа знае се`

дури и тогаш кога не знае како без тебе.