Втора изведба на операта на Горан Начевски утре во МОБ

Втората изведба на камерната опера „Помеѓу соништа и летови“ компонирана од Горан Начевски, ќе се одржи утре (среда) од 20 часот на малата сцена на МОБ од 20 часот. 

Начевски, кој е автор и на либретото, раскажува емотивна приказна која при премиерната изведба минатата година, не ја остави рамнодушна публиката. 

Во улогата на ѕвездата настапува Александра Лазаровска Василевски, таткото е Дејан Стоев, патникот е Невен Сиљановски. Во операта учествува оркестарот на МОБ.

Диригент е Иван Еминовиќ, режисер Љупка Јакимовска, сценограф Зоран Николовски, костимограф Бранкица Јордановска, кореограф  Маја Каревски, концерт мајстор Јане Бакевски, хор мајстор Јасмина Ѓоргеска, светло дизајн  Нино Митевски, асистент диригент Катерина Стојковска.

„Секој од нас е патник. Патниците чекорат напред, или се враќаат назад. Чекаат. Се надеваат. Копнеат. Љубат. Плачат. Се плашат. Сонуваат, барајќи ја својата среќа. Со преполни или празни куфери. Понекогаш нема куфери. Само патникот,сам, со својата ѕвезда која му го осветлува патот. Патникот, ѕвездата и тишината. Приказна без почеток во која е возможно да се сретнеме со оние луѓе, со кои гледањето во нивните очи, прегратката и разговорот со нив посакуваме да траат вечно, бесконечно…Во чекалната, обоена со најубави бои и со најубавиот поглед кон градот, морето, цвеќињата, птиците, бродовите...и авионите“, вели композиторот Начевски. 

Тој додава дека во либретото секој од нас да ја пронајде својата верзија од приказната без почеток, но со среќен крај, како спротивност од трагичните завршетоци на најголемиот број дела од оперската литература. И уште една спротивност, парадокс во изборот на видот на глас кај улогата на Таткото. Родителите секогаш, во оперите се средни или длабоки гласови: алти, мецосопрани, баси или баритони, и затоа, во ова дело, таткото е тенор.

Составот е камерен оркестар, камерен хор и солисти: сопран (Ѕвездата), тенор (Таткото) и баритон (Патникот). Режијата вклучува и двајца балетски играчи.