За ќерка ми јас бев и мајка и татко, сега сум среќна баба на Клара: Искрено со Сузана Спасовска
Многу епитети заслужила низ 35 годишната кариера, почнувајќи од Сузе национале, златното грло, македонскиот славеј... Сузана Спасовска во овој период најмногу сака да биде баба на Клара, која има една ипол година. Кога е со внуката, не ѝ важно што не е онаа Сузана од сцената, се претвара во големо дете и го доживува она што само една баба може, со својата внука. Ужива во времето поминато во „Танец“ каде што работи, не сака многу време да поминува на социјалните мрежи, а ова интервју инсистираше да го правиме со разговор, затоа што муабетот во четири очи а неа е подобар од оној кој ќе се „искуца“. Горда е на својата Теона за која вели дека како самохрана мајка ја однела на добар пат. Сузе со радост ни раскажа и за својата мајка, но и за новиот проект „Приказна“ со кој ги прославува своите 35 музички години, а раскажа и други свои животни приказни.
* Славиш убав музички роденден, 35 години на сцената, а го најави новиот проект „Приказна“ за кој велиш дека сериозен и обемен. Каква точно приказна ќе раскажеш?
- Проектот „Приказна“ е јубилејно издание, 35 години на сцената. Надоврзување е на проектот од 2017 година, каде што иамше две паковки со по три цедеа, и дигитална и печатена музичка монографија. Овој проект сега е надоврзување, докомплетирање, заради целата состојба во којашто живеевме, немаше можност тогаш да се направи. Затоа што овојпат, годишнината не ја одбележувам со концерт, како за 30 годишнината, затоа е сега заокружување, 35 години на сцената со овој голем проект.
Проектот содржи цеде, содржи нешто што е многу популарно во светот и е ретро, касета, за првпат во Македонија. Содржи УСБ коешто изгледа како клуч, многу интересно, уникатно и едниствено, на коешто се наоѓа цедето, материјалот од проектот „Приказна“, материјалот од 35 песни- хитови од Сузана Спасовска, се наоѓа дигиталната музиучка монографија на УСБ-то, и уште една бонус композиција како најава за следен проект. „Да сум бистра вода“ се вика песната. Тоа се содржи во УСБ-то.
Има уште едно УСБ, коешто изгледа како касета, и тоа е нешто што е во ограничени количини, лимитирно, промотивно издание, коешто ќе можат да го имаат ретки луѓе, односно колекционери, бидејќи, таму е пак целата кариера на Сузана Спасовска. Концерти, компилации од песни ,скоро сите песни, биографија, монографиите се таму, значи скоро целиот материјал на 64 гига е ставен таму.
Многу е интересно, пред сè и прво досега, затоа што омотот на цедето и на сите овие направени работи, УСБ, друго УСБ и касета, сите тие се нацртани, сликите се нацртани од Сара Петковска. Тоа се илустрации по дизајн, и се уникатни. Ова го нема кај нас досега, ни на овие простори, а и пошироко. А концептот, идејното решение и дизајнот се на Дејан Величковиќ. Тоа се мои соработници коишто направија нешто многу интересно.
* Како ќе се промовира овој проект, и каде може да се набави?
- 2021 е мојот 35 годишен јубилеј, и на крајот на минатата година излезе целиот материјал, меѓутоа промоцијата ја доживува сега, заради целата состојба со пандемијата. И не планираме некоја кој знае каква промоција, за мене ова е само едно заокжужување на тие 35 години. Наместо да правам концерт, на еден друг начин да ѝ се оддложам на публиката, затоа што сите песни кои беа отпеани во овие 5 години не можеа да се најдат на цеде, луѓето си ги бараат, де ваму, де таму, сега се сите на едно место ставени, и сето тоа е како еден јубилеен проект. Материјалот може да се најде во „Југотон“ во ГТЦ, во „Сенатор мјузик“ во Битола и во помалите градови, секој ден имаме сè повеќе места. Но, најважно е што можат да се порачаат на меил, има екипа што си го работи тоа: mojaprikazna@gmail.com Гледаме да стигне цедето до сите љубители на македонската песна, иако сè помалку се слуша македонската песна во последно време, но не смееме да се откажуваме.
* Отсекогаш си била пионер за многу нешта, таа традиција продолжува и овој пат, оној концерт во Универзалната сала со проширена сцена, фарбање на лицето, коса во повеќе бои... Како сега, од оваа дистанца гледаш на тоа време?
- Ми изгледа како што би ми изгледало и сега, бидејќи јас така размислувам, затоа што секогаш треба да се биде поразличен, доколку сакате да бидете забележани и да постигнете фантастичен успех. Ако не бидете поразлични, ако се претопите во стадото, тогаш кој ќе ве забележи? Јас така сум размислувала од почетокот на кариерата, значи сè што е направено, не е воопшто случајно. Така сум размислувала, дека треба да направам една своја стратегија, по којашто ќе чекорам во текот на кариерата, значи чекор по чекор, јас сум ја градела својата кариера. Многу ретко се случило нешто да дојде случајно. Сето тоа си било осмислено од мене. Секако на почеток, си почнуваш сам, па се надоградуваш во текот на кариерата со соработници, си го градиш својот тим, и така малку по малку, доаѓаш до луѓе околу тебе кои ставаат едно камче во мозаикот наречен Сузана Спасовска. Сам човек не може да опстои на сцената.
* Токму поради твојата оригиналност, сите сакаат ја следат Сузана Спасовска, особено младите пејачки на фолк сцената. Ги следиш ли помладите колешки, што велиш за овој тренд?
- Се гордеам што можам да бидам пример за младите, да оставам трајни вредости зад себе, и среќна сум што одат по моите стапки, како што јас сум чекорела по стапките на легендите на македонската музика.
* Те нарекуваат Сузе национале, златно грло, македонски славеј, многу епитети си заслужила. Дали мислиш дека државата, институциите па и народот доволно ја испочитувале твојата работа сите овие години?
- И оние кои блие пред мене, нашите големи легенди не биле доволно испочитувани во времето во кое живееле. Сите ние не можеме сите награди и признанија да ги добиеме додека сме присутни на земјата, додека живееме, но јас воопшто не се заморувам со тоа. Мене ми е најважно да оставам материјал, проект, музика зад себе, за да можат другите генерации да видат што сè се работело во едно време. Како ние што сме учеле од нашите легенди, тие ако не ни ги оставеле тие песни на некои носачи на звук, ние немало да можеме даги слушаме, да ги обновуваме да ги пееме денес. Така и јас сакам да оставам само еден белег во времето во коешто живеам. Како што земам од музиката, така сето тоа повторно го враќам назад, во проектите, значи вложувам , од првиот момент многу вложувам. Не само што се вложувам себеси како личност, со многу откажувања од многу работи во животот, многу се вложувам себеси, а вложувам и финансиски. Она што јас ќе го земам од музиката, јас повторно го враќам во музиката.
* Велиш дека вложуваш дел од себеси, се откажуваш од многу нешта. Ако би можела да го вратиш времето, се каеш ли за некои случки, приватни и професионални, има ли нешто би сакала да не ти се случило?
- Нормално, како и секој човек. Како што се раѓаме, растеме понатаму, а животот се состои од промени. Ако би можела да се вратам назад веројатно би променила доста работи, коишто сепак би ми олесниле за чекорењето напред. Сепак, животот е тој којшто не носи само убави работи. Некогаш се случуваат и неубави работи коишто сакаме да ги избришеме, но не можеме да ги избришеме. Сите тие искушенија, дали приватно или во работата ме направиле посилна, поздржлива, човек којшто верува во иднината, којшто не се откажува така лесно при првиот пад. Едноставно се чувствувам силна и мудра. А, ако не биле сите тие искушенија, и сите те препреки низ кариерата и низ животот, веројатно оваа Сузана ќе била една поинаква Сузана.
* Кои се тие нешта кои би сакала да ги избришеш?
- Во музичкиот дел, има некои композиции кои сега не разбирам зошто сум ги направила. Но, сепак тоа било дел од тоа време, и размислувања од тоа време. Зашто не размислуваме исто кога сме млади, и кога сме веќе повозрасни. Но, јас повеќе работи би ги избришала од приватниот живот, затоа што премногу време сум подарувала на луѓе коишто не ја заслужувале мојата љубов, не го заслужувале моето друштво, едноставно сум можела да го вложам тоа време во нешто многу подобро. Кога си млад не можеш да бидеш толку мудар. Чекориш напред и во чекорењето можеш и некаде да се сопнеш.
* Сега ти се случуваат убави работи приватно, имаш внука, Клара. Во јавноста луѓето те доживуваат онаква каква што си на сцената, а каква е Сузана како баба?
- Веројатно како и секоја баба. Прво сум многу среќна, ги сакам сите убави нешта што се случуваат и ја сакам цела таа енергија што се случува помеѓу баба и внука, мене ме прави многу среќна, а гледам дека и нејзе ја прави, бидејќи ние знаеме многу да се смееме, да си играме. Кога сум со неа, јас се чувствувам како едно големо дете. Се враќам на оние детски радости, на игрите, на смеата, си се гушкаме, си се надополнуваме со енергија. Секој момент слободен го користам за да го поминам со неа, дури некои работи и откажувам, за да можам да бидам со неа, бидејќи не само што ми ја бара душава, туку станувам премногу среќна кога ја имам таа енергија до мене. Чувството е необјасниво, чувството може да го знае само една баба. Луѓето околу се шегуваат со мене и ми велат, ти и една супер бабичка, затоа што гледат Клара колку ме сака.
* Во една прилика имаш изјавено дека како самохрана мајка си ѝ го покажала вистинскиот правец на својата ќерка Теона. Таа сега е во среќен брак и има свое семејство. Колку мислиш дека има научено од твоето добро или лошо искуство?
- Сие ние кога ќе дојдеме во тие години кога треба да имаме семејство, да имаме пород, сите сакаме да биде сето тоа совршено, така и јас сум сакала. Меѓуоа, некогаш е подобро, знаеме дека е подобро, макар и со еден родител да биде детето, но да функционира семејството. Теона не го почувствувала премногу отсуството на таткото, и едноставно отсекогаш велела дека нејзината мајка е и мајка и татко..Јас никогаш не сум бранела таа да има комуникација со својот татко, сум била отворена за тоа, сум кажувала дека доколку сака да се види, да се слушне, сето тоа било дозволено. Не сум сакала да давам никакви забрани. Сето тоа било оставено на неа, таа да си одлучува. Таа одлучила да ја сака својата мајка како да е и мајка и татко.
* Важна фигура во твојот живот е твојата мајка , која на почетокот на кариератати ги шиеше уникатните фустани кои ги носеше.Колку сега, во нејзините позрели години сè уште можеш да се потпреш на неа за било каква помош?
- Мајка ми е врна шнајдерка, таа отсекогаш ми била важна фигура, уште од малечка.Најмногу посетувам на мајка ми, иако имаме влијание од другиот родител, меѓутоа сите коишто ја виделе мојата мајка, веднаш знаеле дека ми е мајка. Ние и си личиме, во карактерот потсетуваме една на друга, така сме брзи и аналитични во работите.Секогаш ми била поткрепа, општо, моите родители ми биле поткрепа, но не можеле премногу даме крепат во градњето на кариерата, затоа што тие имале своја работа и не биле во музичкиот свет за да можат да ме поткрепат, но во се друго во живото, ме крепеле најмногу што можеле, и затоа сум им благодарна. Татко ми за жал веќе не е меѓу нас. Посебно во времето кога јас одев многу на турнеи, во тоа време се патуваше многу, немав толку време за да се посветам на Теона, туку тука беа мајка ми татко ми, кога јас требаше да бидам на некоја турнеја или настап, тие беа со неа. И таа си уживаше, и баба и дедо беа среќни, а и ќерка ми си беше среќна со баба и со дедо. Но, исто така со секој слободен момент бев со Теона, да ја воспитам како што треба, за да ѝ бидам и на неа една поткрепа, една потпора, и еден правец да ѝ дадам во животот. И му благодарам на Бога, сега сум среќна и можам да кажам дека иако самохрана мајка, сум ѝ дала еден правец во животот, да знае што треба, што не треба, и да биде воспитана како што треба.
* Освен што си ангажирана со внуката и со новиот проект, ти си вработена како солист во ансамблот „Танец“. Како ти е на работа?
- И во приватниот живот, и во музичкиот живот, и во „Танец“, се чувствувам убаво во музиката. Луѓето се прекрасни, се почитуваме сите еден со друг, ние функциониране како едно, и така треба да функционираме, бидејќи сме ансамбл којшто ја претставува македонската музика, македонската игра и песна насекаде низ светот, и можам да кажам слободно дека „Танец“ е нашиот најголем амбасадор низ светот. Сè си тече прекрасно, како на работа, со колеги. Можеш да се напиеш кафе, да дискутираш, најмноу се зборува за музиката. Мене уторо ми почнува со музика, и едноставно животот ми е музика. Со колегите се гледаме како пријатели, совен што сме колеги. Прекрасно ми е навистина, не можам да се пожалам.
* Во една објава на Фејсбук напиша дека со години ја имаш истата тежина, 59.5 килограми. Како успеваш да ја одржуваш, до грам истата тежина?
- Јас можам да променам килажа само кога јадам руска салата со кифлички за Нова година, бидејќи не можам да оддолеам, бидејќи од мала ја сакам руската салата мама кога ја прави, и тоа не се променило. Сè се менува, тоа не се менува. И, кога ќе отидам на турнеја во Австралија, нели нашите таму, секој на ручек ќе те викне, на вечера, и можам да ставам две кила повеќе. Тоа се два моменти кога може мојата килажа да се смени. Инаку, тоа ми е килажата, 59 ипол кила, еве да заокружиме на 60. Јас имам некој свој режим, не е некој посебен, едноставно како што ми бара организмот. Сега е модерно да се гладува или да се јаде во одредено време, меѓутоа јас својот режим на исхрана уште кога сум била помлада сум си го наметнала самата на себе бидејќи сум имала потреба. 24 часа пред настап јас не јадам. Пијам само вода и по некое кафе. Пред настап, пред снимање, во живо кога пеам, па дури и кога сум на плејбек, снимање на емисии и слично, јас сум 24 саата на вода. Не е ова со не знам каква намера да бидам слаба или слично, така ми е полесно, затоа што имам повеќе енергија, поподвижна сум пополетна сум. Инаку сакам балансирана исхрана, не се преоптоварувам со храна, не сум некој кој знае каков гурман. Јадам тогаш кога самиот организам ќе ми каже дека ми треба храна. И важно е тоа дека колку што можам повеќе пешачам. Некогаш, Теона ќе ми каже: Мамо, ај да те однесам до таму. Не, викам, ти оди со кола, јас ќе одам пешки. Сакам да пешачам, мене тоа ми го ослободува умот. Како некоја медитација ми доаѓа. И навистина сум нерасположена кога знам дека немам вишок килограми,а на ТВ кога ќе се видам изгледа како да имам барем 7-8 килограми повеќе.
* За 30 години кариера одржа убав концерт, можеме ли да очекуваме слично нешто и за 40-годишниот јубилеј?
- Може и да биде 37. Секогаш сум поинаква во некои такви идеи, може и да ми текне да правам јубилеј на 37, а не на 40.
Милиџа Џаровска
Фото: Приватна архива