За кого и за што живееш?
Живееме во општество во кое отповеќе се
грижиме што ќе кажат другите за нашите постапки, одлуки и дела. Тоа оди дотаму
што многупати и не постапуваме онака како што ни налага совеста или какви што
ни се потребите, оти линчот на јавноста или комшилукот е поверодостоен, отколку
она што ни сака и бара душата. И како возрасни луѓе кои свесно одлучуваат дека
Петранка од шести влез е исклучително важна особа чие мислење треба да се
почитува и дека е неспорно оти таа треба да одобри како си ги живееме животите,
гревот е што си ги учиме и децата (свесно или несвесно) дека туѓото мислење е
поважно од нивното. Кога решив дека ќе имам дете, однапред знаев дека ме чека
тешка битка со сите пропратни малограѓански елементи на “мора и треба”. Не,
ништо не мора и не треба, освен детето да ми е живо, здраво и среќно. Дали
обликот на нејзината среќа е во нечиј калап или не, ама ич не ме интересира.
Никогаш не ја терав да се поздравува со сите или да дозволува да ја шлапаат по
образи ко мала. Кога ќе приметев и најмал отпор кај неа, го почитував нејзиното
бунтување, оти кај децата нема трте-мрте. Или ве сакаат или не сакаат да ве
дружат, толку е едноставно. Веројатно кај одредени луѓе тоа нејзино
поттргнување за кое немав порив насилно да го исправам, беше одраз на лошо
воспитување и мој кикс како мајка. Нејсе, успешно преживеав и покрај тие
негодувања или преќутно незадоволство кое го чувствував. Сакав да израснам
слободно дете, а не адаптирано кое ќе се стреми кон задоволување на сечии желби
и потреби, а кои не се во согласност со нејзините.
Така, години отпосле ќерка ми израсна во девојка која точно знае што сака, а што не и која има став и знае да каже НЕ онаму каде што не се сложува. Да, дури и кога сум јас во прашање, што воопшто не го сфаќам како непочитување. Со оглед на тоа дека е растена со мене (татко и’ живее во странство) и дека разводот беше на нејзина една година и неколку месеци, навикната е дека ние функционираме вака како што функционираме. Сами си водиме сметка за домот, плански се купува се’ што треба, се оди на пазар. Комуникацијата секако си ја имаме со татко и’ и е сосем нормална и здрава, но имаше еден момент во кој сфатив колку од нас возрасните зависи патот на децата. Пред 5 или 6 години, седиме дома и детево “ничим изазвано” ми вели дека таа решила целиот свој живот да го мине со мене, оти јас сум била сама. Кај мене, шок! Грижата за неа и посветеноста си ја имала врзано во крпче дека треба некако да ми ја врати или да се оддолжи, со тоа што ќе остане покрај мене кога ќе остарам. Долги муабети се тераа тогаш во кои објаснував дека одлуката да сум сама е моја и дека нејзиниот удел во тоа е нула. Па потоа објаснував дека децата си имаат свој пат по кој чекорат и дека јас мојот го чекорам онака како што сакам и ми е убаво, дека мојата самотија не е осаменост и дека најголемата радост ќе ми биде ако знам дека каде и да е, ќе е среќна. Па еве, години подоцна правиме планови за студии во странство и нема ден а да не помислам на тоа дека малку фали за да направиме робови од нашите деца. Многу малку за да им го сервираме животот во погрешна чинија, од која никогаш нема да се најадат.
Дали ќе бидам избезумена кога ќе замине по својот пат, од аспект на тоа дека како и секој родител имам порив да се грижам влакно да не и’ фали од главата? Секако дека ДА. Дали ќе ја мислам дали е јадена, спиена, дали нешто ја боли и како се чувствува? Секако дека ДА. Дали тоа ќе ме спречи да и’ ги скратам крилата за јас да се чувствувам добро и да знам дека ми е пред очи? Апсолутно НЕ.
Никој не е на земјава за да е тука за некого, освен родителите за децата и тоа со усул, оти пред да станеме родители сме биле индивидуи. Не сум поборник дека треба било кој да си го жртвува животот, дури ни за сопственото дете, освен ако тоа не е потребно. Но, знаеме да претеруваме во тоа и несакајќи да си ги претвориме децата во амеби кои нема да можат сами да се снаоѓаат, или со таквата улога да се тешиме дека уште сме им потребни. Воедно, кога инсистираме на улогата да сме жртви за децата, несакајќи им покажуваме пример и меѓу редови им кажуваме “види што правам јас за тебе”. Да, правиме оти ние сме одлучиле да имаме деца, а не дека тие го барале тоа од нас. Да, во периодот кога се мали сме им целосно посветени затоа што не можат сами да направат нешто или да расудуваат, земајќи ги предвид сите околности. Но, кога ќе пораснат нужно е да има се тргнеме од патот и да бидеме само сенка под која ќе можат да одморат или кога ќе им треба помош или утеха.
Кога тоа ќе го научиме, или да бидам попрецизна....кога ќе научиме ние возрасните дека децата не доаѓаат на светот за да има кој да не’ гледа ко ќе остариме, ќе имаме право да бараме од нив да не трпат никакви блуеници ни од околината. Не може дете кое е учено и клукано цел живот дека треба да е благодарно што сме го родиле (фуј) да израсне во слободоумна личност која ќе е своја и ќе знае да се избори за себе. Родителите го сфаќаат тоа дури откако децата ќе бидат робови на сите наоколу, почнувајќи од другарчиња, потоа партнери, соработници. Клучно е да ги научиме да кажат кога нешто не им се допаѓа, а тоа треба да почне од домот. Реченицата “ова е моја куќа и ќе правиш како што ќе речам јас” е идеална подлога да си го упропастите детето кое ем ќе ве презира, ем ќе чувствува грижа на совест заради емоцијата која токму вие сте му ја всадиле кон вас.
Кога ќе ме праша ќерка ми што мислам за кошулата или панталоните кои ќе ги види во продавница, не давам мислење додека прво не слушнам какво е нејзиното. Кога ќе ми раскаже за некоја расправија и ме праша што да прави, прво инсистирам да слушнам што и’ се мота во главата за случката и како таа мисли дека треба да постапи. Дали грешам или не, ќе покаже времето. Само знам дека дека никој и ништо не е вечно и дека мора да знае сама да носи одлуки, оти еден ден мене ќе ме нема и не сакам цел живот да бара друштво или партнер кој ќе мисли наместо неа.
За кого и за што живееме? Ова не е демо верзија на она што се нарекува живот, ова не е пупупу не важи, ај од почеток. Ова е тоа, колку и како ќе го искористиме нашето постоење на земјава, зависи само од нас. Оптеретени сме од тоа дали ако вака се нашминкаме е ок или не, дали овој фустан или оние пантолони, дали фризурата ни е во тренд, дали ако се развикаме ќе не слушнат комшиите, дали да останеме во врска или брак оти срамота е-што ќе каже светот. Оптеретени сме со мал милион тривијални нешта кои немаат ама баш никакво значење во нашиот живот. Не живеам за другите, не ми е гајле кој што мисли за мене, не сакам да сум на трње за да одржувам некако имиџ кој не е мој и кој не е својствен за мене. Сакам ова време дур сум тука да дишам слободно, да сум она што сум и за тоа да немам грижа на совест кон никого. Така го воспитав и детето, дека туѓото мислење е важно колку ланскиот снег и дека животот врви додека се обидуваме да бидеме она што другите сакаат да бидеме. Ќерка ми ми должи само едно нешто, а тоа е да биде своја и среќна. Ништо повеќе од тоа. А секој од нас во суштина на себе си го должи тоа. Додека се трудиме да се вкалапиме во нечии очи, времето си минува и на крај сепак ќе има барем неколкумина на кои пак нема да им се допаѓаат нашите постапки. Додека она што секој од нас си го тера како филм во кој си ја одбрал улогата, а воедно со тоа не прави штета на другите, за мене е сосем во ред. А ако штетата е само дали некому сме му ја уништиле перцепцијата за нас која ја имал, фаламногупријатно, ама не ме интересира.
И за крај...за кого и за што живеете, ако не е за да заминете со насмевка дека сте го направиле вистинското. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Отаде
отаде велат магија дека има
дека треба да се изоди цела
и дури онаму
на другиот крај
има грне злато и многу среќа
дека, ете,
некој знае некого
а тој некој, пак, некој друг
некој кој така стасал до оној
другиот крај
та се усреќил и опарил за цел живот.
Како дете првпат видов ѕуница со баба ми
паметам како ја влечев за рака
да побрзаме
демек ене каде е
небаре окото и чекорот исти се
та ти се чини дека за час до неа ќе стасаш
така убава и полна светлина
полна бои.
Ете, таква тогаш
како дете ми се виде
накитена како жена
пред љубовник дур се токми
напрчена со сиот свој сјај
што предизвикува и мами.
Ѕуница, ѕуница –
викав на сиот глас
– грне злато, многу среќа
многу, многу среќа
ене ја
ама ако подзамижам со едното око
еве ја
со малото прсте веќе до неа стасав.
Ѕуница, ѕуница –
врескав возбудено
– јас ќе ја најдам
ќе ~ го најдам крајот
и таму, ете, мене ќе ме чека магијата
оти во умот детски
с` е само приказна со среќен крај.
Одамна не бркам ѕуници
сега го сакам дождот сам по себе.
Одамна грне злато во ќумурчиња претворив
ниту, пак, среќа ми треба
ама мир немам
мир во душава не ми остана.
Раздадов многу
наоколу и без усул
дај парче од срцево ваму
ах, еве и за ваму имам
та сега празно ми бие во градиве.
Ѕуница, ѕуница –
уште гласот си го сонам некогаш
па пак
во сонот радост ме фаќа
и се гледам како трчам
дур во ушите ветар ми фучи
како срцево во грло силно ми чука
и еве ме кај што стасувам
на земјата вриеж од бои
и од сите златни парички распослани
зелено стакленце само земам
та во сонот до големата заспана Ана го ставам
мир со љубов ~ давам,
за лека ноќ
за добро утро
за на старост ѕуница да најде.