За рекордни час и половина продадени двата концерти на Камерниот Оркестар на Битола - „Засекогаш во срцата“ посветен на Тоше и Аки
Четврта година по ред, Центарот за култура од Битола, својата нова сезона ја започнува со Концертот „Засекогаш во срцата„ кој го организира со Камерниот оркестар на Битола, а посветен е на споменот на големиот Тоше Проески. Оваа година, смртта на Аки Рахимовски, кој патем минатото лето во Битола со истиот оркестар го имаше еден од своите последни концерти, беше причина повеќе овогодинешниот концерт да биде посветен и на Тоше и на Аки, двете музички ѕвезди кои повеќе не се меѓу нас, а музицирале и на сцената на Центарот за култура и со битолскиот камерен оркестар со кој диригира Владимир Димовски.
Заради огромниот интерес, наместо еден, беа најавени два концерти кои вечерва и утре ќе се одржат во Битола, а минатата недела, само што се најави продажбата на билетите, тие за неполн час и половина се распродадоа.
На концертот гости ќе бидат: Каролина Гочева, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Александра Јанева, Александар Тарабунов, Јана Бурчевска, Виктор Апостоловски, Нико Ѓоргиевски, Бојан Стојков, а на сцената ќе биде и хорот на Државното музичко училиште од Битола, чиј ученик беше Тоше Проески.
Ова беше повод и за денешниот прес, кој директорката на Националната установа Центар за култура, Маја Андоновска Илијевски го искористи и да ја најави целокупната програма која е планирана за оваа установа и штотуку потврдените проекти кои ќе ги поддржи Министерството за култура за календарската 2022.
„Од областа на драмската дејност поддржан е 23-тиот по ред Фестивал на монодрама со 600.000ден, од областа на музичката и музичката сценска дејност поддржани се неколку проекти: Новогодишниот концерт со 250.000ден, гостување на балетот „Госпоѓиците од Авињон„ со 50.000ден, концертот на Симфонискиот оркестар на НУ Филхармонија со 50.000ден, 14-тото издание на Фестивалот на музика од светот со 850.000ден, концертна промоција на албумот “Нова ера” на Николче Мицевски со 200.000ден, традиционалниот концерт „Засекогаш во срцата„ со 350.000ден. Од областа на фолклорот поддржано е издавање на носач на звук на КУД Стив Наумов Битола со наслов „Јас и Битола„ со 120.000ден, Семинар за традиционална музика и игра кој се одржува годинава по 14 пат со 300.000ден, 52-то издание на Илинденски денови интернационален фестивал на народни игри и песни со 2.200.000, поддржани се и 6 изложби: Интеграли на Илија Маџаров со 60.000ден, Државната изложба на детски ликовни творби „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво„ со 70.000ден, традиционалната ликовна работилница за деца со 60.000ден, фото конкурс и изложба на уметничка фотографија 40.000ден, проектот „Видна мистерија„ на Љубе Алексовски со 50.000ден и Македонска резба на Веселин Поповски со 40.000ден.
Добивме и средства за инвестициско одржување, односно да поставиме подни плочки во горното фоаје, кое има дотраен под со што и овој дел ќе може естетски да се уреди за настани кои заслужуваат убав простор во нашата институција. Оваа поддршка е во вредност од 200.000ден„ - истакна директорката на Центарот за култура во Битола на денешниот прес.
Најавен е и настан за месец март, кој не е е финансиран во годишната програма, за кој наскоро ќе има и официјална потврда, а директорката го најави како убаво изненадување.