За среќен живот потребно е добро здравје и кратко помнење: Инспиративно интервју со Пиjо Плех, туристички водич на „Фибула“ во Анталија

Добивај вести на Viber

Секоја реченица му почнува со „Драги мои“. Неговиот глас смирува, полн е со инспиративни приказни а додека ги раскажува , го гледате без да трепнете. Ако заминете на летување со туристичката агенција „Фибула“ во Анталија, ќе бидете среќни ваш водич да биде Пијо Плех од Босна и Херцеговина. Смирен, професионален, пријателски расположен и со специфичен хумор, Пијо е лик кој не може да не го засакате. Нашата екипа која беше дел од инфо- турата на „Фибула“ во Анталија ја имаше таа среќа неколку дена да се дружи со овој фасцинантен човек. За тоа дека живее на три места во Турција, зошто жената е како ракијата, за анегдотите со туристите и за искуството со гостите од Македонија, Пијо раскажа за Женски магазин, додека пиевме традиционално турско кафе со локум, во хотелот IC Hotels Green Palace во областа Лара во Анталија.

* Пијо е необично име. Од каде е потеклото?

- Ова е име од персиско потекло. Кратенка од името Пијаве, кое порано често се давало во Босна и Херцеговина. Инаку, на персиски, значењето на ова име е чаша вино. 

Пијо во тематскиот парк „Land of Legends“ во Белек

* Потекнувате од местото Горажде во Босна. Како ве однесе патот во Турција и како станавте туристички водич?

- Дојдов во Турција во 2007 година за да студирам во Анкара. Завршив Меѓународни односи и на истиот отсек магистрирав. Почнав сосема случајно да се занимавам со туризам. Потоа станав туристички водич, и еве поминаа 14 години и јас сѐ уште сум тука. Ја засакав оваа рaбота, а дипломата од факултетот ја имам на страна, да се најде, за секој случај.

* Постои ли некоја бројка, со колку туристи во годината се среќавате?

- Не водам точна евиденција, но кога ќе се соберат сите групи, тоа се околу 4-5 илјади туристи во годината.

* Интересен е фактот дека живеете на три места во Турција. Каде ви е вистинскиот дом?

- Моите адреси се и во Истанбул и во Анкара, но сепак, најголемиот дел од годината го поминувам овде, во Анталија. Ако најдам неколку дена за одмор, одам таму, а ако избројам , ми се собираат само околу 3-4 недели во годината. Пак велам, поголемиот дел од годината сум во Анталија, а сепак, ми требаат тие две адреси колку да имам каде да ги оставам работите. Секаде по малку ми е дом, но град кој најмногу го сакам во Турција е Измир.

* Тежок ли е таквиот начин на (по малку) номадски живот?

- На моменти е, но кога човек ќе се навикне, ништо не е тешко. Во мојава ситуација, има една добра работа. Каде и да тргнете, ја носите својата куќа со себе. 

* Што најмногу ви недостасува од вашата Босна и Херцеговина, вашето родно место?

-  Она што најмногу ми фали од мојот град е нашата река, Дрина. Во Горажде одам еднаш во годината, во зимските месеци. Среќа е што моите доаѓаат на летување и на одмор тука во Турција, па почесто се гледаме. 

* Какво искуство имате со туристите од Македонија и каква ви е соработката со туристичката агенција „Фибула“?

- Гостите од Македонија се за мене секогаш добредојдени и со нив многу лесно соработувам. Секогаш се позитивни, насмеани, весели, имам прекрасно искуство со нив. Сакаат да прошетаат, добро да се напијат и да се најадат, да видат и да се одморат. Со туристичката агенција „Фибула“ одлично соработувам веќе подолго време. Можам слободно да речам дека сѐ што знам за туризмот, тие ме научија. 

* Ако некоја гостинка има специјални барања кои е невозможно да ги исполните, како се справувате со таквите ситуации? 

- Жените се секогаш во право. Што и да бараат, мораме да им исполниме. Не постојат специјални барања на кои не можеме да одговориме.

Приказните на Пијо ги слушашвме без да трепнеме.- во хотелот Bosphorus Sorgun во Манавгат, Анталија 

* Раскажавте фасцинатна приказна за жената и за ракијата. Можете ли да ни објасните зошто во Турција велат дека жената е како ракијата а ракијата е како жената?

- Во Турција постојат правила како се консумира ракијата, и кога ќе седнете на маса да пиете ракија, треба да знаете како да се однесувате. Има многу правила. Не се зборува гласно, не се гледа по други маси, никогаш не треба да се претера со пиење. Турците велат дека треба да се пие со главата, а не со задникот. Исто така, Турците велат дека жената е како ракија, а ракијата е како жена. Постои причина за тоа. Кога ја пиете ракијата, треба да ја пиете со мезе. Кога ракијата ќе стаса на маса, таа веднаш сака по неа да стаса и сирењето. Кога ќе стаса сирењето, тогаш ракијата бара да дојде и пржениот модар патлиџан. По него, посакува да дојдат и маслинките, по маслинките, киселото млеко. По киселото млеко, доаѓа рибата, а по рибата лубеницата и дињата. Сето ова се косумира со ракија. По дињата и лубеницата, доаѓа кафето.

Затоа Турците велат дека жената е како ракијата. Кога ќе ја погледнете, таа сака да ѝ се насмевнете. Кога ќе ѝ се насмевнете, таа сака да ѝ пријдете. Кога ќе ѝ се доближите, таа сака да ја држите за рака. Кога ќе ја фатите за рака, тогаш сака да ја бакнете. Кога ќе ја бакнете, тогаш сака да ѝ ставите прстен на рака. Кога ќе и го ставите прстенот, тогаш посакува да ѝ го посветите сето свое внимание. Кога ќе ѝ го посветите своето внимание, тогаш сака да ѝ се предадете и да ѝ го посветите целиот свој живот. И знајте, ако таа ви возварти со насмевка, и таа целиот свој живот го ви посветила на вас. 

* Споменавте и дека постои правило, колку ракии жените смеат и да испијат и што ќе се случи ако ја надминат дозволената бројка? 

- Жените пијат по три ракии. Едната за својата убавина, едната за својата храброст и едната за својата благородност. Ако ја испијат и четвртата, велат дека можат да се случат две работи. Или ќе ви ги открие сите свои тајни, или подгответе се да поминете една фантастична ноќ со неа.

* За крајот на нашето патување, нѝ дадовте инспиративен совет од ваша пријателка од Хрватска која успеала да го победи ракот. 

- Јелена од Загреб е една од моите најдраги гостинки и моја пријателка. Имавме можност неколку пати да патуваме заедно овде во Анталија. Повозрасна госпоѓа е, има речиси 90 години. Има победено три карцинома. И таа ми даде еден многу вреден совет кој често им го повторувам на моите гости: За среќен живот сине Пијо, потребни се две работи- добро здравје и кратко помнење. 

* Имате ли пријатели од Македонија и која е најбараната тура од нашите туристи ?

- Имам, како да не. Како што реков, веќе со години соработувам со „Фибула“ и повеќето гости на агенцијата по неколку пати се враќаат овде во Анталија, што значи дека се задоволни и тоа ми е особено драго. Се спријателив со повеќето од нив. Македонците се романтични луѓе и затоа најбарана тура со вас ми е посетата на Памук Кале. Кај вас сум бил повеќе пати, и има многу работи во кои уживав, но Охрид е незаменлив. 

   

* Се случила ли некоја необична анегдота со туристите која секогаш ќе ја паметите? 

- Имаше еднаш еден господин од Босна и Херцеговина кој беше дојден со сопругата и со петте деца. Се дружевме, разговаравме, се смеевме со него. Одморот го поминаа одлично, а кога се враќавме на Аеродромот, по пат сфативме дека во хотелот сме заборавиле пет од неговите куфери. Се грижевме за децата и за нивните колички, а куферите останале во хотелот. Си заминаа дома без багаж, па му го пративме со следниот авион.

Милица Џаровска

Фото: Горан Бошковски