Да пишувам за татко ми е како да пишувам за себе. Табиетите исти, затворени и двајцата, диви за нови познанства, секој во својот свет кој како да ни е пресликан. Татко ми е мојот херој, столб, потпора, човек со кого не ми треба многу муабет за да се разберам. Како мал бил бесно дете, најмалото-најулото (што би рекле во Прилеп) и од тој беснотилак уште од дете го има изгубено палецот на едната нога, кога ја пикнал помеѓу жиците на тркалото од велосипедот (грозно, знам). После си играше мајтап со мене дека прасето му го изело прстот, па нормално е дека ко дете имав малку уплав од прасиња и долго време ич не ги сакав (дур не го открив подварокот со свинско, да ми простат вегетаријанците).
Прилепчани се познати како големи мајтапџии кои немаат проблем да тераат шеги на своја сметка (обично поврзано со мајмуните), па така секогаш се шегуваше оти кога сум се родила докторот му кажал оти бебето срипало од рацете на бабицата, скокнало на пенџерето и преку пенџере на блиското дрво и оттогаш му се изгубила трагата. А вистината за моето раѓање е дека докторот му кажал оти има син, па чоекот си бил да си прослави за синот, а после бил во шок да не сме близнаци кога му рекле оти сепак има ќерка.
Што е за право, стално сум била и син и ќерка. И кога ме вика синко, тоа не е дека и после скоро 50 години копнее за машко, туку дека нема никаква разлика за него дал сум женско или машко, како што има и самиот кажано. А не дека не сум го прашала дали ќе беше посреќен ако бев Андреј наместо Ана, па одговорот бил дека сум му се погодила ваква ко што сум (а и не баш дека може нешто да се смени допрва).
Како и да е, ме има носено на фудбалски натпревар ко мала, ама пусто, мојата емпатичност и плачките зошто на сите не им дадат по една топка туку ги оставаат се тепаат за таа едната што е на терен, веднаш ја заврши нашата дружба за гледање спорт заедно. Додуше, не можам да кажам дека е некој голем љубител на спортот, иако гледа фудбал рекреативно, а за да биде позабавно, секогаш заедно играме спортска за викенд. Во последно време нешто баш и не фаќаме, па ме зеза дека сум баксуз, а за волја на вистината и сум, оти имам отпор кон се’ што е врзано за спорт и телевизија.
Ако почнам да ги раскажувам сите случки со татко ми, веројатно ќе треба да биде колумнава барем колку една моја книга. Генот за пишување ми е на него, новинар цел живот, па мене и ден денес го главава ми е звукот на машината за пишување. Ги паметам и неговите појавувања на ТВ (за разлика од него, јас имам отпор кон медиумите, во смисла на појавување на истите), новинарите од тоа време кои мислам дека беа основоположници на новинарството и чиј квалитет беше неспорен.
Физички личам повеќе на мајка ми (освен можеби носот, кој ни е интерна шега по дома кога ќе каже Лазо оти се сомнева дека сум негова ќерка па му се вртам во профил за да каже “да, да, моја си дефинитивно”), ама карактерно сум цела на него. Нашата интровертност поприлично ја нервира мајка ми, која сака луѓе и дружби, па стално кога ќе откажам некакво дружење ми вели “ете ја семката прилепска”. Да сме на чисто, семката прилепска секогаш се појавува во муабетот кога ќе се спречкаме за нешто, а познато е и она дека меѓу Битола и Прилеп имало нетрпеливост, што најодговорно тврдам дека не е точно, оти јас сум комбинација на тие два града, или ко што се смееме по дома дека сум од Тополчани, што му доаѓа некаде насреде. Од друга страна, една од најчестите кавги меѓу нив е чиј дом на култура бил попрво изграден, дали оној во Битола или Прилеп.
Кога бев тинејџерка, другарките кога ќе го слушнеа на телефон кога ме бараа за излегување го викаа “Мистер баритон”, а баритонот кога ќе го запознаев со некој мој дечко беше толку сериозен и со скоро споени веѓи, што мислам дека луѓето до денешен имаат траума од него, иако душата му е мека како памук.
Велат дека во животот на една жена само двајца мажи имаат место во нејзиното срце, таткото и оној кој го љуби вистински. Првиот е заштитникот, а вториот не џабе ја бара раката од него како аманет дека ќе ја чува жената иако тоа не значи дека улогата на татко-заштитник престанува. Мене на скоро наполнети 50, уште ме третира како да сум малечка во однос на моето здравје или дали ми треба нешто (како на времето кога ми даваше џепарлак).
Нејсе, фраеров на кого му ја посветувам оваа колумна денес ( денот кога истата излегува), полни 73 години. Ако ме прашаат на кого сакам да сум храбра, тогаш без двоумење ќе кажам дека сакам да сум како него. Таа волја за живот и храброста да се соочи со канцер пред точно 20 години кога докторите кренаа раце од него, а тој си имаше планови да си дочека внуци (си дочека едно, ама вредно) секогаш ќе ми бидат врежани во умов. Во ниту еден момент, дури ни кога се чувствуваше слабо и исцрпено од хемотерапии и зрачења, немаше кај него двојба дека ќе го исцица животот до максимум. За овие 20-тина години кога живее втор живот, имавме уште неколку вакви предизвици кои ги мина без многу зборување, со остар ум и со решителност дека она што треба да се прави ќе се прави, знаејќи дека уште ми треба во животот. И не само мене, ни треба на сите кои сме му тука, на мајка ми и на Нина, која редовно му заспиваше во раце како бебе.
Тато, да си ми жив и здрав уште долго. Не дека нема некогаш да се поткараме или да се спречкаме зошто си играл на спортска некоја утакмица гол-гол и 3+, а тимовите биле тапа, не дека нема да превртувам со очи кога не ми се допаѓа некој совет кој иако сум го побарала не сум била спремна да го слушнам, не дека нема да те нервирам колку да имаме дебата за нешто, ама сето тоа е дел од односот татко-ќерка.
Сакам да си дочекаш и правнуци, да го поминеш и ти полесно пубертетот на Нина и конечно да ги извадите со мама на мегдан годините на градба на домовите на култура во Битола и Прилеп (иако мислам дека нема никогаш да го направите тоа, за да ви биде позабавно). За мене секогаш ќе останеш и “тато” и најдобар другар.
Те сакам до небото...без назад. Среќен ти роденден тато!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Порано машко дете ко’ ќе се родело
Тапани до зори биеле и куќите од гости крцкале
Та наречници се ределе
Која поубави думи да каже
Оти јунак на светов дошол
Тој
Што името татково ќе го продолжи
И куќата празна не ќе ја остави
На старост за мајка си и татка си ќе се грижи
И пак домот со дечиња ќе го наполни
Порано
Ама не толку одамна
Женско дете ко’ ќе се родело в куќи
Како болест да ги навјасала сите
И молк
Мува да помине, брмчењето да ѝ се слушне
Оти женското дете од домот ќе летне
И нечие туѓо презиме ќе носи
И ниту мајка, ниту татко ќе гледа
Та веселби не се правеле
Дури и некојпат комшиите се прекрстувале
За да не ги снајде клетвата к’о кај оној од карши
Кој три пати по ред чупиња изгледал
А кај мене пак во фамилија
Ете само женски се раѓаат
Јас
Една на мајка и татко
И ќерка и син
А и од мене чупенце излезе
Та да можам да си поживеам подолго
И да видам дал’ и ќерка ми
Со ќерка благословена ќе е
Оти ете
Кај мене женското од Господ е дар
И знам некојпат на шега татко ми го чепкам
Дали наместо Ана, Андреј сакаше да бидам
За да може и тој в гради да се тупне гордо
И со синот наоколу да се фали
А татко ми пак
Само малку ќе се поднасмее, сосем малку
(Оти троа отповеќе сериозен е
Или мајка ми што би рекла „табиетлија си е човекот“
Та ко’ ми е лута вели оти семката прилепска ми е)
И само ќе ме праша
Во што сум од маж поинаква
Освен што на чупе личам
И некојпат инает ко жена во ПМС терам
И ко ќе помислам троа повеќе
И навистина некоја разлика нема
Освен во умот на луѓето
Ама па тој да го смениш не можеш
И не џабе се рекло дете ко’ ќе се роди
Само живо и здраво да е
Да биди касметлија во животот
И многу мака да не види
Да му е патот широк и рамен
Со по некое камче ваму-таму
Малку за да се препнува
Колку да не заборави оти не е сѐ мед и млеко
Та машко или женско било
Чесно и арно да биде
Образот сиот живот бел да му свети
И устата да не си ја погани
Оти секоја лоша мисла умот го труе
И секое лошо дело со лошо се враќа
И за машко
И за женско
Оти дете е дете
И човек е човек