За „убавите“ и „упорните“

Добивај вести на Viber

Има една новокомпонирана изрека од која секогаш, ама баш секогаш ми се наткрева желудникот до блуење. Нема да ја напишам во оригинал, не за друго туку оти колумнава ќе ја читаат и повозрасни (меѓу кои мајка ми и татко ми, а во последно време и ќере ме чита), но ќе ви ја парафразирам. Па така, во моја верзија би одела вака некако “немаат секс убавите, туку упорните”. Ова би било во превод она што бабите мои (а претпоставувам дека сите сте го чуле од постарите) го викаа да запне ко вол во купус. Е сега, овој синдром на досадување или запнување/напнување да се добие она што се сака кај нас е доведен до совршенство. И не се однесува само за оние упорните кои мислат дека ако доволно долго ви досадуваат ќе можат да изнудат едно кафе, средба, помината ноќ заедно, туку се однесува на сите сегменти во животот. И ако се загледате наоколу, ќе забележите колку често се практикува, дотолку што станува и спортска дисциплина.

Никогаш не ми била јасна дрскоста на луѓето кои не се разбираат со едно кажано НЕ или кога ќе ги изигнорирате, туку ќе ви се закачат како пијавици додека не си го истераат своето. Да не мешаме амбиција или зацртана цел со синдромот на “убавите” и ”упорните”, оти амбициозните луѓе имаат агенда која е стратешки разработена за да имаат успех и резултати заснована на знаење и искуство. Зацртаната цел (барем по моиве наивни сфаќања) е долгорочна работа и чекорење полека со ум и усул за да се постигне. Тие две работи ич не подразбираат да се качите некому на глава додека не си го остварите тоа што ви е на памет, а на туѓа штета. Згора на сé, закатанчувањето да се оствари целта без оглед на вашите желби и потреби ми е во најмала рака бесчувствително. Оти во целото тоа напнување, другата страна не само што не ги почитува вашите одбивања, туку не ве почитува како личност во целост. Дури ми се чини дека се толку самобендисани што мислат дека вие всушност не дека нешто не сакате, туку само глумите колку да бидете убедени дека напротив, сакате да ви додеваат.

Таквите коров и отров луѓе одамна ги држам настрана од мене. Со годините научив дека раатот да сум подалеку од нив нема цена и дека само ме трујат. И еве, емотивно ќе ги тргнете или ќе покажете заби кога ќе се соочите со нив. Ама тоа малку потешко оди на социјалните мрежи. Пред неколку дена, само што станав сабајлечки, гледам дека имам порака во месинџерот која била пратена пред 7 часот наутро. Да појаснам едно нешто пред да продолжам со муабетов. Голем дел од пораките ми одат во спам, но кога ќе ги видам секогаш одговарам. Имам став дека кога човек ви пишал редно е да се одговори, особено ако е порака која е културна и во која некој бара информација за нешто, или сака да сподели некоја мака. Но, на пораки кои се пратени во ниедно време со “здр”, “хај”, “пијачка?”, “лепотице” (ова е дека не ме виделе во живо) едноставно не се ни трудам да одговорам. И да, секој има право да ви пише оти е ова слободна земја (нели?) но кога во временски период од неколку години добивате повремено едно те исто, а не сте одговориле никако (пак по моиве старомодни и наивни сфаќања) тоа значи дека не сте заинтересирани за муабет. Арно ама, уште од рано наутро мене ми беа жичките споени оти имав претходно ужасно напорен и тежок ден, не бев спана, а ме чекаше уште еден таков пеколен ден. И (глупава) одговорив со еден реферат кој отприлика беше прашање дали нешто некаде гори за да ми пише некој толку рано, дали се работи за живот и смрт, дали треба да се помогне некаде. Воедно, посочив дека не е првпат обидот за комуникација, а реално, не е баш дека сум оставила простор да помисли дотичниот дека глумам недопирлива и дека се фемкам (се обидов да најдам значење за изразов на интернет, ама не најдов нешто конкретно. Отприлика, фемкање е кога наведувате некого да ви пријде, а после глумите дека нема врска и се повлекувате-ова ми е најадекватно објаснување. Ако некој знае попрецизно, нека пише во коментар). На крај го замолив да не ми пишува повеќе, а сето ова беше на Вие и Господине. Не, не...реков дека сум глупава и тоа е.

На тоа уште добивам и одговор во кој се провлекуваа навреди (меѓу другото имаше и момент дека треба да си го исклучувам интернетот додека спијам ако не сакам да ме замараат!), а што беше најсмешно крајот беше зачинет со тоа да имам убав и благословен ден. Башка, подучување што треба да правам за да не бидам вознемирувана...односно, не дека “господинот” не треба да ми пишува кога ќе му се присака, туку дека мојата навика да спијам со вклучен интернет е спорна. Многу ми се “слатки” тие некои небулози кои подразбираат пласирање навреди и богобојазност истовремено. Или јас не ја разбирам религијата како што треба, или е нешто сериозно изместено. Нејсе, како и да е, тука веќе сé ми стана јасно. Суетата е многу опасна работа кога човек не знае да ја поднесе вистината и она што ќе му го предочите, а не е во негова корист. Ќе бев супер и екстра фина ако прифатев разговор, но бев кучка која се замислува којзнае што заради тоа што го искористив моето основно човеково право да изреагирам на нешто што се вика досадување. И секогаш е тоа така, додека им одите на сите по задникот ќе чините, ама кога имате граница преку која не сакате да поминете, тогаш сте чурук. И ако ова мене ми се случило на оваа возраст, можете да замислите што се случува во сандачињата на помладите жени и девојки кои се атрактивни. Бидејќи кај нас има сé уште верување дека ако жена става слики од себе а е убава, тогаш си го бара да ја малтретираат со пораки. И сега се обидувам да влезам во умот на оние кои ги пишуваат пораките. Дали е тоа навика? Дали е само тепање време? Дали таа упорност е резултат на тоа дека ги бришат пораките кои ви ги пратиле па не се ни сеќаваат оти 5-6-7-10 “здр” останале неодговорени? Дали ако не ги бришат, не им е гајле оти сте останале неми на обидите за муабет, оти сепак само упорните имаат секс?

Не знам дали и мажите се соочуваат со вакви работи и не знам дали е во прашање вкоренетото дека мажот е ловец, а жената само чека да е уловена. Но, дури и да е во прашање реципроцитет, до човекот е. Мене кога ми се допаѓал некој, не сум чекала да ми пише и да глумам лудило. Ако сум заинтересирана, ставам до знаење на начин кој соодветствува со мојот сензибилитет и со мојот карактер. И знам да проценам дали е некој заинтересиран или не, оти колку што јас не сакам да ме гњават, секогаш имам на ум дека не смеам да гњавам. А најмалку од сé, да изблујам отрови и навреди оти ми е суетата погодена. Суета имаме сите, ама ако не ја ставиме под контрола, отидовме јабана. До сега не ми се пожалил некој маж на ваква работа, ама знам и сум читала статуси на екстремно голем број жени кои кубурат со “упорните”. А упорните знаат да бидат не само полни со навреди, туку и со заканувања.

Значи, драги “упорни”да резимираме. Немаат секс упорните, ама немаат секс ни убавите ако она што го носат во себе е површно и плитко. Односот човек со човек е на прво место, да се има почит кон туѓите чувства, да се однесувате со респект кон тоа дали некој сака или не да комуницира. Ако веќе зборуваме за изреки, за мене поважна е онаа која вели дека со сила не бива убавина. Не можете со однесување кое е емоционално и ментално (а да не зборуваме и за физички) насилничко, да издејствувате да се допаднете на некоја жена или маж. Едноставно, не оди тоа така. Па дури и дома, онаму каде што ве сакаат безусловно и ви го трпат табиетот знаат да ви кажат “еј, аман олабај ме малку, не туку запнувај”. Да се има комуникација, значи да бидат и двете страни согласни на истата. И пред да помислите дека претерувам, само замислете ова да се случува без да постојат социјалните мрежи, па некој упорно ви звони на телефон кога ќе му притекне и во кое и да е време на денот или ноќта.

И за крај...кога е во прашање вашето време, нерви и загрозување на интегритетот, ич да не му ја мислите дали да бидете доследни на тоа што го сакате или не го сакате. Оти љубезноста знае да се протолкува погрешно, исто како и одмолчувањето. Да ги ставите луѓето на местото кое си го заслужиле со однесувањето, па и по цена да сте “кучки” или “ѓубриња”. Оти поарно е да сте лоши во очите на безобразните, отколку да сте арни за сметка на нервозите кои ќе ги јадете и со кои ќе ви трпи здравјето.

Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.


До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Одамна ми е времето скапоцено

Оти секој од нас рок има

И часовникот полека му отчукува

Та секој миг богатство е

И се чува како зеница во окото

Не се арчи на секого

И не се расфрла како песок во пустина

Ниту се пушта низводно

Одамна

Многу одамна научив

Како секоја секунда да ја дишам

И кому да дадам дел од себе

Чунки човек ако се раздава себеси

Ништо од него не ќе остане

Најмалку тогаш

Кога сам на себе ќе си притреба

Одамна кантарот ми е баждарен

Да натежнува кон оние

Кои азно во душата имаат

И чиј збор алтан е

Кои спокој ми носат во срцево

И чие присуство иљач ми е

Наместо да си го арчам постоењето

На празни зборови

Од кои снагата ми нагризува

Одамна

Многу одамна научив

Одејќи по потешкиот пат

Дека денот не се враќа назад

Дека изгубеното време

Останува во минатото без да се врати

И дека иднината покуса ќе е за еден здив

Ако нема човек усул

За она што му е од бог или универзумот дадено

Одамна не сум тука за шупливи муабети

Одамна си заминувам од грабливци на мирот

Одамна знам како глава да свртам

Од оние кои почит немаат ни за лек

Та сега знам

Кога да се дадам себе без мерка

И кому мисливе на дланка да ги ставам

Та некако поубаво ми е

И внатре не ми работи црвот

Оти одамна знам

Дека на оние кои те љубат

Среќата твоја како нивна ја живеат

И смеата твоја е нивна радост

Та повеќе и не се чудам

Зошто со само шака луѓе околу

Светот побогат ми е и во него знам која сум

Без да се прашувам дали токму сум

Оти ете...

Тие кои вистински те љубат

Знаат како тоа да го сторат

Без тежина

Без сомнеж

Без болка...без ниту еднаш да заболи