За жените кои се свои

Добивај вести на Viber

Денешнава колумна е здравица за жените кои се свои и кои знаат да пружат рака на друга жена. И тоа го прават со невидена леснотија, со милост и љубов, без ниту една трошка колебање. Таквите жени се реткост, таквите треба да ги чуваме, оти не ретко жена на жена и’ е волчица. Не ретко, жена како едвај да чека некоја друга да потклекне за да може да ја доизгази со штиклата (која секогаш е барем 12см висока). Денес ќе ги славиме и ќе им симнеме капа на жените кои не се ниту за еден грам помалку жени оти се свои и оти знаат што сакаат во животот.

Денес ве славам вас, мои дами, кои не сте завидливи и злобни, кои не ги гледате останатите жени како конкуренција, туку како сестри.Ве славам вас, кои сте останале свои без оглед дали сте сами или во брак, врска.

Низ животот сум имала пријателки кои дошле и заминале, кои биле тука само додека сум им требала, кои секогаш успевале себе и своите проблеми да ги направат примарни во нашата дружба. И кога одам наназад со мислите, сфаќам дека и сите наши муабети биле околу нивните животи, партнери, случувања. Нејсе, јас и онака не зборувам многу за себе. Но, не е тука работата дали сум зборувала за себе или не, туку на оној момент кога вака или онака ќе им се сределе нештата во животот, па тогаш ги снемувало. И не ми е ич криво за сета енергија или љубов која сум им ја дала, туку ми е криво што истите тие денес се мајки кои ги подучуваат своите чеда на истиот калап на однесување. Оти децата ги учиме на она што го знаеме. Секако дека нашето однесување е впивано и станува нивни модел на однесување. Од друга страна, имам жени покрај себе со кои не се гледам често, не се слушам често, но за кои во секое време на денот и ноќта сум спремна да пикнам дете во кола и да појдам ако им требам и за кои знам дека без оглед на се’ во животот, тука се ако нештата тргнат наопаку.

Она што отсекогаш ме ужаснувало е моментот на губење идентитет кај жената која формира семејство. Тогаш нема ЈАС и ТОЈ, туку наеднаш стануваат НИЕ. НИЕ ќе излегуваме, НИЕ ќе одиме ваму или онаму, НИЕ сме бремени, НИЕ ова, НИЕ она. Јас се извинувам ако сум груба, но колку што знам тоа НИЕ не важи баш за се’, нели? Вие одете си на одмор, излегувајте си, планирајте си го животот, но сепак сте две одделни индивидуи кои имаат заеднички желби и потреби. И тоа ви го почитувам. Но, не можам да го разберам моментот кога претходниот живот на жената е како со гумичка избришан. Како повеќе таа да нема другарки, свои засебни желби, интереси, хоби, пасија кон нешто. Зошто да се негира она индивидуалното, кога уствари индивидуалните ТАА и ТОЈ, стануваат НИЕ. Зошто жените имаат потреба да се прилагодат на својот партнер до степен кога дури и сами на себе си се непрепознатливи. А што ако се разведете, што ако (не дај Боже) партнерот ве напушти на било кој начин? Како тогаш ќе се вратите на себе и она што сте биле сами за себе пред да станете НИЕ?

И сега, пред некој да си рече дека вака зборува една огорчена, разведена жена без партнер, да ви кажам нешто како една среќно разведена жена која одбира да го живее животот по свој терк, без разлика дали има партнер или не....вака размислував и пред брак, во брак и после бракот. Излегување сама? Па секако! Зошто да не? Зарем излегувањето сама значи дека не си го почитувате и сакате партнерот? Зарем излегувањето со пријателки по дифолт значи дека станувате една раскалашена жена која флертува со се’ што носи панталони?!

Зошто би имало проблем жената да си ги задржи своите навики, доколку со тоа не го загрозува партнерот или заедништвото. Еве, не разбирам. Не разбирам зошто и на партнерот би му пречело ако имате засебни животи во кој секој од вас ќе се види и со пријателите, или ќе излезе сосем сам. Мене, на пример ми треба самотијата. Не можам на овие години да се објаснувам или расправам дека за мене е сосем нормално да излезам сама со лаптоп и да пишувам некаде. Дека ако се дотерам и нашминкам не значи дека одам во лов на мажјак. Та 21 век сме луѓе. А она што е најинтересно е дека мажите помалку го бараат губењето на идентитетот на жената, отколку што таа самата одлучува да го изгуби.

Чуму тој страв? Да, страв е. Страв дека тој ќе си помисли нешто, страв дека ако се остави индивидуалноста на партнерот тој којзнае што ќе прави надвор. Па ако треба на 48 да се потресувам дали мажот со кој сум ќе лови жени наоколу на секое излегување сам, поарно да немам никој до крај на живот. Надвор врие од преубави жени, помлади, позгодни, поубави, поинтересни. Зарем мојата трка со нив не е однапред изгубена битка. На крајот, зарем пастувот до нас се нема изживеано на младост? Па и да се случи да се вљуби во некоја, голема работа. И тоа се решава. И ако веќе морало да се случи, тоа укажува на недостиг на емоција и желба да се биде заедно. Е, кога веќе такво нешто е во прашање, тогаш сакам да знам што е можно поскоро. Сепак, наближувањето накај 50 е период од животот кога не ми се губи времето со луѓе кои на секоја убава жена ќе останат подзинати.

Не се докажувам со лојалноста, љубовта, почитта со тоа што ќе станам некоја која ниту јас не ја познавам. Ако сме се одбрале, остануваме секој за себе, но во заедница.

Капа симнувам на жените кои доволно се сакаат себе за да останат свои. Кои со својата индивидуалност и слобода не го загрозуваат партнерот, ниту НИЕ. Им се восхитувам на жените кои во кафеана одат со своите пријателки како што тоа отсекогаш го правеле. Им се поклонувам на жените кои знаат да речат НЕ на малограѓанштината која не’ става нас жените во оковите на заедницата. Не, не сум против брак. Против сум да во било каков облик на заедничко функционирање, жената се заборави себе и која е. Против сум да се опседнуваме со тоа дали сме доволно убави, секси, посакувани и да ја продаваме слободата за некаква лажна сигурност. Впрочем, партнерот ве засакал токму заради тоа што сте биле свои, пред да станете уплашени дека ќе го изгубите саканиот, па се губите себе.

Сакајте се жени! Бидете свои и останете свои, само така ќе го дадете и најдоброто од себе во врската или бракот. Не постои поубава или посреќна жена од онаа која е задоволна од себе и својот живот, та имала и некој килограм отповеќе или брчки на лицето.

Да сте ми живи и здрави, да сте свои...оти кога сите ќе заминат, останувате со најдобриот пријател, себе!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Уба жена да бидиш
Ама не да се натокмиш
И црвило на образите да клајш
Ниту руба нова свилена
Ниту пак чевли светнати ти требаат
Биди уба жена
Биди среќна жена
Која однатре ќе свети
Ѓоа душата од сонце и’ е послана
И низ очите сјајот да ти излегва
Та ко ќе го опулиш чоек
Да му го згрејш срцето
Уба жена
Таква да си
Своја и нечија
Местото за себе во себе да си го најш
И во креветот да не си на полојна
Чоек да имаш
А пак да ми си ти-ти
Да знајш оти љубиш
Ама да не се заборајш себе
Оти еднаш се изгубиш
Поќе враќање нема
Ојш негде кај шо зад тебе трага не останва
И не мојш дури ни ко во приказните трошки да остајш
За да се вратиш дома, на себе
Зато уба да си
Жена уба на себе да си бидиш
И ко ќе се очаклиш в огледало
Да не го тргаш погледот
И да не ја ведниш глата
Оти после тешко нагоре се крева
Не ќе мојш да ја додржиш
Ко без коски
Ко во своето тело гостин да си
И нигде не те бери
Нигде не ти чини
Нигде смеа не слушаш
Ниту пак убости гледаш
Оф бе пиле
Да можам
Само да можам в гла да ти турам ум
За да не далдисаш
Оти ти усул немаш
Ќе дајш поќе од шо ќе можиш да крепиш
А тенко си пиле
Не ми држат плеќите
А душата ми ти е ко вода
Та се прелева
Поќе нему ќе му дајш од шо за себе ќе имаш
Та покрај вода, од жед ќе згасниш
Оф бе чупе
Оф пиле мое
Уба жена да си
Таква да дочекам да ми те видам
Да светиш
Да живејш
Среќна да си ми
И уба
Ама то не се учи
Нема книга за то да бидиш
И темелот на душата не се менви
Та ако сакаш дворец изгради врз неа
Зато страв ми е
Оти убај жени на лик многу ги има
Со дупки место очи
И уста полна земја место насмев
Тие убај жени без убост
Ко тебе пиле мое
Ко тебе