Замисли дека постои среќа

Добивај вести на Viber

Ги знаете оние денови кога колку и да се трудите, некако не ви успева да завршите се’ што сте наумиле? Е мене така “оние лоши денови” ми беа цела измината недела. Ми се чинеше дека што и да започнам никако не можам да дозавршам, дека секој план ми се изјаловуваше, бев без енергија. Не знам дали беше пак некој ретрограден Меркур или овој пат само Универзумот ми беше нешто лут, ама ништо не ми одеше од рака. Башка, се заглавив со некои административни работи и уште еднаш ми се потврди дека државната администрација ни е неефикасна и толку бавна што ако ви се брза да завршите итно некоја работа, или кркнете седативче или медитирајте (ова второво ви е попаметно).

Нејсе, избегнував и социјални мрежи и оние неколку пати кога отворив ФБ, уште повеќе се чувствував како Алиса, ама во земјата на хорор филмовите. Малку ми се подзгади од речникот и злобата со кои луѓето си се гоштеваат едни со други по повод различни теми. Првата за која видов како се вкрстуваат копја беше ситуацијата со бездомните кучиња. И нормално, не можевме ниту овој пат да се сложиме дека сите сме на иста страна, односно дека во заеднички интерес ни е да бидат бездомните кучиња соодветно згрижени, без да биде ситуацијата ИЛИ-ИЛИ за да бираме дали сме за човечки или кучешки живот. Како “кучкарка” која редовно си муабети со уличните кучиња (во последно време и со мачки), не се сложувам дека решението е во каубојското однесување и самостојно решавање на проблемот кое резултира со крв по улици. Е сега, она што е спорно за секој проблем е тоа што секоја страна настојува да докаже колку и зошто е во право. Ако сме се сложиле дека мора да се реши некако агресијата на одредени бездомни кучиња и ако сме се сложиле дека тоа треба да се направи на цивилизиран начин, зошто мораше да се делиме на табори? Зошто воопшто треба да се зборува за тоа чиј живот е поскапоцен, човечкиот или кучешкиот?

Одамна некако станав поослободена во однос на тоа дека мора да има само една вистина за одредена работа. Ок, јас сакам кучиња  и ги тинтрам ко деца. И сосем е ок да е тоа неприфатливо за оние кои не љубат животни. Од друга страна, се имам изначитано такви повраќаници кои почнуваат од “да ти се врати на дете она што се случило на куче” до “немаш деца, затоа браниш кучиња”, што мислам дека нема начин како да им се објасни на двете страни дека грешат...и тоа многу. Проблемот е во тоа дека немаме соодветни институции и некаков протокол по кој треба да се водиме за да се контролира агресијата на животните кои се на улица. И кога велам протокол, мислам на неколку решенија кои ги прочитав кај повеќе разумни луѓе и кои според мене би функционирале. Чипирање, кастрирање, водење сметка за тоа дека нема “пупупу, не важи” ако не сакам миленик, па наједноставно да ми биде да го оставам на улица туку згрижување на истиот додека не се најде нов сопственик. Нашата/човечката несовесност и неодговорност е голема. Па видете само колку сопственици не го собираат изметот на милениците или не почитуваат ставање маска и држење на поводник. Не, не држат малициозните коментари дека “децата ви серат по паркови”, оти не е баш дека ги пуштаме децата да вршат нужда кај ќе стасаат. И на крајот од денот, познавам луѓе кои милениците ги третираат како деца, кои не можат или не сакаат да имаат деца, но имаат кучиња или мачки кои добиваат третман на деца. Никој нема никакво право да го осуди тоа, да се потсмева или да коментира. Зошто? Оти не е ваша, ниту моја работа. Моја работа е дали миленикот на овој или оној ќе ми го загрози детето или мене. Ама тој проблем нема да го решам со пушка (стално ми иде да кажам М-48, оти толку знам), а особено нема никому да падне на ум да го решава со агресија ако функционираат сите механизми кои ќе го сведат проблемот на минимум. Значи, малку разум од двете страни и да сме на чисто оти на сите ни одговара да живееме во град во кој безбедноста на сите (вклучувајќи ги и животните, оти не ретко имало случаи и кога постои изживување врз бездомните животни, без никаква причина освен човечка злоба) ќе е на високо ниво. Ок, завршив со утопијава.

После налетав на скандалот со донирање парични средства. И уште еднаш ми се потврди дека не функционираат институциите. Нема да зборувам за конкретен случај, туку за она што сум го приметила одамна. Како да се изгуби контролата над овој начин на прибирање помош, сеедно дали се работи за загрозено семејство или лекување. Она што поразува е дека манипулирањето со спремноста на луѓето да помогнат некому е најсигурниот начин да згасне потребата и желбата за помош. Искрено, не знам дали има начин како се контролира колку средства се собрани, колку се искористени, дали останале вишок и каде одат истите. Дали некој некако го контролира целиот процес на донирање и колкава е транспарентноста во сето тоа? Да, сум за помош во секое време но онаму каде што е тоа навистина потребно. Времево е станато лошо и секој денар е скапоцен. Секој кој дава помош има право да знае дека не е изманипулиран или сметан за будала. Впрочем, се’ потешко станува да се живее достоинствен живот и да се плукне на раката која дала, е грев. Неколку пати ми се има случено да ми биде одбиено давање храна или облека, со назнака дека им требаат пари. Ако парите се за храна и облека (освен ако не е назначено дека се работи за лекување), тогаш која е разликата дали донирам храна/облека/обувки или пари? Еве, завршувам и со вторава утопија.

Третата тема која многу ме погоди беше апелот да се избегнува давање инекции на деца со температура, со цел да се намали истата. Ова ме потресе оти го имам јадено стапот со Нина кога имаше неполна година. Бевме во одмор во Охрид кога качи температура и тоа накај 39. Никогаш немаше температура дотогаш, никогаш. За мене беше шок и веднаш се распрашав каде да ја однесам. Ми препорачаа докторка која била (демек) позната и способна. Ја однесов и откако ја прегледа, рече дека има инекција која ќе ја среди ситуацијата. Мојата грешка, која и ден денес не сум си ја простила е дека (од паника, што не е оправдување) прифатив се’, само за да ми е детето добро. После беше веќе друга приказна, без целосна анализа, крвна слика и урина, не сум дала ништо повеќе од парацетамол ако одела температурата над 38,5, ама тогаш направив голема утка. Детето ја симна температурата, иако беше безволно и бледо за после со анализа да се покаже дека инекцијата (верувам дека беше урбазон, ама не сум сигурна) само успешно замаскирала ешерихија коли која не’ држеше на клиника 10 дена и која ми внесе таков страв во коски што на температура 37,2 сум правела секакви анализи. Совет до младите мајки...не боцкајте и не давајте антибиотик, освен ако сите анализи кои е потребно да се направат не укажат дека е неопходно. Да не беше таа проклета инекција, можеби ќе ја уловевме ешерихијата порано и без окапување во болница. И да, најдете си лекар кој ќе ви рече “ај да направиме крвна слика, па ќе видиме”, а не кој ќе ви даде антибиотик “за секој случај”.

И како едно будење од кошмарот што го имав оваа недела, беше кога на Инстаграм налетав на видео во кое бивша балерина (сигурно имаше над 80 години) со Алцхајмер, слушајќи ја музиката од Лебедово езеро, се потсети на тоа како ја играла претставата. Грациозноста на нејзините треперливи раце кои се’ уште ја паметеа кореографијата, ја однесоа на нејзиното среќно место.

Ај што се расплакав, туку некако и се свестив. Се подзавртив околу себе и ја видов ќерка ми како се кикоти од нешто што Стефи (нејзината најдобра другарка) и’ го прати во порака. Ги отворив пораките од неколкуте драги луѓе и им кажав дека ги сакам, бевме на ручек кај моите и да, ми се падна паричката за Василица. Можеби оваа година ќе е поинаква, можеби конечно ќе ги издадам тие две книги поезија и романот што ми стои во фиока (читајте, лаптоп). Можеби повеќе ќе си го наоѓам моето среќно место, којзнае.

Вам ви сакам не само да замислите дека постои среќа, туку и да ја најдете...доволно ќе е за нов почеток, нели?

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не ме боли што сме разделени,

ниту пак кога замислувам како продираш во друга

и сеедно ми е што се будам сама,

не ми пречи што дланките празни ми се дур чекорам.

Не ме боли што мирисот ти избледува,

ниту гласот твој ми недостасува,

не ми се стега утробата од секој што наликува на тебе

и не, не ме боли што никој не ми шепоти дека ме љуби.

Не ме боли што ме нарекуваш проклета,

ниту пак ме болат вљубени по улица,

срцето ми е мирно дур им ги гледам бакнежите

и не забрзувам за да ги одминам.

Не ме боли што сум ти дала,

ниту ме боли што си ми зел,

не чувствувам ништо кога твои дребулии по станов ќе најдам,

ниту кога скриена порака од некоја книга ќе падне.

Не ме боли што ме болеше многу,

впрочем така пишано беше,

ниту телово, твоето го бара повеќе,

а и вкусот не ти го помнам веќе.

Не ме боли што сум осамена,

виното можам и сама да го пијам,

одамна танцувам без да сум во нечија прегратка,

а неретко и сама со себе си зборувам.

Некако....ништо не ме боли,

ништо од она што бевме заедно,

од она што посакувавме,

а знаевме дека не можеме да бидеме.

Ама ме боли што ми умре љубовта,

што те отсакав ме боли,

ме боли што ми свена се’ што со тебе ми цутеше,

како дел од себе со тебе да закопав.

Ете,

тука ми е болката,

тука ми е немоќта ,

тука тагата ми преспива...што те отсакав.

И се прашувам...што сега?!

сега ширум ќе го отворам прозорецот,

некако како да чувствувам....насетувам,

надвор ми мириса на среќа!