ЗАРОБЕНИ ЕМОЦИИ

Добивај вести на Viber

Одбивам ли да пораснам? Се враќам во минатото како некаква патетична утеха. Јас сум најголемиот поклоник на носталгијата. А таа, госпоѓата носталгија, нè врзува за спомените и не ѝ дава на сегашноста да дише. Време е за расчистување на натрупаниот багаж на минатото... емотивен, материјален, секаков!

Седнав во собата во која фиоките сè уште ми се полни со стари ливчиња, споменари и дневници. Пет полици се резервирани само за албумите со фотографии. Мислиш, сум ги заробила сите емоции во тие неколку квадратни метри. Прашината на нивните корици ме потсети на бројченикот на времето, ама јас, од пуста желба да му пркосам на времето, не се давам во битката на фрлање истрошени мемории.

А, и секое фрлено ливче ми е како откинато парче од срцето. Неверојатна е оваа моја опсесија со зграпчувањето на мигот! Чувствувам некој чуден страв како да ќе исчезне дел од мене што ме прави она што сум денес ако ги фрлам старите спомени. Како да ќе останам празна и лесна како пердув... Сепак, храбро се борам со мојата глупава навика на чување работи и продолжувам да чепкам низ приватната, емотивна архива.

Сите мои љубови се складирани таму. Наоѓам едно пожолтено ливче на кое сум пишувала... Читам и се смеам на глас. Ја гледам фотографијата на момчето за кое сум го пишувала ова и сфаќам дека тој всушност не бил ништо повеќе од фасцинација и страст. Нејсе, тогаш сум мислела поинаку, а од денешна перспектива баш и не е фер да им се потсмевам на моите стари избори. Се фаќам себеси дека се претворам во исфрустрирана тетка која сега ќе му соли памет на своето минато. Не! Нема одење во тој правец. Нема да дозволам да седнам на шаховска маса со Вината, оти вината е најдеструктивната емоција. Секако, соочувањето е поважно од себеоправдувањето, но неисчистената вина, пак, од подрумот на душата е катализатор за ново зло и меко ткиво за емотивни (себе)уценувања. Го затворам дневникот и наместо да си ги барам грешките во младоста, решавам да ги согледам придобивките и добрите страни на зрелоста...

Денес, на пример, за разлика од порано, знам да слушам. Многу е важно да знаеш да слушаш. И ако си трагач по најчовечкото во човекот, тогаш мораш да имаш разбирање за најдлабоките фрустрации на луѓето, за нивните болки, па дури и за нивните гревови. Тоа не значи дека ги оправдуваш, туку едноставно, ги разбираш. Ете, затоа, денес помалку судам! Денес полесно ги прифаќам разликите кај другите луѓе. Тоа што некој не е по мој мерак, не значи дека не е скроен за некому да му биде добар. Низ годините научив дека космополитскиот дух подразбира отвореност кон различните од себе. Денес, кога се расправам, се трудам да зборувам со аргументи, наместо да се занимавам со афективни реакции, па се обидувам од секој конфликт да научам нешто и да излезам прочистена и помудра. Веќе не ме плаши ни поразот, ако притоа сум научила нешто.

Како врвеше времето, научив дека ништо не е црно-бело. Научив и дека луѓето кои се опседнати со моќ, во суштината се несигурни личности. На таквите сега им приоѓам повеќе со сожалување, отколку со восхитување. Порано исто така ми беше многу важно што мислат другите за мене, па се трудев секогаш да бидам на кантарот на правилната страна во секоја можна ситуација. Денес знам дека треба да се ослободам од чувството на безгрешност и наместо да ја хранам амбицијата за општествената репутација и имиџ, го градам карактерот, секој ден, со секоја нова ситуација. Научив дека нема лесни работи и дека тежината е достоинствена. Всушност, животот е како тениско топче што удира во рекетот на радоста, наспроти рекетот на болката.

Затоа, пак, љубовта е тука за да се одбраниме во тешките моменти. Но, она што во моите најмлади години не го знаев е дека љубовта значи да ги сакаш луѓето такви какви што се, а не да ги мериш според сопствениот аршин. Честопати, партнерот го обликував според сопствените критериуми. Ги проектирав моите стравови врз неговото платно. И ако нешто не ми одеше според планот, се лутев на сама себе. Денес, кога се лутам, немам веќе црвена фаца како домат што ќе експлодира. Научив гневот да го преработам во давање нова шанса. А пак, кога околу мене ќе се најде некој манипулант или манипулантка, сега веќе знам дека вистината е најсилно оружје за обезличување на оваа категорија луѓе.

Научив дека можам да се смеам и кога се грижам. Само не успеав да научам дека радоста е кршлива кога ја притискаш со многу прашања. Не научив да не се прашувам како може подобро... Таа лекција не ни сакам да ја научам. Не би сакала да станам зен-мајстор кога се во прашање неправди. Не би сакала да отрпнам на туѓите болки и да станам дебелокожец кој го интересираат само своите, лични проблеми. Сакам да го задржам борецот во мене, па макар и често се разочарувала.

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој