Заврши Skopje Street Music Festival 2018
Со настапите на Bossa Un Der Cover и Musaiq, вчера вечер, на плоштадот Македонија заврши првото издание на Skopje Street Music Festival. Настапите на 25 солисти, групи и ансамбли, последните четири дена го претворија градот во музичка сцена под отворено, каде секој намерен или случаен посетител можеше да слушне квалитетна, но и специфична музика која многу ретко се слуша кај нас.
„Првото издание на фестивалот потврди дека музиката нема граници, но исто така, не сака да биде затворена ни меѓу ѕидови“- изјави Елена Јовановски, координатор на фестивалот. „Настапите на отворен простор, на улица, покажаа дека вибрациите на квалитетната музика и меѓусебната интеракција на изведувачите и публиката, резултираат со задоволство и чувство на среќа кај сите“- додава таа.
За последниот ден од фестивалот беа резервирани и настапите на Quartet VivArt и The quartet. Публиката во градскиот парк уживаше во можноста да слуша филмска музика, во аранжмани кои се комбинација на класичната школа и популарната музика и во Suite for Flute and Jazz Piano Trio – Claude Bolling, компонирана во одличен спој на класична и џез музика.
Посетителите во ТЦ. Лептокарија, ги испеаја рефрените на познатите француски шансони, заедно со триото Just the 3 of us. Преработки на популарни пoп-рок хитови изведоа Кристијан Гиноски на гитара и бендот No Name.
“Реакциите на публиката ни покажаа дека настани од ваков тип му се и тоа како потребни на нашиот град. Годинешното издание го затвораме со уште поголема желба Skopje Street Music Festival да прерасне во традиционален настан, кој градот Скопје ќе го вброи на мапата на градови со улични фестивали “- потенцира Јовановски.
Во претходните денови беа изведени стари македонски народни песни, испеани од членките на хорот Св. Злата Мегленска и групата Монистра, џез нумери, филмска музика на пијано, дел од композициите на Астор Пјацола, композиции на вибрафон и ксилофон, како и сефардска музика, во изведба на Ani Kinor Quartet. Свој белег на фестивалот му дадоа и ретките специфични инструменти кои се користеа на настапите, како бандонеон и акустичното пијано поставено на отворен простор.
Ко-организатор на фестивалот е Конгресен центар Александар Македонски, а покровител е Град Скопје.
Повеќе информации за фестивалот се достапни на www.skopjestreetmusicfestival.com.