Зборувај сега или молчи засекогаш!

Добивај вести на Viber

Една од убавите работи кога се има дете тинејџер (замижувајќи пред фактот дека и двете сме во иста фаза која кај неа се вика пубертет, а кај мене климакс) е што многу работи правиме заедно како другарки. Гледањето филм пред спиење станува ритуал во кој откако ќе се усогласиме за желбите, уживаме и двете. Прво е оној дел во кој се пазариме, оти мене не баш ми се гледаат хорори со зомби и крвишта на сите страни (особено кога на сред ноќ ќе се ушушка кај мене, па се фаќам дека спијам на раб на креветот, со опасност да се најдам на земја), а рака на срце ми се случува и јас да не спијам ко шо треба после тоа. За среќа, шараме со изборот па пред некој ден беше расположена за комедија во која некаде при крајот типот се избацува во црква и ја прекинува венчавката на неговата љубена, признавајќи дека ја сака. Нормално, има хепиенд а мене наречете ме цинична, ама секогаш ми текнува дека ако чекал работата да стаса до таму за дури тогаш да ги искаже своите чувства, не ќе да го бива и него баш многу. Ама убоста (или нереалноста) е што никогаш во филмот не е прикажано како гулапчињата после живеат и дали момакот за се’ е успорен и чека до последен миг.

Сево ова погоре е само увертира за двете прашања кои ме мачеа после филмот. Првото е зошто секогаш чекаме да дојде “јајцето на га*от” за да кажеме што чувствуваме, а второто е дали било кој од нас се нашол во ситуација кога требало да каже дека некои двајца не се еден за друг пред да го кажат она “додека смртта не не’ раздели” и да си живеат (не)среќно до крајот на животот. Јас сум тип на човек кој кажува што сака и што не сака. Делумно, тоа им одговара на оние околу мене, оти секогаш знаат на што се со мене, но има луѓе кои не се спремни на искреност. Ако не ми прија некој муабет или човек, не чекам да ми се потслоши за да изреагирам. Едноставно, за мене животот е премногу краток за непотребно арчење на времето со погрешни луѓе. Ако те сакам, ќе ти кажам. Ако не те сакам, си заминувам. Не знам поинаку, или да го срочам поинаку, сум се научила да бидам чесна со себе, а потоа и со оние што се со мене. Не можам да глумам, да се преправам дека се’ е ок, ако не е. А и да премолчам, ми се гледа на суратот. И не само што ми се гледа, туку си имам и физички тегоби од типот главоболки, болење стомак, едноставно телото ми се буни ако умот се обидува да ми го прелаже срцето. Така е со пријатели, така било и со партнери. Секое самозалажување ме чинело многу и на крај сум се поболувала од однос во кој не сум била среќна. Истото е и кога ќе се вљубам. Ми се познава од километри и ме јаде јанѕа додека не си кажам јасно и гласно како ми е во душава. Е сега, проблемот е во тоа дека па и не секој сака така експлицитно да се кажуваат работите. Демек, нема магија после тоа. Јас тоа го викам дрндрн, оти не важи. Потребата за да кажам како се чувствувам не значи дека тука почнува и застанува се’, туку дека тоа чувство ме измачува додека не го плукнам. Така е и со песните кои ги објавувам веднаш оти не можам да ги оставам ко џокери за некогаш кога немам инспирација. Кога немам, не пишувам, не објавувам. Многу просто бе луѓе, не трупам во себе ниту песни ниту емоции. Немам каде да ги чувам, оти ме јадат однатре. Не џабе велам дека се лек, ама и болест. Секоја затскриена емоција или песна ме остава без сон и ме прави нервозна, толку многу што станувам неподнослива и за себе и за другите. Значи, кажувам се’, а кој не знае да се справи со тоа, негов проблем. Не е дека очекувам да ми се врати со иста мерка, или да добијам нешто за возврат, туку само ме мачи потребата да го кажам тоа гласно. Не сакам да чекам подобри времиња, оти ги нема и оти можеби баш тој ден ми е последен. Неќам бре да си умрам неискажана и исфрустрирана. Дали кажувате? Дали имате пречка да си ги распостелите чувствата или сте слободни? Ако имате проблем, преиспитајте се зошто. Знам дека не’ учат од мали да не се истрчуваме, дури ја знам и онаа глупост дека е подобро да те љубат повеќе отколку што ти ќе го љубиш саканиот, ама јас во тоа не гледам никаква логика. Па како побогу се мери кој кого колку љуби?! Јас до сега не сум наишла на таков кантар. Впрочем, не можам да барам од некој да ме љуби со реципроцитет. Можеби за некого максимумот е колку мојот почеток или обратно. Битно е да не складираме емоции, ниту бес, ниту лутина. Јас тоа го викам ослободување на место во себе за нови уживања. Како во плакарот кога се трупаат алишта кои не ги носиме. Додека не се ослободи место за нови, односно, додека не се исфрли она што не ни треба, нема да имаме воопшто каде да ги чуваме оние кои навистина сакаме да ги носиме. Значи дечки, чистка...емоции на виделина, ќе си заштедите време, нервози, прашања на кои не можете сами да си дадете одговор.

Е сега, она второто. Колку пати сте биле сведоци на крунисување (го мразам изразов) на љубовта меѓу двајца за кои едноставно знаете дека не се еден за друг, ама си молчите оти ви кажале дека не е ваше да се мешате или да делите совети. И да, се сложувам. Не е ничија работа какви се мотивите на некои двајца да се заедно, но ако е тоа моја блиска личност и те како ќе ја седнам на астал и ќе ја прашам дали навистина е среќна, дали навистина сака да биде со тој или таа. Тоа е моја должност како пријател. Не дека ќе сменам нешто, впрочем секој од нас ако сака да направи грешка, ќе ја направи. Ама ми е важно мојата сакана личност гласно пред себе да каже дека така одлучила свесно, да се чуе. Оти човек кога пред себе нешто ќе си каже гласно и ќе се чуе сам себе, потешко се прави после глув или слеп. Имате другарка или другар кој од осаменост, страв, залуденост се решава да стапи во брак во личност со која нема ништо заедничко (освен можеби добар секс). Што ќе сторите? Не ми давајте клише одговори дека ќе го почитувате изборот, оти сите ќе го почитуваме. Нема да ја седнете и да ја прашате “еј, сигурен/на си во ова?” или “можеш пред себе да си дадеш барем 3 причини зошто мислиш дека тој/таа е вистинскиот избор?”. Сум правела грешки во изборот на партнер, сум се лажела и залажувала до степен да им било страв на моите луѓе да ме седнат вака. Но, да биле упорни, можеби ќе сум била поштедена од болка кога сум ја поминала многу тешко. Знам дека е мачно да си даде човек слобода за да поставува вакви прашања. Ми се има случено да изреагирам и да прашам, да бидам нападната, другарството прекинало и се разведоа по една година од причини за кои тогаш прашав дали е сигурна во што влегува. Да, сензитивна работа е ова, да, знае да биде болна, ама ако е со љубов кажано и со љубов сфатено, тогаш можеби и ќе заштедите некому агонија или болна разделба.

Чесноста си ја должите на себе и на оние за кои одговорно тврдите дека ги сакате. Само така се одржува врска, брак, другарство, така и никако поинаку. Да сте ми живи и здрави и кажете некому денес дека го сакате. Ем ќе ви олесни, ем ќе ве усреќи. Не реакцијата на другиот, туку вашата слобода и ослободеност. Ве љубам.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не секоја љубов

Е онаа која останува до старост

И не секоја прегратка

Е онаа која топли

Не секој бакнеж

Е оној кој го вдишуваш ко живот

И не сечие заминување

Е поболно од смртта

Не секој збор милно изговорен

Е оној кој се памети

И не секој допир

Е воскреснување на душата

Та има љубови

Горчливи ко пелин

И прегратки

Кои гушат до снеможување

Има и бакнежи

Од кои желудецот се наткрева

И заминување

Кое слобода носи

А и зборови има

Кои жежат ко рани отворени

И допири

Кои болат и модринки оставаат

Ама има и љубови

Од кои чоек знае зошто на земјава бил

Има и лесни прегратки

Од кои сила имаш за планини да поместиш

Та и бакнежи

Кои ги пиеш ко вода изворска

Заминувања на саканиот

После кои повеќе ист не си

И зборови кажани

Кои ги везеш со свилени конци

Допири нежни

Од кои телото само ти зборува

Има луѓе кои љубов ти стануваат

И засекогаш љубов остануваат

И тогаш кога заминуваат

Дури и кога повеќе живи не се

Кои дел од себе во тебе оставиле

А дел од тебе со нив заминал

И кротко на таквите се препушташ

Без да му ја мислиш за вчера

И без планови за утре да правиш

Оти никој како нив не знаел да љуби

И никого не си љубел така

И го живееш мигот

Кој некогаш е ноќ кратка

А некојпат вечност цела

Без на каење да помислиш

И без да тажиш оти сам си останал

Оти ретки се

Толку ретки што среќен си

Оти ете к’смет си имал со нив да бидеш

И место за мисли лоши немаш

Оти знаеш дека во овие години

Не секоја љубов, љубов е

И не секоја љубов, љубов останува

Вечна и бесмртна

Дури и тогаш кога повеќе ја немаш

Дури и тогаш кога таа повеќе вас ве нема