Жена на месецот: Маја Андоновска Илијевски, движечка сила која не запира

Не е лесно да се биде жена, особено во ова време кога сè е на нејзин грб. Еден куп обврски кои треба да ги заврши вака или онака и никој не ја прашува дали може да го направи тоа затоа што се зема здраво за готово.

Таа мора да биде сè што мислат сите, но таа е пред сè - жена. Која може да направи сè ако сака. Велат дека се тешки, навистина не ги разбираат и дека не е лесно да се справите со жена која е силна и успешна.

Силната жена може да издржи сè и точно знае што сака од животот. Пробала и лимони, но и слатко грозје и знае да разликува добро од лошо. Таа е жена, дама со став и храбро оди напред. Таа е тешко да се победи, но да ја имате покрај себе е многу убаво. 

Ним најчесто им треба маж со кој ќе биде жена, а не слуга. Човек кој ќе знае да го цени скапоцениот камен што го добил. Силна жена е сè освен пациент кој ќе моли за љубов и внимание. Ќе помине низ пеколот, но знае како да го искористи во своја полза. Да се ​​биде со силна жена е привилегија и чест.

Силните жени знаат да покажат емоции кога тоа е потребно и кога ќе препознаат дека ќе им биде возвратено. Успехот на жените денес сè уште се гледа со доза на резерва, но во Македонија имаме такви кои успејаа сите да ги разубедат дека едноставно можат, сакаат и создаваат. 

Женски магазин започна со претставување на дами кои се двигатели и најдобри во она што го создаваат и работат. За секој месец, до крајот на годината ќе ви претставуваме по една таква жена. 

Овојпат, жена за месец февруари 2023 година (иако таа е жена за сите времиња) ја избираме Маја Андоновска Илијевски.

Андоновска Илијевски е актуелната директорка на Центар за култура Битола и актерка во националниот театар во истоимениот град. Една фантастична личност која институцијата ја води во вистинска насока и која придонесува градот навистина да дише во духот на културата. Секогаш изгледа убаво, стилски на ниво, а она што го прави во согласност со обврските во институцијата навистина наидува на огромен интерес. 

Се има чувство дека откако Вие сте на позицијата директор на Центарот за култура- Битола, градот како да доживеа мала ренесанса. На што се должи тоа или поконкретно- дали изменивте нешто за нештата да бидат поинакви, подобри и со поголем обем?

- Кога ме назначија за директор на НУ Центар за култура Битола, знаев дека стојам пред еден од најголемите предизвици во мојот живот. Ова е институција која веќе имаше своја нагорна линија на работа, а мојата визија беше таа тенденција да ја продолжам, но и надградам. Јас сум веќе 17 години дел од културата во Битола, и многу точно го познавам пулсот на битолската публика. Тоа е публика која препознава, наградува но и критикува, тоа е публика која ги има еден од најдобрите театри и Центар за култура во државата, и на таква публика треба многу внимателно да и селектираш програма.

Јас, заедно со тимот токму тоа го правиме. Ние имаме богата програма во текот на цела година, 3 интернационални фестивали и тоа 24 години Интернационален фестивал на Монодрама со актери од цел свет кој се случува во месец мај, Интернационален фестивал на Фолклорни песни и игри „Илинденски денови“ кој Битола ја претвора во светска сцена и раскрсница на култура, а ни носи преку 1200 гости од земјата и светот . Тоа е фестивал кој веќе 53 години се случува крај на месец Јули. Третиот наш фестивал е  Фестивалот на Музика од светот на кој настапувале имиња од цел свет и веќе 15 години се случува во месец Ноември. Покрај фестивалите во наша организација,  ние сме и куќа домаќин на Филмскиот фетивал Браќа Манаки, а вратите широко ги отвораме и за фестивалот на класична музика Интерфест. Во нашата програма надвор од фестивалите се случуваат и изложби, промоции, филмски проекции, концерти... настани од различни жанрови, за различни уметнички вкусови, 6 дена во неделата- цела година . Можеби ќе звучи нескромно, но не верувам дека постои друг Центар во државата со ваков обем на работа, а она што јас се трудам да го направам е да бидеме видливи и доста внимание посветивме на промоцијата на нашата работа, бидејќи верувам во нивниот квалитет, и за нив мора да се чуе. На мое огромно задоволство, нашите настани  ги прекршија границите на настани за битолска публика, и публиката ни доаѓа од целата држава.  Тоа е дефинитивно најголемата награда и за нас како организатори, но и за уметниците.

Она на што јас особено сум насочена во изминативе 5 години, е поддршка на македонските уметници, со особен акцент на битолчани. Вратата на центарот за култура е отворена и за надворешни проекти, на кои ние даваме максимална поддршка.

* Што имавте на репертоарот за месец февруари и како успеавте да ги соберете на едно место сите познати ѕвезди по повод концертот на Пепи и Тоше?

- Додека го чекавме излегувањето на Годишната програма од национален интерес за 2023 година, ние активно се подготвуваме за првите големи настани. Февруари беше во принцип филмски месец, со неколку филмски премиери, а крајот на месецот ни беше резервиран за традиционалниот концерт посветен на Тоше Проески насловен како „Засекогаш во срцата“. Оваа година освен песните за Тоше, концертот го посветивме и на Пепи Бафтировски и неговите најпознати рефрени. Рефрените на Тоше Проески и Пепи Бафтировски беа оживеани од гласовите на  9 изведувачи : Бојан Маровиќ, Викторија Лоба, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Бојан Стојков, Сефедин Бајрамов, Александра Јанева, Сара Гигова и Марија Цветановска и  Камерниот оркестар на Битола, под диригентската палка на Владимир Димовски.

Имавме 2 дена преполна сала, многу емоција и долги аплаузи, а 1680 луѓе ги проследија концертите.

Инаку, концертот за Тоше за прв пат го направивме пред 4 години и од тогаш стана еден традиционален настан во Центар за култура Битола. На концертите за Тоше низ годините настапувале покрај оваа година и Александар Тарабунов, Елена Ристеска, Каролина Гочева, Наде Талевска, Јана Бурчевска, Виктор Апостоловски, Ѓоко Танески... и уште многу други.

Веќе интензивно се подготвуваме за 3 март, кога нè очекува веќе распродадениот концерт на српскиот актер Иван Босиљчиќ, кој ни доаѓа со својот бенд, и ни подготвува спектакулатен концерт насловен како Наша Вечер.

Март месец ќе биде дефинитивно месец на концертите, а концертот на Иван Босиљчиќ е само почеток.

* Кои личности до сега (видни личности од разни свери) со кои сте соработувале ви оставиле најголем впечаток и зошто?

- Изминатите години запознав прекрасни уметници од целиот свет, запознав министри, амбасадори...

Секој од нив донел своја енергија, ставил свој печат на нашата комуникација. Верувајте скоро со сите уметници кои ни дошле на фестивалите, кои имале концерти и слично, имам контакт. Сите се воодушевени од дочекот во нашиот град, и заминуваат со желба повторно да се вратат еден ден.

Често разменуваме пораки, а тие споделуваат добри впечатоци и препораки со нивни колеги кои потоа нè бараат за фестивалите, а мојата радост е огромна затоа што кругот од година во година се шири. А за уметниците, без разлика дали се актери, музичари, режисери, ликовни дејци... колку се поголеми во својот домен, толку се поедноставни како луѓе, топли, срдечни, пријатни и свои...

Нема да споделувам имиња, би било неблагодарно затоа што сигурно некој ќе заборавам, а верувајте многу ги има, кои оставија траен белег во моето срце .

* Се облекувате одлично. Дали е наследено, се учи или пак стилот со годините го доведовте до совршенство, по ваш вкус?

Ви благодарам. Стилот е нешто што расте заедно со личноста. Јас ја имав таа среќа да растам и учам од мајка ми, една прекрасна, културна,  беспрекорно средена, преубава жена. И верувајте не дека ми е мајка, но таа ден денес важи за една од најсредените жени во Битола.

Јас темпераментно многу се разликувам од неа, па така мојот стил драстично се менуваше со моето растење, но секогаш го ценам нејзиното мислење и барам ден денес совети кога се двоумам. Јас не сум моден заробеник кој мора секогаш да носи се што налагаат модните трендови, ги следам но не им робувам. Јас се трудам секогаш да го испочитувам настанот на кој сум присутна и не само сега како директорка, туку и како актерка бидејќи  секогаш сум под будното око на публиката без разлика дали сум на сцена или приватно. 

Мој моден советник и омилен дизајнер чии парчиња носам со задоволство е Андреј Папаз кој многу добро ме познава, и креира парчиња за најважните мои приватни и професионални појавувања, и моите две пријателки од Бутикот Ермитаж кои секогаш се тука да ми ги исполнат желбите и каприците за изглед кој ја следи мојата емотивна, човечка и уметничка природа.

* Дали во Македонија има доволно жени на раководни функции и дали вие сте се соочиле досега со некаков пртисок од машка страна?

- Јас не верувам и не им потклекнувам на притисоците, без разлика дали доаѓаат од маж или жена . Секој изрежиран притисок, мене ми е само уште еден предизвик кој планирам да го надминам, и потоа со насмевка да му одговорам.

Тенденцијата да има жени на раководни функции расте сè повеќе, и јас искрено се радувам. Верувам дека ние жените навистина светот можеме да го водиме на еден пософистициран начин , многу потолерантен и поодмерен од мажите. 

Небојша Толески

Фото. приватна архива