Жена за сѐ

Добивај вести на Viber

Не знам како е да се биде маж (освен оние неколку обиди кои ги имав како мала да мочкам стоечки, а кои завршија неславно), ама знам колку е убаво да се биде жена. Односно, знам колку е убаво да се биде жена откако ќе го симнете товарот од плеќите дека мора да сте совршена. А тоа “совршена” е нешто што некогаш свесно, но некогаш и сосем несвесно им се наметнува на жените. И што е најинтересно, често пати сами си го наметнуваме тоа едни на други или секоја сама на себе и тоа не од лоша намера, туку од некакво си докажување пред себе но и пред другите, кое повторно ни било наметнато. И колку и да сме кинисале напред, колку и да сме неспорно ослободени од многу стеги, сепак кај нас патријахатот се има длабоко вкоренето во нашиот генетски код.

Како сведок на многу маалски муабети кои ги тераа жените во Битола собрани едни кај други на кафе-муабет (кој никогаш не беше без секоја да си носи плетиво или гоблен), станав свесна дека во тоа време жената МОРАШЕ да ја бива за се’, дури и тогаш кога не и’ беше до било што.

Тие, битолските жени од времето кога јас имав едвај 14 години, имаа години колку што имам јас сега (плус-минус 2-3-4) и беа воспитани од своите мајки дека е срамота да не ги знаат сите домаќински работи. А не само што имаше домаќински работи кои не можеа да се добројат, туку имаше и еден куп цаки за нив, за кои денес постојат туторијали кои ги гледам на интернет ако нешто ми загусти. Така, беше под must be да се знае како да го испечеш месото, при што надворешниот дел да зарумени, додека внатре месото мораше да биде “како мозок”, сочно и меко. Не е отсега генијалната идеја како се порабуваат панталони, а тоа да се направи на начин што никој никогаш нема да примети дека не се такви земени од продавница. Во секоја куќа имаше машина за шиење, на која ако ништо друго барем се поминуваа штепови на чаршафи или навлаки за перници. Плетењето беше не само потреба (оти порано немаше голем избор по продавници), туку и филозофија која велеше “џабе работи, џабе не седи” (одамна се токмам да научам да плетам оти мислам дека и тоа има некоја магија во себе). Замастените тетратки со рецепти од спремање туршија, до Васина торта се чуваа како богатство и секој рецепт освен името на тортата/колачот/питата си го содржеше и името на жената од која бил земен. Погачици-Фотина, турте-Милица, кифлички-Маре не ретко беа оставани на ќерки и снаи како аманет. Не постоеше поголемо задоволство за баба ми кога по телефон и’ рецитираше некој рецепт на мајка ми, која со неверојатна концентрација запишуваше внимателно. Најмногу се расправаа кога ќе дојдеше на ред она легендарното “ќе туриш сол од око”, а јас сум убедена дека во некој паралелен Универзум постои точна мерка за “од око”.

Во времето на баба ми, жените имаа повеќе време за домот. Потиснувани во амбициите или уште полошо, израснати да немаат амбиции жените кои работеа (оти не сите имаа работа) беа секогаш и со истата извежбаност посветени и на работата, како што беа и на домот и домашните. Сепак, ниедна не беше на раководна функција, бидејќи беа воспитувани дека главната преокупација треба да е семејството (како да не можеше да има баланс). Секоја од нив имаше не само доволно, туку дури и отповеќе време да шие, плете, везе, готви, пазари итн., а да не зборувам за правење слатка, зимници, перење теписи по дворовите. Беше непоимливо да не си ги воспиташ ќерките да бидат домаќинки за пример, исто како што беше ужасно ако ти излези муабет дека си лоша домаќинка. И колку што нема ништо лошо во тоа да се биде домаќинка, толку има лошо во пресијата дека нешто МОРА.

Кога мајка ми веќе беше омажена и со дете, времињата беа малку од малку потсменети. Одговорностите на работа се зголемуваа и за жените (овде оди шегата “ако сакаш да зборуваш за работа, прашај маж а ако сакаш да се сработи нешто, дај на жена”, иако мислам дека како и за се’, така и за ова зависи од човекот без оглед на полот). Но, тоа значеше помалку време за работите кои погоре ги ставив под “must be”. Мајка ми напати имаше грижа на совест кога ќе и’ раскажеше на баба ми дека нарачала кифлици или дека викнала жена за чистење, оти баба ми несвесно со реакциите и’ наметнуваше да се оправдува. Краток молк пред “ти си знајш Виолета, ама ако не фатиш со своја рака....не знам”, мислам дека ја убиваше мајка ми од измешаните чувства дека ем не може да постигне, ем се чувствуваше виновна за тоа. Да, да...сите знаеме дека домашно си е домашно, сите знаеме дека како што сам ќе си зачистиш никој не може (за мене не знам дали ова важи во потполност), ама и умор е умор. А на умор имаме право сите, без исклучок.

Полека, а за голема среќа на идните генерации жени кои доаѓаа и ќе доаѓаат, изразот “жена за се’”, почна да го менува своето значење и облик. Ако ме прашате, ќе ви кажам дека јас сум жена за се’, ама прво да дефинираме што е тоа СЕ’ и по какви/чии критериуми. За мене, “се’“ значи СЕ’ ШТО МЕ ИНТЕРЕСИРА, без оглед дали е тоа многу или малку по било чие мислење. Иако сега мајка ми на моменти го прави (исто така несвесно) она што баба ми и’ го правеше нејзе, факт е дека таа е многу порастеретена од тоа што била баба ми. Ако главната грижа на баба ми на времето била да не се дознае (оти ќе пукне брука) дека Виолета ќе нарача кифлици за Нова година, наместо да засука ракавите и да ги замеси, грижата на мајка ми е многу попрактична и попрагматична. “За не дај Боже, треба дома да имаш брашно и да знаеш да направиш нешто основно”. Да не се лажеме, мојот интерес за кујната е скоро сведен на нула, но знам се’ да правам и тоа токму од тие практични причини. И кога велам дека знам се’ да правам, немојте одма да ме гаѓате со комплицирани рецепти, оти ниту имам време, ниту желба за тоа. Знам да стокмам манџи, чорби, да измесам леб и нема ни да ги спомнам оние брзи рецепти за паста. Благо купувам, оти сум потполно неспособна и нестрплива за теста, па филови, па глазури и сите тракатанци.

За разлика од мајка ми и неспоредливо различна од баба ми, јас сум уште порастеретена. Ја учам Нина да го гледа животот како нешто што и’ е дар и да го искористи на најдобриот можен начин, пред се’ за себе и својата среќа (што и да значи тоа). Ја учам да не дава пет пари за мислењето на другите, за нивните свесни или несвесни потреби да ја вкалапат во нивната реалност, каква и да е. Ја учам да мисли со своја глава, да учи од грешките и да не се потресува ако не може да стаса секаде со иста ефикасност.

Да се биде “жена за се’” е исцрпувачки ако се обидувате да ги исполните сите критериуми. Впрочем, некои од нас навистина се пронаоѓаат само и исклучиво во грижата кон домот и семејството, притоа откажувајќи се од кариерата. Некои од нас балансираат и жонглираат, попатно давајќи приоритет на ова или она зависно од ситуацијата. А некои од нас се посветиле исклучиво на кариерата, без желба за семејство.

Но, она што ни е заедничко е дека секоја од нас е ЖЕНА ЗА СЕ’, оти во својот избор го даваме максимумот од себе.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Велат оти лесно е ЖЕНА да си

Спастрена секогаш

Дури и тогаш кога душата ти цвили

И солзите однатре ти лијат

Та си ги поткасуваш усните

За да не вреснеш до небо

Кога чекориш ко светот твој да е

На потпетици од кои стапалата те вијат

И тело исправено

Дури и тогаш кога ти иди да се свиткаш

И така ноќта да ја минеш

Никој освен жена

Не знае како е ЖЕНА да си

Кога од сите болки

Треба насмевка да исткаеш

Со плачот јадењето да го посолиш

Од снагата живот да извадиш

И за него повеќе од за себе да се грижиш

Та велат оти лесно е жена да бидеш

Оти шминката бледилото го крие

И црните кругови околу очите

Кои од наспаност не се

Та се чини оти најлесно е

Кога на раѓање женски плач се слуша

Оти ниту една од нас

Нема да заплаче пред туѓи очи

Туку болката ќе ја џвака во себе

И ќе ја исплука тогаш

Кога во самотија ќе се завитка

Без ниту еднаш да заофка

Или да се пожали некому на глас

Велат

Велат дека ЖЕНА е лесно да се биде

И оти жените низ векот полесно врват

Небаре патот со рози ни е послан

И на него ниту едно камче нема

А јас знам

Знам по сите жени кои на мојот пат застанале

Дека силата нивна е поголема

Од кревкоста на нивните тела

И благоста која во себе ја носат

И дека плеќите од железо им се

Ама срцата меки ко памук

Ко облак бел на сино и чисто небо

Велат оти ЖЕНА да си

Не е ништо особено

Ниту дека е тешко во наши чевли да се оди

Ама знам

Како што знае и секоја од нас

Дека најголемиот благослов и клетва е

Кога женско дете в куќа ќе се роди

Оти нејзината среќа лежи во туѓата

И дека од себе ќе земе

За на другите да им даде

Со сета леснотија

Во таа тежина жена да е

ЖЕНА да биде