Жената заслужува година, а не ден!
Наречете ме феминистка, ама 8-ми март не само што не го славам, туку не го ни признавам за ден на жената. Излитените подароци, цвеќето и однапред извежбаното “среќен 8-ми март” ништо не ми значат во животот. За да не скокнат мажите веднаш, еве уште на почеток да си кажам дека не признавам ниту ден на таткото, детето, не го признавам денот на љубовта, виното, ниту пак денот кога треба да си спомнеме за оние кои одамна не се меѓу живите. Робувањето на одредени датуми ми е клише кое не го практикувам. Жената за мене е личност чие постоење треба да се слави секој ден, не со подароци, туку со должно внимание и почит. Татковците се татковци секој ден и нивната улога во животот на децата е важна и голема. Децата треба и мора да се опсипуваат со љубов, трпение, игра, разговори секој ден за после да не се жалиме дека немаме комуникација со нив, или ко што велеле старите “ми излизга од рацете”. Љубовта не е само опевање на нејзината големина во песни и поеми, туку нешто што се живее со секој здив. Не зборувам само за љубов меѓу двајца, туку за онаа универзална љубов која постои треба да се негува низ целиот живот. За виното немам што особено да кажам, оти некои од вас преферираат и други пијалаци, но за мене е чист хедонизам и славење на истиот кога ќе ми се ќефне или кога сум расположена. Деновите кои во календарот се обележани за искажување чест на умрените се потполно неважни ако не луѓето не ги носиме во срцата и не ги споменуваме или се потсеќаме на нив. Впрочем, честа и кон нив се прави дур се живи и ако не сме успеале да има ја покажеме љубовта дур биле меѓу нас, џабе раздавањето. Прочитав денес (сабота) еден статус од моја сакана особа која ја нарекувам Маестра, во кој вели дека раздава секогаш, не само за душа на нејзините најмили, туку затоа што е човечна и има огромно срце. Мој длабок поклон Маестра!
Нема ден, а да не помислам на бабите и дедовците кои веќе не се тука, ама се секогаш со мене. Нема ден, а да не помислам на оние кои прерано заминале, а сум имала чест да бидам во нивните животи. Нема ден а да не ја гушнам ќерка ми и барем десетина пати да не и’ кажам дека ја сакам и дека е таа моето богатство. Нема ден, а да не ги слушнам или видам родителите, да одвојам време за нив.
Чудни сме, сакаме да ги ставаме нештата во рамки, да одиме по линија која ќе ја зацртаме. Задушницата ја сметаме за обврска, оти така треба, баш на денот да се појде на гробишта. Истото е и со празниците. Ако чекам да дојде ден за да кажам ТЕ САКАМ, ич не го кажувам. Ако чекам ден за да промуабетам со таткото на Нина и да му кажам новости за неа (оти не живее тука), тогаш чуму воопшто и да се слушам.
Но, да се вратам на темата на денешнава колумна, а таа е дека нам жените, не ни треба ден кој ќе го славиме или кој ќе ни го славите. Нашата посветеност на семејството или работата не добива диплома на осмиот ден од месец март. Тука сме и останатите 364 денови од годината, активно присутни во сите сфери од општеството. Тоа сме истите ние кои наутро со актовка излегуваме од дома, се шминкаме попатно, одработуваме 8 часа на работното место, готвиме, миеме садови, чистиме, пазаруваме, менуваме сијалици, носиме автомобили на сервис. Ние сме како онаа познатата реченица од рекламите “но, тоа не е се’...”. Деловни жени, мајки, сопруги, љубовници, сестри, ќерки, по потреба медицински сестри, домаќинки. Улогата не ни е еднострана или половична. Тука сме секој миг за да бидеме и најдобри другарки, не само на нашите пријателки, туку и на партнерот, да сме некогаш и психијатри кога ги слушаме проблемите на сите, како и наставнички додека работиме домашно со децата.
Да се биде жена само по себе е како да имате една главна професија, од која поизлегуваат уште многу други. Зошто тогаш имаме само еден ден во кој се глорифицира нашата улога во секојдневието. Не е дека бараме и сакаме секој ден да ни се кажува “фала” за се’ што правиме во домот и вон него, но лично мене ме навредува таа лажна помпа на овој ден. Ме нервираат и оние жени кои им се потсмеваат на другите кои го слават овој ден. Ме ужаснува потсмевањето дека “еве си ги натапирале косите, ставиле евтини парфемчиња, играат чочеци по кафани цели препотени и со флеки на мишките”. Овие коментари ме згрозуваат, исто како што ме згрозува потсмевањето дека едвај некои од нас го чекаат фамозниов ден за да излезат од дома. Не еднаш сум рекла дека поголем непријател на една жена од друга жена која и’ се потсмева и ја исмева, нема. Не еднаш сум кажала дека жена на жена и’ е волчица. Зошто го велам тоа?!
Прво, заради тоа што живееме во општество во кое се’ уште постои поделба на женски и машки професии и доколку жената работи “машка професија”, скоро секогаш е помалку платена за тоа.
Второ, заради тоа што живееме во општество во кое мажот да тропне со рака на маса е сосем нормална појава и симбол за машкост.
Трето, затоа што навистина има жени кои излегуваат од дома само за 8-ми март од разни причини и тој ден им е славење и празник. Тој ден е ден кога таквите жени се чувствуваат како жени.
Тажно, нели?
Уште потажно е кога се потсмеваме, наместо да почнеме да дејствуваме па 8-ми март да е исто ко да е 14-ти јули или 7-ми декември. Да дејствуваме жената да има право, слобода и најважно од се’ МОЖНОСТ да си приушти кафеана, кафич и да седне надвор со пријателки кога и да посака.
Секогаш пред да почнам да критикувам или да заземам некаков став, се преиспитувам долго. Најлесно ми е како жена која има можност и слобода да си го тера животот како сака, да поплукам и да се изнаситам на оние кои тоа го немаат. Најлесно е да се изнасмееме на некоја каква “глупача” е кога со полусвенати каранфили си оди дома. Погани сме, оти ниедна од нас не помислува на тоа дека можеби токму таа жена која се враќа испотена од кафеана, со скршените каранфили и паднати флекници на чевлите, го има само тој ден во годината и ќе чека дури до следната година за да се почувствува како жена.
Не треба на овој ден да искажуваме колку сме паметни ние што не славиме, туку да се преиспитаме како и на кој начин може да помогнеме местото и улогата на жената да бидат соодветно вреднувани и наградувани. Да се потрудиме рамноправноста за која само ломотиме, да ја спроведеме на дело. Да застанеме една зад друга и да не се лаеме како бесни кучки која е во право, туку да се потрудиме да си ги разбереме различностите и да си пружиме рака за да си помогнеме.
Жената е симбол на љубов.
Жената е симбол на нежност и грижа.
Жената е симбол на утеха и потпора.
Жената нема ден, има вечност, има значење, има достоинство.
Ви го честитам постоењето на овој свет секој ден. Секој ден нека ви биде исполнет со нова и убава мисла, со ново сознание за себе и вашата улога. Секој ден ви посакувам да бидете вреднувани, љубени, чувани и почитувани. Да сте ми живи и здрави, драги мои дами. И не заборавајте, заедно можеме се’, дури и она за што мислиме дека сме немоќни да го истераме како единки.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Немаш ден драга моја
Немаш ниту месец
Немаш точно одреден час
Во кој треба да те слават што постоиш
Вечност имаш драга моја
Вечност во која треба опеана да си
Во која себе ќе се најдеш
И рака на друга како тебе да пружиш
Немаш ти ден мила моја
Не давај ден да ти слават
Ниту на тој ден да ти се дозволи жена да бидеш
Оти тука си еден цел век
Од утро до вечер посветена
Од ден до ноќ на нозе за сите
Та трчај наваму
Трчај натаму
За сечии желби да задоволиш
За себе најмалку време имаш
И себе најмалку се љубиш
Не оти љубовта на грамови ја мериш
Туку оти од умор ко ќе папсаш
Сила повеќе немаш
Да си дадеш и себе малку нежност
Немаш ти ден душо моја
И не давај ден да ти натокмат
И само во тој ден свесна за себе да бидеш
Туку крени главата
И гласот крени го
Крени го и за оние кои не знаат како
Кои со крпче в уста пикнато живеат
И избори се за себе
А со тоа и за секоја жена која ја знаеш
Остави аманет и на женското дете дома
Да знае зад себе да стои
Да знае да застане зад секоја друга жена
Рамо до рамо
Рака в рака
Оти немаш ден во кој жена си
И немаш ден во кој мајка си
Немаш ден во кој вредиш повеќе
Од сите останати денови од твојот живот
Имаш век
Имаш вечност
Имаш љубов во себе
Оти си жена...оти си столб