Жени/мажи по „стандарди“
Ок, знам дека сме визуелни битија, исто како што знам дека карактерот на човек не е испишан на чело. Но, она што не ми е јасно (иако го знам) е бирањето на партнер врз основа на неговиот/нејзиниот физички изглед. Да се разбереме, јасно е како ден дека привлечноста е првиот чекор кон тоа да посакаме да откриваме нечиј карактер. Никогаш не сум била убава во оној класичен смисол на зборот. Сум била симпатична, шармантна, ама убава за да се заврти некој по улица, јок. Тоа не ми се случувало ниту кога сум била во цутот на младоста, а сега на 49 па ич. Одамна сум се помирила со тоа дека секогаш ќе има жени по кои мажите ќе се вртат, дека секогаш туѓата трева е позелена и дека колку и да е жената убава и привлечна, со тек на време таа станува обична во очите на нејзиниот партнер. И најубавите модели се сосем обични девојки во живеачката со нивниот партнер низ годините.
Она што ме нервира е притисокот врз жената со кој секојдневно се соочуваме да мора во секое време да изгледаме како да сме излезени од салон за убавина. Па, не мора, нели? Со оглед на тоа дека и ние работиме по 8 часа на работно место, а потоа имаме и други обврски, некогаш е просто невозможно да изгледаме како кукли од излог. Откако ќе се вратам од работа, па да испишам се’ што ќе ми дојде или имам некој рок, откако ќе средам куќата, најмалку на што мислам е дали имам кармин или изгледам како да ме исфрлила поплава. Секоја чест на оние жени кои кога и да ги сретнам изгледаат тип-топ од глава до петици. Имав колешка која си ги лакираше ноктите секој божји ден, во зависност од тоа каква гардероба носеше. Мене, самата помисла на тоа веќе ме уморуваше. И ова моево можеби не е во ред, ама искрено да ви кажам, повеќе не ми е во ред целата фама на тоа дека женственоста мора да е во прв и исклучиво во прв план. Не бе луѓе, немам ниту нерви, ниту време за тоа.
Уште помалку во прилог ни се нам жените часописите и порталите во кои зјапаме во преубавите лица без брчки, без темни кругови под очите, затегната кожа, немањето грам целулит и израз на лицето дека така е сосем нормално да се изгледа. А не е ич нормално да сме како восочни фигури на кои времето не остава печат. Кога бев помлада и со кратка коса, облечена во фармерки, без шминка, ми се случувало да ме наречат момче. Кога сум се спремала за излегување, сум облекувала она што мене ми се допаѓа без да се оптеретувам каков впечаток ќе оставам. Потпетици не носам одамна, оти сум жив оток после дур се жалам дека нозете ме болат, а ме болеле до плачење. Свесна сум дека имам години колку што имам, дека нема да одам наназад со возраста, ама па некако ич не му се потресувам на времето кое одминува. Пред некое време, по желба на ќерка ми гледавме еден филм во кој жената (Афроамериканка) секое утро стануваше 2 часа порано од партнерот за да ја исправи косата, како симбол на нејзината женственост. И не само што ја исправаше косата, туку и се шминкаше за да изгледа ненашминкано, ама свежо! И не, не застана тука, туку секогаш кога имаа интимни моменти, таа не му даваше да ја чепне за коса. Подзинав и не ми се веруваше. Па тие 2 часа сон за секоја жена која работи се благодет. Поентата на филмот беше дека нејзината потајна желба да се омажи за партнерот не се оствари. Знаете зошто? Затоа што беше премногу совршена и неговата изјава дека се чувствува после 2 години како се’ уште да е на прв состанок со неа, е жива вистина. Не дека првиот состанок кој траел 2 години беше кажан во позитивен контекст, туку дека блискоста меѓу двајца е и момент кога дозволуваме пред оној што е со нас да не’ види во вистинското светло.
Вистинското светло е следно. Не ни се косите како од реклама за шампони секој ден, по 24 часа на ден. Секако дека стануваме од спиење некогаш со изгужвани фаци од перницата, дека сме бледи, имаме подочњаци и не, не изгледаме како оние од часописите. И ај што нам ни ја вадат душата со некаква си слика за тоа какви треба да сме, а реално никогаш не можеме да бидеме, туку започнаа тоа да им го прават и на мажите. Морало плочки, темна коса, фраерски изглед. Аман, не се фарбајте заради лажна младост. Изгледате смешно, изгледате недоветно. Не мора да имате плочки на сромаците (не велам да не се грижите за себе!) како кај 20 годишни момци, оти срцето не ви го издржува тој напор. Да не бараме едни од други да сме она што не сме, оти човек пука однатре и еден ден ќе му дојде преку глава. Башка, ако ме прашате мене, многу сте посекси со побелена коса и тело кое кога би не’ гушнало, нема да го чувствуваме како сме залепени до карпа. Ама тоа е мое мислење.
Не сум направила естетска корекција, никогаш. Сега за сега не ни помислувам на тоа, оти сум коркач и оти имам некое суеверие дека легнување под нож од забава е како предизвикување на судбината. Но, не осудувам и не сум против секоја од нас да го прави она што сака да го направи со своето тело, дали тоа било усисување на целулитот, јаболчици, уста, подигање гради и задници, ботокс, филер....сосем сеедно додека тоа го прави за себе, а не затоа што се плаши дека некој нема да ја сака ако е онаква каква што е или дека ќе биде оставена за помлада жена. Искрено, сакам да знам дали партнерот би бил со мене поради тоа што сум јас-јас, отколку да се сомневам дека ако не сум вечно млада, ќе ме отсака. Не можам да живеам со таа пресија дека ако некому не му удоволам да гледа помлада верзија од мене, ќе си замине. Ако си замине, нека му е среќен патот. Муабетот ми е, доколку корекциите ве прават да имате сами пред себе поголема самодоверба, терајте...секако под надзор од стручно лице и од вистински причини. Доколку го правите од било која друга причина освен вашето чувство за сами себе, баталете. Никој не е совршен, ама баш никој.
Она кое што навистина ги врзува луѓето еден до друг, не е физичкиот изглед кој се менува, ниту пеперутките во стомакот кои се присутни на почетокот. Она што навистина не’ врзува едни со други е меѓусебното разбирање, почит, хемијата која нема врска со изгледот, заедничките интереси, сексот. Не ми треба манекен до мене за да бидам среќна, не ми треба идеален маж, совршен во изгледот, кој ќе мами воздишки. Ми треба човек кој ќе знае да ме насмее, кој ќе знае да ме скроти, да ме утеши, да ме сака онака како што ќе ми биде убаво. Ми треба човек кој ќе знам да го орасположам, да му бидам и да ми биде достоен партнер во муабетот.
И можеби ќе биде клише, ама сепак за мене најубавите мажи и најубавите жени се оние кои знаат што сакаат, кои љубат без срам, кои гласно се кикотат, тивко зборуваат и секогаш се тука...и во добро и во зло. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Баба ми покојна секогаш велеше
Оти чоек не се бира ко лубејнца
Ниту ко парче прстен
За да свети силно на сонце
Ниту пак се одбира ко руба
Во која облините ќе ги истакниш
Покојната ми баба
Онаа која в срце ми спие
Иако одамна в земја сонува
Знаеше оти чоек се бира со душа
И оти срцето само ќе ти кажи
А пилето за него ќе запеј
Дури и тогаш кога устата нема е
Та секогаш велеше
Оти изборот не е во ликот
Оти и најубајте луѓе
Грди знаат да бидат
Ако лошотилакот од очи им блика
Оти оние кои убај на лик не се
Знаат да блеснат ко ѕвезди на небо
Ако она што во себе го носат
Има љубов и милост за сите
Та ми повторуваше ко на дете мало
Дури и тогаш кога голема станав
Оти чоекот спроти мене
Треба да огледало на моето јас
А во неговото постоење себе да се видам
За да ме чува ко капка вода
За да ме сака ко дел од него да сум
Кој ќе е голем, но не по раст
Туку голем за во сенката да му се стуткам
И да се одморам ко тешко ќе ми биди
Да сум му потпора тогаш
Кога ноќите подолги од денојте се
Та некојпат си велам
Арно што замина во она време
Во кое луѓето се’ уште по љубов се бираа
Кога парата беше само хартија
А златото обичен метал
Кога за куќа да закуќиш требаше столбови
Кои од почит и збор се градеа
И кои ниту времето може да ги сруши
А сега време дојде
Кога јас на ќерка ми приказни и’ везам
Оти ликот се менува
Телото старее
Ама арнината ниту години има
Ниту за години знае
И дека кај чоек само чоештината се гледа
Оти и кај куќа, темелот прв се пули
Па ако е здрав и сигурен
Ќе искрепи врз него и замок
Ама ако не го бива
И најлесната куќа ќе се сруши
Како од прачки сторена да е
Ете такви луѓе до себе сакам
Со цврст темел и сигурна стреа
И душа широка ко небо
До кое љубовта за нив ми пее