Живеј го животот, не го сликај

Добивај вести на Viber

Се извитопери реалноста откако почнавме да “висиме” на социјалните мрежи. Дробиме нешто за зависности демек многу загрижени за децата, а не приметуваме дека не само што сме исти, туку сме и бетер. Шарениот свет на лажно мудри мисли и фотографии од кои бликаме од среќа без да се види позадината, не’ (до)упропасти. И не дека сега нешто ви продавам ум, оти бев иста. Се сеќавам дека на почетокот кога го имав ФБ, бев опседната за да прикажам колку сум ок и колку сум среќна. Ако ме прашате сега чуму и кому, нема да знам што да ви одговорам. Тоа е еден синџир кој си повлекува секоја алка од него да го прифати теркот кој стана тренд. Глумењето лажна среќа и идејата треба светот да знае колку сме најнајнајнаааааајсреќни беше една од најтоксичните работи која ни се случи.

Апсолутно сум ЗА да бидат присутни социјалните мрежи во нашиот живот. Концерти, промоции, изложби, пробивање на луѓето надвор и успесите кои ги постигнуваат се неспорно важни. Информациите кои или не би ги добиле или би ги дознале отпосле, се од огромно значење. Сега знам кога треба да се појавам на настан кој ме интересира и на кој сакам да бидам дел од нечие прославување. Но, секој меч има две острици, нели? Знаеме ли мудро и со усул да одвоиме што е ок, а што е премногу? Овој лажен и шарен свет многу лаже. И не само што лаже, туку е и чекор поблиску кон болестите на модерново време, депресијата и анксиозноста. Да, знам затоа што ми се има случено и не тресам работи од ракав. Среќни лица на полни трпези, друштва, фамилијарни патувања, елитни хотели и плажи кои знам дека никогаш не можам да си ги приуштам, ми беа како сол на жива рана. И не се работи за љубомора дека другите можат, туку за сознанието и болката дека јас не можам. И така тоа траеше извесно време додека не почнав да ја согледувам и другата страна.

Познавам барем половина луѓе од оние чии фотографии на инстаграм и ФБ изобилуваат со нереални доживувања и насмевки зад кои се крие очај и безнадежност. Сфатив дека тие кои навистина живеат и се среќни, немаат потреба да се кочоперат со тоа по социјалните мрежи. Едноставно, го живеат моментот на исполнетост, спокој, мир и не се расфрлаат со фотографии од кои вреска “види ме, добро сум, имам пари”. Покажување дека сум седната некаде каде што има од пиле млеко ми е дури и невкусно, оти факт е дека живееме во земја во која мнозинството се мачат со пресметките дали ќе можат да си приуштат барем една недела во Охрид или Струга.

И кога гледаме слики од нереално убави места, насмеани ликови, скапи авомобили и храна која е повеќе украс на масата отколку што ќе ве најаде, како да се избега од чувството дека животот кој ние, обичните смртници го живееме е добар? Како да се избега од онаа тапа болка дека колку и да работиме и се трудиме, не можеме да си дозволиме да бидеме дел од тој гламур?

Отворам пред некој ден на страницата на еден пар кој го познавам површно. Убав, стокмен пар во своите средни години кој редовно си постира фотки од ресторани со милион ѕвездички, па храна која е ко за пилци ранење (на тањир кој зафаќа пола маса, имате едно цуцулче кое наводно треба да ве засити), па таа легната на лежалка со море во позадина а до неа масичка полна авокадо и манго (што ќе рече Коцев, “дедо ми ко ќе заколеше едно авокадо на Велигден”, оти ние растевме на ресенски јаболки), шампањ кој чини колку 2-3 просечни наши плати. Она што сите го знаат е дека тој си има швалерки (да, во множина), таа си “брка своја работа”, која е или шопинг или излети со некој кој може да и’ биде син, но пред светот тие се совршен пар кој има се’. А да ги прашате што е тоа СЕ’, освен парата тешко да ќе добиете друг одговор.

И кога некој што не ги познава ќе им залута на инста профилите, имате фрустрација до небо. Тој некој-залутан кој работи по 12 часа на ден и штеди цела година, не може да избега подалеку од еден Јадран или Грција. И не е тоа толку страшно, колку што е страшно следново. Колку и да имате до себе партнер кој ве љуби, кој е тука секогаш кога нештата ќе тргнат удолу, колку и да имате здрав однос со семејството и деца со кои се гордеете, во тој миг во умот ви клука само фактот дека на саканите нема да можете да им го приредите изненадувањето да ги прошетате до некој остров или да ги однесете на вечера во Виена, онака, од ќеф.

Не се проблем тие што се сликаат, туку како ги перцепираме. Совршениот живот е далеку посуштински од фотографиите кои ќе ги постирате. Со денешниве алатки на телефоните, можам да си направам позадина од која ќе ви штукне умот, па да мислите дека сум на некој рајски остров и дека уживам. За тоа време, можам да сум затворена во 4 ѕида и да бидам очајна, ама тоа нема да го знаете, нели? Може да ми се случуваа емотивен крах, да сум депресивна за да не ми се станува од кревет но вашата перцепција за мене ќе е сосем поинаква.

Живееме преку фотографиите на кои сме такви какви што сакаме да бидеме. Капа симнувам на Миа (ја знаете сите) која со истата искреност ќе ви постира фотографии од Корзика, но и која ќе ви покаже како изгледа еден ден со паничен напад и несакање себе. Капа симнувам на Божо (и него сите го знаете) кој искрено ќе ви каже како изгледа депресијата, но и ќе го видите како блеска на промоција на некоја своја книга. Капа симнувам на луѓето кои својот свет го покажуваат и го прикажуваат онаков каков што е во моментот кога нешто им се случува, убаво или неубаво. Покрај нив, сфаќате дека е ок и кога ви оди се’ како подмачкано, но дека е ок и кога сте потечени од плачење, со гурелки во очите и со лик кој вели “не, не сум добро”.

Тие луѓе, кои ги има многу (за наша среќа) ви кажуваат дека сите поминуваме низ истото, среќа, смеа, тага, безнадежност и така во круг. Оти тоа е животот, круг кој се врти и во кој никогаш, ама никогаш не можете да бидете секогаш горе.

Симнете ја лажната среќа од вашите лица секогаш кога не ви е до смеа. Не си правете стрес на умот и телото дека МОРА да сте секогаш тип-топ и да мислат сите дека ви е живеачката совршена. Впрочем, “сите” не се тука кога ви се бродовите потонати, тогаш сте сами со себе и во ваша близина се само тие кои навистина ве сакаат, во секакво издание.

Јас сум Ана Бунтеска а денес (кога ја пишувам колумнава) е недела и моментално сум седната во едно кафуле за да пишувам. На себе имам прастар сив фустан и искинати сребрени старки, косата ми е нефарбана и собрана во еден потег на врв на глава, а од шминка немам ниту Ш. И знаете што? Среќна сум! Среќна сум што сум жива и здрава и едвај чекам да видам што ова животиште ќе ми донесе утре. Бидете свои, бидете среќни и тогаш кога нема да им покажете на вашите ФБ пријатели и следачи дека се чувствувате добро во сопствената кожа. Оти кожата во која сме е само наша и никој не може да ви ја поноси, дали за арно или за лошо сеедно.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Купуваш скапа облека

Со етикета на која стои име

Кое најчесто не знаеш да го изговориш

Или кое ништо не ти значи

Купуваш скап часовник

Кој го мери времето кое ти преостанува

И кој никогаш нема да ти попушти

За да поживееш уште некој ден повеќе

Купуваш скапи салонки

Кои ги облекуваш за низ дома

Вежбајќи го одот дур не ти капнат нозете

Со надеж дека ќе ти го донесат принцот

Купуваш се’ и сешто

Најмногу она што не ти треба

Со надмено движење на раката

Кога ја подаваш кредитната картичка

Со ладен лик и со надеж

Дека не ти се гледа јанѕата

Ако ти кажат оти картичката ти е одбиена

Купуваш лажни пријателства

Мир кој е најмалку тоа

Почит за која знаеш дека трае

Дур не го завртиш грбот

Си го лажеш умот оти се’ на светов цена има

И се’ што на светов постои може да се купи

Дека е доволно паричникот да ти е полн

И дека тој ќе ја пополни празнината во тебе

Пиеш коктели кои ти се блуткави

Од кои после желудникот во тоалетот си го вадиш

Пушиш странски и скапи цигари

Иако три колена наназад сите од канцер ти умреле

Возиш бесен автомобил

Во кој никогаш немаш со свој чоек седено

Да се кикотите дур стомаците не ве заболат

И да се исплачите за сите болки

Живееш лажен живот

Со гламур кој е тажен

И од кој ти е мачно сам од себе

И се тешиш

Така поубаво ти е кога си велиш

Оти се’ на овој свет со пари се купува

Иако знаеш дека насмевката нема цена

И дека сјајот во очи не се глуми

Дека најскапоцена е воздишката

Која не доаѓа од устата туку од душата

Дека трепетот на нечие тело кое го љубиш

Не може да се купи со ништо

И дека си голтар

Дека најсиромав на светов си

Ако љубов во себе и околу себе немаш

Дека ќе си умреш ко питач

Ако некој до тебе тогаш не седи

И раката силно во својата да ти ја држи

Нежно стихови љубовни да ти шепоти

Голтар си

Голтар си ако барем два-тројца до себе немаш

Кои ко ќе згрешиш ќе ти се развикаат

И кои нема за ништо да те поштедат

Од љубов

Од љубовта кон тебе што ја имаат

И со која сакаат да те сочуваат

Голтар си

И голтар ќе останеш ако не разбериш

Оти искрен чоек со пари не се купува

Ниту срце на жена така се освојува

Ниту душата на мажот по тебе ќе лудува

Оти има на светов работи кои бесценети се

Кои со ништо не се купуваат

Освен со питомо срце

И отворени дланки

На светов сон на праведник не можеш да купиш

Ниту љубов која живот дава

Ниту смрт која утеха ќе биде