Животот во Венеција низ призмата на Ирена Павлова Де Одорико: Луѓето малку веруваат во црквата и не ја поистоветуваат со Бог, велигденскиот ручек го поминуваат со семејството, ритуалот фарбање јајца и кршење е реткост

Кој би можел поубаво да ја опише Венеција од неа, која седум години чекори по улиците и се вози со гондола по каналите на градот.... 

Го нарекува чудесен бисер, во кој човек посакува да се смее со неговите убавини и...да умре. Нејзината судба е плоштадот Св.Марко.Центарот на Венеција. Веднаш наспроти истоимената базилика, го сретнала својот сопруг.

Таа е Ирена Павлова Де Одорико - поетеса, прозаист, критичар, преведувач и есеист. Нашиот најголем културен амбасадор во Италија. Родена во Велес. Завршила Филолошки факултет во Скопје. Магистрира при катедрата на Општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје. Автор е на книгите: „Велзевул” (поезија, 1999), „Номад” (проза, 2000), „Новата Ева” (поема, 2001), „Деколте - длабоко” (поезија, 2004), „Потстанарка” (проза, 2005), „Од другата страна на животот” (есеј, 2010), „Новиот човек” (поема, 2010), „Пенелопа Нет” (2012), „Aнтологија на заборавeнитe македонски поeтeси (2013), „Жена на залезот“ (2014). Нејзиното најново дело е поемата „Светец“ во издание на „Феникс“.

Во целост ви го објавуваме нејзиното писмо, во кое го опишува животот во Венеција, убавините и маните на градот, празнувањето на Велигден.

Страдалничка, света маченица, пред која се поклонува секој дојденец

-Венеција. Чудесната Серенисима, Великиот Петок пред Велигден и јас во неа. Што се' не доживеала и надживеала. Од восхит како пред многувековна убавица, до колерата, каде падна пред колена. Од врвните ликовни мајстори што ја овенчаа нејзината уникатност- единствениот град на вода, до туристите од сите меридијани,што ја газат и нагазуваат, небаре се војнички чизми во освојување на нејзините ноќи. Е,токму нив, таа не ги дава. Тогаш е тивка, мистична, гондолите се одмораат од индискретните прегратки на вљубените и оние што таму посакуваат да се вљубат. Мојата судба беше плоштадот Св.Марко. Центарот на Венеција. 

Веднаш наспроти истоимената базилика.Таму го сретнав мојот сегашен сопруг Марко, роден на Св.Марко, во венециската болница која се вика исто така.,,Такси- ти доцнеше,за малку ќе се породев во својот дом,,- раскажува неговата мајка.,,Овие куќи однадвор се прекрасни, но секогаш треба да се реновираат заради влагата,а  и бучавата од туристи ни го ремети мирот,,..

Следи пауза и за миг продолжува: "Но,Венеција е чудесен бисер,човек посакува да се смее со нејзините убавини и да умре,,.

Лично, Венеција е убава страдалничка, како некаква света маченица, пред која се поклонува секој дојденец. Познати уметници посакувале да ги заокружат своите последни фази од животот, токму во неа 

Ги читавме нашите песни пред миронисецот Далај Лама и славниот Пол Макартни

-Дури и кога надоаѓа плимата, кога е acqua alta,,...дури и за време на пандемијата, Венеција е лајт мотив речиси на секој жител на земјата. Сепак, кога живеевме во нашите мали затвори, таа наликуваше на барокен кафез, со отворена врата- Празен. Но,за мене тогаш, дури и најубав. Во тие денови ги ослушнував своите чекори, ехото по тесните улички, кое како да се налепуваа во воздухот како единствен звук. И' говорев дека дојде времето кога и таа треба да се одмори од наездата и на варвари и на господа. Го слушав здивот на воздишките во апсолутна тишина. Камбанаријата на Сан Марко го бележеше секој час ,но не звучеше тажно, зашто немаше публика. Всушност, секоја знаменитост како да беше во еден чудесен дремеѓ, како најубавата изморена слугинка, на која и' е дозволено да се одмори.

Сигурно во себе ги бележеше спомените од ,,Венециската мостра,,..од сијасет културни настани... Но, и од пијани восклици во ноќта на сите можни јазици. Венеција ја запознав на Венециското биенале пред 20 години. Читав поезија со поети скоро од сите меридијани. Прво во хор ги читавме нашите песни Беше тука и миронисецот Далај Лама и славниот Пол Макартни. Потоа секој од нас ја рецитираше својата песна. Непосредно претходно се одвиваше војната во Србија. Имав песна со посвета, која ја изрецитирав како молитва на обата јазика. Се сеќавам на солзите на министерката за култура во тој период Giovanna Melandri Си реков: ,,И политичарите плачат, значи,,.Темата беше : ,,Поезијата и моќта,,..Колку може поезијата да го смени светот.

Венеција, секако може.Таа е создадена за тоа. Во неа го сретнав мојот денешен сопруг, кого го здогледав како музицира со својот саксофон.Требаше трипати гестовно да ме покани, за да седнам четвртиот пат. И денес сум овде, после нашето 13- годишно живеење во Скопје, а тоа беше по желба на мојот венециски сопруг. И во него е напечатен духот на уште еден Марко Поло. Отраму номадскиот дух .А јас, веќе седма година сум овде со него и двете деца, во ролјата на Пенелопа која во совремието е всушност номад.

Северот но и самата Венеција ,изобилува со Кинези кои се во голем дел и сопственици на венециските дуќани

-На еден од најпознатите италијански писатели кои имав прилика да ги запознаам и да поразговараме со него, Мауро Корона, му реков: ,,Знаете што, и покрај се'...убавината ќе го спаси светот,,. Шеретски ме погледна и ми рече: ,,Секако, Ви верувам,,.

,,Максимата е на Достоевски,, му возвратив. И двајцата се насмеавме .

„Верувате во Бог,, ме праша...Тоа е тајна,,му реков. Во тој миг размислував за тоа како луѓето овде се повеќе верски лаици, одошто атеисти.Така милуваат да се наречат себеси. Малку веруваат во црквата, која притоа не ја поистоветуваат со Бог. А сепак, традицијата на неделниот велигденски ручек ја одржуваат во најблискиот семеен круг. Ритуалот фарбање јајца и потоа ритуално кршење, сета симболика на јајцето е раритетна. Ова е земја на орагматици, барем Венето, Северна Италија .

Југот на Италија поседува далеку поинаква приказна. Како и секој југ, впрочем.

За чудо,северот но и самата Венеција, изобилува со Кинези, кои се во голем дел и сопственици на венециските дуќани. Можеби затоа по малку, автентичноста на градот губи од својот шарм. Друга валидна причина е тешкотијата практично да се живее во земја која се држи на столбови на вода. Куќите се раскошни, но и' подлегнуваат на влагата. Токму затоа венецијците одат да живеат на копнен дел кој се вика ,,Terra ferma,, Тоа е Местре ди Венеција 

Веднаш по него е моето гратче Мољано Венето, кое е древно со прекрасни паркови и знаменитости. Стари вили во кои престојувал и самиот Наполеон.

Го пишувам овој текст, гледјќи го будењето на пролетта и мислам на Вивалди и на неговите годишни времиња, колку убавина му донесоа на светот, како и самата Венеција заедно со најчесто опеаната:"Santa Maria della Salute,,.

Во тој дух,на сите венецијци и на сите дојденци што тешко го вадат парчето леб (зашто и овде невработеноста го зеде замавот), ви наздравувам со неизбежна чаша црвено вино и ви викам: ,,Салите, сакани мои,,.

И јас ги посакувам орелските крилја на Миладинов, за да ја видам својата земја... Уште еднаш... Се надевам наскоро... Мошне наскоро 

Сите ние, без и  со ,,Супер Грин Пас,, сме Супермени на една натчовечка издржливост, зарем не.

Венеција е вистинска гозба од светлини и сенки, од воздишки и издигжвнувања на големите мајстори, на љубовниците скриени во нејзината чудесна магла Земја на карневалот но и на светото, изразено преку ,,Colomba della pace,, ...,,Гулабот на мирот,, што е не само симбол на Воскресението Христово,туку и на воскресението одново и одново на сето наследство што го оставило овој град олицетворение во единствена убавина. Токму затоа, секогаш одново и' се навраќам со чекор, здив, песна....

Лирика од нашето соседство

Пишувајте лирика

На светот не му требаат

Сурови вистини

Шрапнели  во срцето

Уништете ги овие барикади

Од тешко железо

Со нежно- топливи зборови

Со зборови како црвени панделки

Како оние во косата на девојчето

Која издржа лавеж

Од целовечерна глутница сирени

Во скутот на баба си

Која со перде на очите

И' го рецитираше Превер

Па не можеше да види

Што навистина луѓето прават

Во отсуство на зборовите

Пишувајте лирика за тоа

Како е миниран мостот

По кој штотуку поминавте

Помислувајќи дека зад вас

Можеби останал 

Некој надежен поетски следбеник

Кому судбината му доделила

Поинаков тек

Жесток

Но, сепак лиричен

Пишувајте лирика 

И притоа внимавајте 

Кому ги упатувате зборовите

Може да ги награди некој воен добротвор

Меѓу две замавнувања

На сечилото

Оваа песна беше читана и наградена на Венециското биенале 2001 и влезе во светската антологија : ,,Бункер поетико. Фестивалот беше на тема: " Поезијата и другите видови моќ... Препевот го направи ( на италијански ) проф.др.Анастасија Ѓурчинова.

Соња Алексоска Неделковска