Златните медали ги прославив со чоколади и помфрит- ги пробав после долга и строга диета : Мери Акиевска, бодибилдерка за настапот на светското првенство

Сонот да ја освои и светската сцена за бодибилдерката Мери Акиевскавеќе е реалност. На Светското првенство во Санта Сузана – Шпанија, кое се одржа од 3 до 8 ноември, таа стана светски јуниорски велнес шампион и апсолутен шампион во јуниори и светски сениорски велнес шампион и апсолутен шампион во сениори.


-Пресреќна сум. Не постојат зборови со кои можам да ги опишам чувствата. Не можев да ги допрам солзите радосници додека четири пати се искачував на пиедесталот и ја слушав македонската химна. Годинава ја завршивме со многу златни титули. Голема благодарност до мојот тренер, Претседстелот на Боди билдинг фитнес федерацијата на Македонија  Бобан Ѓороски и на сите што ме поддржуваа – ни изјави Акиевска.


Ова е нејзин најголем успех во кариерата. На натпреварот учествуваа 102 држави од целиот свет и повеќе од 1500 натпреварувачи. Во силна конкуренција, Акиевска постигна неверојатен успех, победувајки во својата категорија до 163 см висина.

-За Светското првенство се подготвував три години. Иако имаше најава за учество, не можевме да се натпреваруваме поради недостаток на финансии и корона ситуацијата. Оваа година ми помина во секојдневни подготовки за мојот настап на светската сцена. Вредеше, зашто ми се исполни сонот. Да застанам до врвни шампионки. Победата ја прославив со омилената храна, чоколади и помфрит кои ги пробав после долга строга диета. По неколку дена повторно се враќаме на стариот режим на исхрана за нови професионални успеси. Диетата е веќе секојдневие. Разликата е што за време на подготовките внесувам количински протеинска храна збогатена со протеински влакна и хидрати – вели шампионката.


Мери почнала да се занимава со фитнес во 2017 година, рекреативно.Резултатите биле брзи, а трансформацијата на формата и облините на телото биле видливи. За кратко време се вљубила во бодибилдингот и тој станал дел од нејзиното секојдневие. Освоила многу титули и признанија во светот на фитнесот и бодибилдингот.


-За успех потребни се и откажување од некои задоволства. Имам секојдневни напорни тренинзи и долготрајни исцрпувачки диети. Се откажав од богати софри со калорична храна. Се будам рано и си легнувам рано. Тоа е мојот рецепт за посакуваната форма - открива Мери.


(С.А.Н)