Животна училница // Приказни
АЛБУМОТ „МАЈЧИН ЈАЗИК“ Е ПОСВЕТЕН НА СИТЕ ЖЕНИ
ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ПО ДОБИВАЊЕТО НА ДРЖАВНАТА НАГРАДА 11 ОКТОМВРИ
Откако вчера му беше врачена државната награда „11 Октомври“, за животно дело во областа на културата, легендарниот гитарист Влатко Стефановски вели дека е исклучително почестен, иако не ја очекувал.
[caption id="attachment_1602" align="aligncenter" width="640"] ФОТО МИА: Влатко Стефановски вчера во Собранието на Македонија со проф.д-р Амет Шериф кој ја доби наградата за животно дело во областа на науката и образованието[/caption]
„Не можам да речам дека ја очекував наградата и дека сум се прашувал зошто до сега не ми е доделена. Воопшто не е скромно да трчаш по награди и на тој начин да го пумпаш своето его. Бев сконцентриран и посветен на концертите, на патувањата, на снимањето на нов материјал, си бркав работа, терав напред. Во оваа професија нема време за многу прашања“, изјави Стефановски за „Женски Магазин“. „Се разбира дека сум многу почестен, горд и возбуден што го добив ова високо признание“, додаде тој.
Освен Стефановски, вчера во Собранието на Македонија награда за животно дело во областа на науката и образованието доби проф.д-р Амет Шериф. По врачувањето на признанието, Стефановски му заблагодари на колегата, гитаристот Тони Китановски кој заедно со Универзитетот од Штип го предложил за оваа награда. Влатко со најблиските соработници, успехот го прослави на ручек во еден скопски ресторан.
„Она што сега го работам е мојот нов албум, наречен „Мајчин јазик“, кој е прв мој селф -рекординг албум, што значи комплетно соло. Ќе го издаде „Кроација рекордс“ од Загреб. Отсвирев десет мои најдраги композиции на кои сум работел изминативе години. Меѓу нив се и „Успаванка за Радмилу М“ од „Бијело Дугме“, која со Горан Бреговиќ ја снимивме уште во 1983 година“, изјави Влатко, кој долги години е во среќен брак со својата Гордана, и е горд татко на Ана и на Јан.
[caption id="attachment_1603" align="aligncenter" width="630"] Мојот нов албум е посветен на сите жени, и затоа се вика „Мајчин јазик“[/caption]
„Гоца не знаеше ништо за овој мој нов албум, не и раскажував. Летово, бевме неколку дена во Охрид и отидовме на прошетка до Свети Наум. Кога се враќавме од Свети Наум накај Охрид, си помислив дека токму тоа е вистинскиот момент да и пуштам дел од новиот материјал во кола. Тоа беше еден магичен момент. Слушајќи ги песните по пат, од неа ги добив првите позитивни критики“, ни раскажа Стефановски.
„Бидејќи зборуваме за „Женски магазин“, сакам да ги поздравам сите читателки, и да им порачам дека овој албум „Мајчин јазик“ им е посветен на сите жени, мајки, тетки, баби стрини. Има убава симболика и посвета - „Мајчин јазик“.
За Женски Магазин, Милица Џаровска