,

Балетскиот спектакл „Оревокршачка” на мраз на 24ти ноември во Скопје!

На 24ти ноември, на сцената на Македонската Опера и Балет, Државниот балет на мраз од Санкт Петербург доаѓа повторно, овојпат со изведба на претставата „Оревокршачка“ од Петар И. Чајковски. Станува збор за балетски спектакл на мраз што Државниот балет од Санкт Петербург го изедува на речиси сите светски балетски и оперски сцени.   Минатата година, Државниот балет на мраз гостуваше со изведба на познатото балетско ремек-дело “Лебедово Езеро” и побуди голем интерес кај македонската публика. Токму поради тоа наместо планираните две претстави во МОБ, се одржаа четири, кои беа наградени со громогласни аплаузи и овации. Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 година од извонредниот кореограф Константин Бојарски и претставува успешно продолжение на традиционалната руска школа за класичен балет. Бојарски бил поранешен солист на светски познатиот балет „Марински“ и школски другар на славниот Рудолф Нуреев. Играл со Михаил Баришњков и Наталија Макарова. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент. Во балетската компанија има повеќе од дваесет танчари што имаат титули во уметничко лизгање. Од 1995 година балетот на мраз од Санкт Петербург игра и на сцените на светските оперски и балетски куќи. На нивниот репертоар се познатите балети на Петар И. Чајковски - „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и балетите „Ромео и Јулија“ и „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев. Сите изведби ги поставува кореографот Константин Расадин. Оваа балетска компанија првпат ги постави класичните балети во класични костими и сценографија на мраз инсталирана на сцена на театар. Во последните години овие продукции успешно се претставени на сцените на САД, Канада, Европа, Кина... Овој настан е поддржан од министерството за култура на Република Македонија. Билетите за овој балетски спектакл на мраз - “Оревокршачка” на мраз, ќе бидат пуштени во продажба во среда (04.10.2017 год.) и истите може да се набават преку продажната мрежа на “КупиКартиЗаСе” низ цела Македонија, Билетарата на МОБ, во “Пола Југотон”, “Југотон”, Цвеќара “Розе” - Веро 2, како и онлајн на www.kupikartizase.com.