,

Второ издание на „Киненова Скопје“ филмски фестивал за дебитанти

Добивај вести на Viber

Под мотото „За сè има првпат“ алудирајќи на дебитантските интернационални филмски остварувања на 6 октомври свечено ќе биде отворено второто издание на фестивалот „Киненова“ и ќе трае се до 11 октомври. Предвидени се 6 фестивалски денови на кои и оваа година посетителите ќе имаат можност да проследат богата програма со филмови од цел свет кои се прв и втор долгометражен филм на режисерот. Покрај долгометражните, официјалната селекција ќе понуди и кусометражни филмови, во кои спаѓаат професионални и студентски филмови од цел свет. Дополнителни, ревијални програми на фестивалот се: Панорама на светската незавизна филмска продукција; Кино Балкан;  Фокус на; Македонски кратки и еден новитет програмата 0% Цензурирано, за која организаторите најавуваат дека ќе биде голема провокација за гледачите. Како специјален гостин годинава е најавен српскиот актер Жарко Лаушевиќ, кому ќе му биде доделено Специјалното признание за особен придонес во филмската уметност. Идејата на фестивалот е да открие, промовира и афирмира нови филмски приказни на нови автори кои се сеуште недоволно истакнати во светската филмска јавност, давајќи им шанса на почетокот од нивните филмски кариери. Фестивалот како и минатата година ќе биде од награден карактер и тоа во главната селекција за наградите влегуваат наградите за Најдобар филм, Најдобра режија, Најдобро сценарио, и Најдобар филм според публиката, а ќе се натпреваруваат вкупно 10 филмови од 9 земји и тоа следниве: Израел, Канада, Коста Рика, Романија, Венцуела, Холандија, Америка, Босна и  Шпанија. Филмовите, ќе бидат оценувани од стручно жири составено оваа година од Горан Марковиќ ( Србија ), претседател, Хулија Учансу ( Турција ), Синоличка Трпкова ( Македонија ) и Игор Гало ( Хрватска ). „Ни претставува вистинско задоволство што ќе имаме можност втора година по ред да се дружиме со нашата публика која покажа голем интерес за минатото издание на Киненова. За годинава можеме само да им ветиме уште подобар избор на филмови во поголем број кои длабоко ќе ги размрдаат нивните чувства. Се потрудивме програмата да биде разновидна и да го разбуди љубопитството на филмските сладокусци. Па така програмата не е тематска, туку се водевме според квалитетот на филмовите и авторскиот пристап кон темите, а размислувавме и на разноликоста на самите теми кои варираат од сурово егзистенцијални, па поствоени приказни, до исконско човечки како и теми кои сеуште предизвикуваат силни контроверзии во нашето општество како хомосексуалноста. Програмата изобилува со филмови со свеж и иновативен пристап во филмската нарација. Ќе имаме огромна чест како специјален гостин да го имаме актерот Жарко Лаушевиќ, кој безрезервно ја даде неговата поддршка и веднаш се сложи да биде дел од овие фестивалски денови“ изјави директорот на Киненова Небојша Јовановиќ, режисер и продуцент. Во рамките на Киненова Скопје ќе има и работилница за развој на сценарија за кратки филмови за македонските млади сценаристи, а ментор ќе биде Џон Стивенс.  Ќе има панел дискусии, трибини и мастеркласи. Кино проекциите ќе одат во киното Синеплекс, Кино Култура, Кинотека на Македонија и Кино Милениум. Билетите ќе чинат по 100 денари во Кино Култура и Кинотека на Македонија, а по 150 денари во Синеплекс, со повеќе опции и попусти за блок набавка, а ќе бидат пуштени во продажба веќе во почетокот нанаредната недела.