,

Детето е огледало на семејството

Добивај вести на Viber

Не може да барате здрава личност, без здрави односи во семејството. Личноста на детето не почнува да се гради со неговото доаѓање на свет туку многу порано, додека е во утробата на мајката. Според професорот Бенџамин Перкс претставник на УНИЦЕФ, последните три месеци од бременоста на мајката се исклучително битни при оформувањето на плодот. Секоја мајка која во овој период е изложена на силен стрес, го носи со себе ризикот на свет да донесе дете кое во процесот на раст и развој ќе ги покаже негативните последици од периодот на бременоста.

   

Зошто родителите се огледало на детето? Според Перкс, периодот од 0 до 3 години е период кога детето во најголем процент го развива психомоторниот и сознајно лингвистичкиот развој. Со зацврстувањето на психомоторните способности кај детето се појавуваат комуникативно-односни фактори кои му помагаат при вклучување во колективниот живот. Само во здраво поставена фамилија со нормално воспоставени односи е возможно да се креираат овие битни карактерни особини.

Според истражувањето на Паркс, сите деца кои се изложени на трауми во детството, во периодот на адолесценцијата, се личности кои многу полесно можат да бидат заведени, што значи „скршнувањето од патот“, кај овие лица е многу поверојатно, а со тоа и негативните последици врз личноста и фамилијата се многу поголеми.Едукативниот процес според Перкс може да исправи дел од недостатоците на не функционалното семејство, но како што вели и самиот професор, тој е само коректор, но не и фундамент во градењето на личноста.

Секоја личност која доаѓа на овој свет со себе носи генетски предиспозиции кои во процесот на развој се дооформуваат и надоградуваат во позитивна или негативна насока. Исклучително силно влијание врз процесот на градење на здрава личност е едукативниот процес кој детето го добива во претшколската возраст. Според Перкс оваа возраст е најважна за градење на една здрава и комплетна личност со сите психофизички и моторички карактеристики кој треба да ги поседува личноста.

Меѓутоа колку и да е квалитетно образованието, доколку во средината каде што расте детето условите за развој се „поразителни“ исходот по развојот на детето на крајот ќе биде негативен, смета Паркс. Семејството и хармонијата која владее во оваа прва социјална средина исклучително силно го детерминира идниот развој на личноста. Според истражувањето на Паркс семејствата во кои има насилство од кој било вид, резултира со висок степен на ризик, пресметан со 1000% зголемување на веројатноста идната личност да прерасне во асоцијална и деструктивна личност, со манифестирање на деликвентно однесување. Од овој тип на семејства се „регрутираат“ новите личности со девијантно однесување.

Живееме во време кога семејството како институција губи на својата сила. Бројот на нефункционалните семејства драстично се зголемува, а со тоа и бројот на деца кои растат во вакви средини е се поголем. Бројот на личности со деструктивно однесување е во релација со бројот на нефункционалните семејства или семејства без хармонија. Препораката на Паркс е ургентна. Неопходно е сериозно третирање на овој проблем од страна на државата, со преземање на мерки кои ќе резултираат со враќање на институцијата семејство на „старите“ позиции, кога семејството беше столб на градењето на здрава и комплетна личност подготвена да се справи со животните предизвици.

С. Ш