Животна училница // Приказни
Жената денес не е само мајка
Што ќе донесе Пеленската Револуција? Дали оваа иницијатива е предвремена или навремена? Дали Македонија е подготвена за ваков чекор?
Граѓанската инцијатива „450 Породилно (Пеленска револуција) организираше референдум за донесување на предлог Закон за работни односи со кој ќе се зголеми времетраењето на платено отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство од сегашните 9 месеци (за едно дете) и 15 (за повеќе деца, на 18 месеци за сите мајки без разлика колку деца раѓаат. Потребните потписи за почеток на постапката се собрани.
Женски Магазин истражува што ќе добиеме, а што ќе изгубиме.
Разговаравме со Лукреција Маљковиќ Атанасовска . Таа е основач и Директор на Академијата за протокол на Македонија® и меѓународен консултант по етикеција и протокол, сертифициран од Школата за протокол од Вашингтон® за Република Македонија. Таа член на Меѓународната асоцијација на службеници за протокол и дипломатија со седиште во Вашингтон, САД.
Женски Магазин Ќе добијат ли мајките право на избор со „Пеленската револуција“?
Маљковиќ Атанасовска Лично мислам дека „пеленската револуција“ е популистичка, непромислена иницијатива која е штетна и за мајките, и за младите девојки, и за работодавачите, па дури и за децата. Изборот што ѝ е оставен на жената со оваа „револуција“ е да остане дома и да се врати во времето кога жената требала само да раѓа и да чува деца, наместо да се оствари и на професионално или лично поле. Се плашам дека со оваа „револуција“ ќе претвориме во општество во кое жената ќе има само една функција и ќе се вратиме во времето на нашите баби и мајки кои оставале работа за да ги чуваат децата.
Женски Магазин Дали постои можност за дискриминирање на жените на работа?
Маљковиќ Атанасовска Апсолутно да. Ова уште повеќе ќе ја дискриминира жената затоа што работодавачите ќе внимаваат дали ќе вработат девојка или млада жена бидејќи знаат дека таа ќе отсуствува од работа доколку планира семејство, а тоа отсуство може да се пролонгира и до неколку години. Со оглед на сложеноста на постапката за пријавување и одјавување, може да се очекува дека секој работодавач попрво ќе одбере маж или жена која веќе има семејство од онаа која е на почетокот на својата кариера. Ова е жално за сите млади и образувани девојки кои така нема да ја добијат шансата, како и за сите работнички на кои после привременото вработување како замена ќе им престане работниот однос. Од друга страна, мајката ќе остане надвор од работниот циклус, самата ќе ја изгуби работната навика, ќе заостанува зад сите промени кои во меѓувреме се случиле (промени во технологијата, работниот процес, законодавството…), нема да учествува во процесите на одлучување и со тоа ќе биде во уште понеповолна положба , бидејќи по повеќе месеци ќе треба да се врати на работа. Тоа за работодавачот ќе значи дополнителна обврска на дообучување на мајката, која ќе треба да ги преземе работите обврски после долго отсуство. Оваа „револуција“ ја сметам за дискриминаторна и кон жените кои не можат или не сакаат да се остварат како мајки.
Женски Магазин Дали е добро нашиот систем да ги следи примерите на земји кои имаат силна институционална моќ?
Маљковиќ Атанасовска Како што реков, ни во најбогатите држави жената не останува олку долго дома затоа што системот дава одлична нега за децата. Нашите фондови се и онака на работ на банкрот, па оваа „револуција“ им одговара само на жените во јавната администрација кои и онака својата плата ја добиваат на товарот на приватниот бизнис и даночните обврзници. Револуцијата требаше да биде насочена кон обезбедување на подобра нега за децата, јасли и градинки во секое маало, или отворање на градинки во рамки на фирмите, можеби и скратено работно време за мајките, можност за отсуство за доење и други форми, кои ги практикуваат поразвиените земји. Останувањето дома нема никаква корист за детето, напротив, тоа ќе биде лишено од игра и учење со своите врсници. Оправдувањата на некои мајки дека децата треба да останат подолго дома заради подложноста од болести и боледувањата, мислам дека не е оправдано. Со оглед на нашиот менталитет, мислам дека голем дел од мајките сепак ќе ги носат децата во градинка, а слободното време ќе го користат за свои потреби, сето тоа повторно на товарот на даночните обврзници.
Женски Магазин Дали ова ќе донесе социјална сигурност за идните мајки?
Маљковиќ Атанасовска Мислам дека досегашниот систем од 9 месеци беше и повеќе од доволен и на мајката и ѝ овозможуваше социјална сигурност, а и можност да се оствари и на друго поле, а не само на полето на мајчинството. За да имате социјална сигурност треба да имате здрава економија и полни социјални фондови, што кај нас не е случај. Мислам дека ваквиот закон ќе доведе до крах на социјалните фондови, исплатите за породилно уште повеќе ќе доцнат, па мислам дека голем дел од мајките, особено оние на кои тоа ќе им биде единствената финансиска потпора ќе бидат присилени да се враќаат на работа. Ова ќе биде особено неповолно за самохраните родители.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска