Секој нов медиум, колку и да е револуционерен во времето кога се појавил, на старт бил осудуван како закана за младите луѓе. Крими романите ќе го уништат нивниот морал, телевизорот ќе им го расипе видот, видео игрите се премногу насилни за нашите деца. Прво телевизија, па компјутери, а потоа и таблети, и разни апликации, се означени како губење на време кое инаку би било потрошено за учење или играње со врсници, или традиционално валкање раце со копање во песок. Нашата генерација се концентрирала на грижата за мозоци на нашите наследници, за неискористени синапси кои пропаѓаат сразмерно со времето кое децата го поминуваат гледајќи во екранот на компјутер или ајпад, сеедно.
И покрај сите тие загрижености, дури 90 отсто од родителите им дозволуваат на своите деца, помлади дури и од две години, некоја од технологиите.
Денес е невозможно да се најде дете, па дури и она од шест месеци, кое не дошло во допир со паметен телефон или ајпад.
Границата се повеќе се спушта. Во време додека треба да учат децата како да склопуваат реченици и пишуваат зборови, тие веќе знаат како се ракува со последната генерација телефони и таблети. Детството навистина се промени за час. Сега само со еден мал потег на прстот малите деца можат да прошетаат во светот на стотина игри и апликации.
И ништо не им е поинтересно од тоа. Ако тие го привлекле вниманието на возрасните, како тогаш да очекувате од деца коишто прооделе и запознале два паралелни светови, виртуелни и реални, да му одолеат на тоа шаренило кое реагира на секој нивен допир.
Никој до денес со сигурност не потврдил дали вашето дете со употребата на ајпад апликација ќе стане генијалец или ќе научи да зборува кинески. Но ниту дали ќе ги уништи сите мозочни ќелии.
Интересно е дека жената која помагала во развој на една од апликациите за едукација на мали деца вели дека нејзините деца не типкаат по екран цел ден. „Имаме правило дека нема екран во текот на неделата, само во викенди, и тоа на половина час. Тоа може да биде премногу стимулативно за мозокот и да предизвика зависност“, рекла таа.
Малите деца брзо и лесно учат и повеќе се трудат кога мислат дека имаат некоја улога во играта и дека всушност, со своето притискање, им „помагаат“ на ликовите од апликациите. Децата на возраст од 32 месеци целосно ќе му поверуваат на карактер од апликацијата, ако со своите допири предизвикаат негова вистинска реакција, и тој автоматски ќе стане нивен авторитет.
Легитимно е прашањето како децата го поминуваат времето, но се што може да направите е да одлучите до каде ќе ја спуштите границата со правила за своето дете. Американската академија на педијатри има нулта толеранција за таков вид на игри: еден час поминат во гледање на ТВ е еден час поминат без родители. Некои луѓе толку се вовлечени во екран да не сакаат да работат што било друго освен да играат игри. И оттука стравот од зомби генерации.
Ранко Рајовиќ, основач на Менса Србија и творец на НТЦ (Никола Тесла центар) систем за учење, вели дека не е противник на новите технологии и дека секако е потребно децата да ги користат, но дека е проблем што никој барем што се однесува до децата, не одредил колку тоа минути или часа дневно треба да биде.
„Детето кое многу седи не развива важни делови од мозокот, посебно ако редовно, односно секој ден гледа ТВ, во мониторот на својот компјутер или неколку часа во видеоигри. Но повторно не можеме целосно да ги игнорираме новите технологии. Денес се сѐ случува многу брзо, новите откритија се секојдневни, којзнае каков светот ќе биде за 10 или 20 години“, вели Рајовиќ за Неделник. „Прашањето тогаш е како да се подготват децата во училиште за утрешниот живот, како да се усогласи потребата на детето за движење и предизвик на новите технологии кои дословно можат да ги заробат?! Затоа мора да се пронајде интеракција во школото, учење низ игра, учење со помош на новите технологии, но и нешто што родителите целосно го забораваат, а тоа се едноставни детски игри: трчање, скокање, прескокнување, ластик, џамлии… Сите делови на мозокот на тој начин се усогласени, поврзани, синхронизирано работат. Ако детето многу време поминува во лежечка или седечка положба, сигурно ја отвора вратата за подоцнежна појава на когнитивни испади“.
Рајовиќ вели дека тој, како некој кој е за новите технологии, сепак вовел некои правила за неговите деца, а тие гласат: еден час седење мора да се компензира со два часа играње, а ако случајно „обработат“ два часа седење, тогаш следат четири часа активности, каде било надвор.
„Јас не сум против новите технологии, корисни се, но можат да бидат и штетни, посебно ако го „заробат детето“, па почнат да го запоставуваат училиштето. Виртуелниот свет станува забавен, а училиштето напорно или досадно. Можно е децата да живеат брзо и сѐ да се случува во кратко време – после видеоигрите во кои ги надминуваат сите проблеми за час, доживуваат многу нервирање, среќа, исчекување, возбуда, тешко е да читаат некоја книга каде се сè случува прилично бавно. Детето нема концентрација, се случува нешто да не може да го повтори откако еднаш ќе го прочита, заборава доста работи и потоа мора повторно да чита. Затоа мораме да им помогнеме на децата во училиште да сфатат дека учењето е игра“.
Педагог од една гимназија во Белград пак истакнува дека новите технологии донесуваат бројни предности, но истовремено дека имаат и маани, посебно кога се злоупотребуваат.
„ Нашиот народ вели: И мед да јадеш секој ден ќе ти стане тешко. Поинаку кажано, не е проблемот во медот туку во нашата употреба на мед“, сликовито објаснува Нада Шкундриќ.
„Експерти кои се занимаваат со деца не говорат за укинување на користење извори (како што е ТВ, интернет), туку за намалување на времето кое децата го поминуваат користејќи ги. Што помали се децата, времето поминато во користење на истите би требало да биде пократко. Во море на сервирани информации, готови заклучоци и решени проблеми кои нудат содржина по пат на интернет, младите сѐ помалку имаат потреба за анализа, логика, дедукција, критично мислење. Тие ученици се со слаб вокабулар, често користат скратеници како во усно така и во пишан говор, смислувајќи и нови скратеници и грст симболи наместо зборови, емоции, имаат често расеано внимание, неправилна примена на правопис, лошо следат и усвојуваат наставни содржини, отсутни се мисловно, имаат нечист ракопис, комуникација лице в лице е сведена на минимум. Последиците од долга употреба на интернет во континуитет, се и разни компликации по здравјето, се поголеми деформитети на кичма поради долго и неправилно седење, оштетување на вид, зглобови.“