,

Интервју Весна Ендровска, „Бела“: Македонската жена е софистирана и знае што сака

Добивај вести на Viber

Таа го создаде духот на модниот бренд Бела, инспириран од модерната и деловна жена, која е софистицирана и ненаметлива. Верува во довербата и лојалноста како начела на кои се гради успехот. Од својата компанија создаде уште едно семејство кое го негува еднакво како нејзиното.  За сите нив се грижи еднакво посветено. Не ги изостава ни потрошувачите. Внимателно го слуша она што тие го бараат. Конкуренцијата ја разбира како предизвик. Таа верува во силата на секоја жена.

Весна Ендровска - дамата која пред 25 години го започна својот бизнис, за Женски Магазин ја открива својата тајна на успехот.

Женски Магазин Какви се Вашите искуства во бизнисот како жена раководител на успешна компанија? Ендровска-Јас не се доживувам како раководител, повеќе би рекла како двигател, организатор, човек кој живее секојдневно со духот на Бела. Всушност не само јас, туку и сите вработени во Бела се чувствуваат како дел од фирмата и воопшто нема таква груба хиерархиска поставеност. Сите сме свесни дека последните 25 години беа тешки и турбулентни за Македонија, а токму во тој период беа и почетоците на Бела која изминатата година го прослави својот јубилеј. Постепениот развој низ годините, почнувајќи од мала фирма, до она што е Бела денес, можеби се должи на мојот карактер секогаш да се оди на safe side, a од друга страна лојалноста и довербата на клиентите, како и зголемената побарувачка од нивна страна. Сето ова придонесе за Бела да стане препознатлив бренд, и тоа не само во Македонија. Женски Магазин Како е да се работи во модната индустрија во Македонија? Какво е чувството кога можете директно да ги донесете светските трендови помеѓу Вашите сограѓани? Ендровска-Од година во година со сè поголемата конкуренција, а и зголемената присутност на поголем број светски брендови, се наметнува брзо темпо на работа. Тоа подразбира проширување на тимот, следење на сите технолошки алатки и новитети, и постојано надградување на развојната стратегија. Без разлика што Македонија е земја со низок стандард, сепак македонската жена го следи светскиот тренд и ако можеме да изведеме заклучок од нашите потрошувачи, вкусот на македонската деловна жена е софистициран и ненаметлив.   Женски Магазин Моделите на Bella отсекогаш биле во тек со последните светски трендови, но секогаш успевате да задржите една препознатлива нишка во вашите колекции. Дали беше тешко ова, да се следат светските трендови? Ендровска-Да се изгради стилот на еден бренд всушност значи да се постигне препознатливост. Особено ме радува што новите членови на тимот одлично се вклопија во нашиот стил, особено младиот дизајнер Ана Ендровска која внесува свежина во моделите, но сепак ја задржува препознатливата линија на Бела. Инаку, сè зависи од перцепцијата за „тешка работа“. Да се работи во полето на текстилот е особено деликатна работа, и таа си има своја тежина, но кога се доживува како предизвик, тогаш е задоволство. Женски Магазин Bella е посебно позната по зимските капути, дали зад ова се крие некоја Ваша лична пасија кон нив? Ендровска- Најверојатно зимските капути ги споменуваме бидејќи интервјуто го правиме во ноември кога капутот е неизбежен дел од гардеробата. Точно е дека со особено внимание се прави зимската колекција и линијата на капути бидејќи се користат висококвалитетни материјали, како 100% волна или комбинација на волна со кашмир, а внимаваме да не се фокусираме само на капути со добар дизајн и изглед, туку и да им дозволиме да си ја вршат и нивната примарна функција, да топлат. Женски Магазин Во облеката која ја креирате преовладуваат природните материјали. Колку е тешко да се изведат парчиња облека кои се истовремено удобни, модерни и атрактивни? Ендровска- Природните материјали се користат често и се бираат во зависност од сезоната, за топлите денови памук и лен, а за зимските волна. Но, одредени модели и кроеви бараат комбинирани и синтетички материјали, кои доколку се со фина крајна обработка му даваат други вредности на производот, како удобност и издржливост и се лесни за одржување. Женски Магазин Покрај сите промени во модните трендови, што е она што забележувате дека не губи од атрактивност, во поглед на бои, материјали, крој? Ендровска- Во поглед на боите секако дека црната и белата се секогаш присутни, меѓутоа за модните трендови, без разлика што во секоја сезона имаме навраќање на трендовите од 50тите60тите70тите, сепак моделите содржат во себе една нишка која го одредува времето на сегашноста. Женски Магазин Дали сметате дека кај нас се држи до класиката кога е модерната деловна жена во прашање? Ендровска- Ако под класика се подразбира костим и кошула како дел од гардеробата на секоја деловна жена, сепак во секоја сезона треба да се вметне дискретен детаљ, или нов крој, за финалниот изглед да добие една свежа димензија. Женски Магазин Финалната фаза на вашиот систем за грижа на корисници е „крој по мерка за совршен изглед“. Можете ли да нѝ кажете нешто повеќе за тоа? Ендровска- Крој по мера за совршен изглед“ подразбира грижа за потрошувачите. Во консултација со производството се прават корекции од стручни лица кои не дозволуваат да се отскокне од самиот дизајн на продуктот, но сепак истиот да се адаптира на фигурата на потрошувачот. Предноста е во тоа што ние сме локален бренд и оваа услуга може да се овозможи на истото место каде што се произведени моделите, користејќи ги истите помошни материјали од кои е изработен самиот продукт. Женски Магазин Какви се плановите на Bella за периодот кој следи? Ендровска-- Јас имам целосна доверба во младиот тим што работи на развојот на Бела. Тие се подготвени за инвестиции, проширување и технички развој на компанијата, јас ги поддржувам и се радувам што постои ентузијазам од нивна страна. Исто така, како и до сега Бела ќе продолжи да дејствува и во хуманитарни цели и да биде општествено одговорна компанија. Периодов сме посебно насочени на тој аспект, во процес на подготовка сме на едно хуманитарно движење, но за тоа ќе ве информираме официјално во наредна прилика.